Пратеници на седница во Собрание / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Власта зад затворени врати ја убедува опозицијата да не го блокира Изборниот законик

Според информациите, и да не падне договор да се спречи филибастерин ,власта се очекува попладне да закаже комисиска расправа за изборната регулатива.

ВМРО-ДПМНЕ зад затворени врати на средба во Собранието со координаторите на пратеничките групи ќе направи обид да спречи блокада на измените на Изборниот законик од СДСМ и од Левица и да обезбеди консензус, брифираат за „Слободен печат“ од владејачката партија. Според информациите, и да не падне договор да се спречи филибастерин ,власта се очекува попладне да закаже комисиска расправа за изборната регулатива.

СДСМ веќе најави дека со 10.000 амандмани ќе го блокира Изборниот законик, а блокада најави и Левица. Според СДСМ, со измените на изборната регулатива власта подготвува терен за изборна измама, Левица смета дека се врши политичка дискриминација, додек ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека ја кочи реформската агенда.

Изборниот законик без консензус на нова седница попладнево

Лидерот на СДСМ Венко Филипче стравува од злоупотреба на изборниот процес и порача дека ваков закон Собранието не смее да донесе. За СДСМ спорен е предлогот за електронско гласање на дијаспората бидејќи нема доволно механизми за контрола, промената во начинот на означување на гласачкото ливче и ограничување на приговорите само ако се внесени во записниците.

Координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов го оспори консензусот за кој власта тврди дека е постигнат.

-Не е точно дека сте имале каков било консензус од партијата Левица за овој документ. Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска – рече Крмов.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев рече дека останува на ставот дека државното финансирање на изборните кампањи мора да важи еднакво за сите партии или воопшто да не постои.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку Фејсбук реагираше дека опозицијата има шанса да ја поддржи европската иднина преку реформи.

„Блокираат закон кој со месеци го договараа. Закон во кој им прифативме сѐ што предложија. Единственото нешто што побаравме е дијаспората да може да гласа по електронски пат уште на следните претседателски избори. Прво го прифатија, а денес го блокираат и бараат бледи алиби-аргументи“, смета Мицкоски.

Тој на опозициските пратеници им напиша и амандман кој им го понуди да го предложат.

 „Ајде вака: предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога во светот вештачката интелигенција ќе има клучна улога“, порача премиерот.

СДСМ подготви 10.000 амандмани за Изборниот законик: „Кражба на избори нема да има“

Собранието вчера со 59 гласа „за“ ја изгласа потребата да се донесе законот по скратена постапка.

Изборниот законик пред нова пречка – Левица најави блокада

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот