СДСМ подготви 10.000 амандмани за Изборниот законик: „Кражба на избори нема да има“
СДСМ ќе поднесе 10.000 амандмани за Изборниот законик за кој попладнево Собранието ја изгласа потребата од носење по скратена постапка, најави партискиот лидер Венко Филипче.
Препорачано
„Наскоро граѓаните ќе видат како изгледа криминален закон. Нема да дозволиме изборна кражба.10.000 амандмани спремни“, напиша Филипче на социјалните мрежи, објавувајќи фотографии од работна атмосфера во пратеничката група на СДСМ.
СДСМ се повлече од работната група за Изборниот законик затоа што имаше забелешки на неколку точки кои, уверуваат, не се европски и демократски.
Според опозициската партија, носењето на Изборниот законик е алиби на власта за исполнување на Реформската агенда, а всушност целта е да се направи контролиран систем на гласање на изборите.
„Кражба на избори нема да има“, порача Филипче.
Блокада најавија и од Левица чии претставници учествуваа во работната група, но тоа според претседателот на партијата Димитар Апасиев во никој случај не значи дека дале согласност за понудените решенија.
ВМРО-ДПМНЕ оцени дека бојкотот на СДСМ е нивно алиби за изборниот дебакл на следните избори.


