ФОТО | Еден удар можел да ја активира – опасна граната од Првата светска војна најдена кај границата со Грција
Опасна неексплодирана граната од Првата светска војна е пронајдена денеска во близина на границата со Грција, во местото наречено „Ќупот“, југозападно од Гевгелија.
Препорачано
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека станува збор за артилериска граната од 75 милиметри, која веднаш била обезбедена од надлежните служби.
Пиротехничарите предупредуваат дека пронајденото неексплодирано убојно средство е исклучително опасно и дека може да има смртоносно дејство во радиус до 150 метри. Според нив, доволен е само еден удар за да дојде до активирање и експлозија.
Пиротехничарот од ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, појасни дека гранатата е од типот топовски проектили од Првата светска војна. Најверојатно станува збор за испукана, но неексплодирана граната која останала активна.
Тој предупреди дека и најмал удар може да предизвика моментална експлозија, поради што средството се третира како исклучително опасно.
Гранатата ќе биде безбедно транспортирана и уништена на армискиот полигон „Криволак“, според протоколите за уништување неексплодирани убојни средства.
Ангелов апелира до граѓаните, доколку забележат сомнителни предмети што наликуваат на експлозивни средства, да не ги допираат и веднаш да пријават на бројот 112.


