Девојка во базен / Фото: Wikimedia Commons

Костимот за капење половина открива или покрива? Општина Тетово молчи за „женските термини“ на градскиот базен

Во јавноста и во медиумите се отвори жестока дебата дали на градскиот базен во Тетово треба да има посебни термини за капење само за жени и дали таквата одлука води кон сегрегација и дискриминација или, пак, до поголем пристап за жените до јавните објекти.

Општина Тетово и понатаму молчи на чие барање и како решила на градскиот базен да се воведат „женски термини“ за капење, двапати во неделата по четири часа. „Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со градоначалникот на Тетово Билал Касами, но безуспешно. На нашите прашања – кој ја донел одлуката, имајќи предвид дека за неа не се дискутирало ниту се одлучувало на Советот на Општината, не добивме одговор. Одговор не добивме ниту на прашањето на чие барање е донесена одлуката, дали може да го добиеме барањето или барем да ни го пратат образложението напишано во него.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за „Слободен печат“ велат дека секоја мерка со која се прави разлика во пристапот до јавна услуга или јавен објект мора да биде заснована на закон или на соодветна одлука, да има легитимна цел и да биде неопходна и пропорционална за нејзиното остварување.

Во конкретниот случај станува збор за јавен спортски објект што се финансира со јавни средства и е наменет за користење од сите граѓани. Секое ограничување на пристапот или на користењето на објектот мора да биде јасно, објективно и законски оправдано. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го следи случајот и ќе се обрати до Општина Тетово со цел да утврди дали е донесена формална одлука за воведување ваква мерка, дали ѝ претходела соодветна анализа за нејзината потреба и која е легитимната цел што се настојува да се постигне со нејзиното донесување – ни изјави претседателот на Комисијата, Душан Томшиќ.

Сегрегација или лепење етикети

Во јавноста отпочна жестока дебата дали на базен треба да има посебни термини за капење само за жени и дали тоа води кон сегрегација и дискриминација.

Професорката Мирјана Најчевска, експерт од областа на човековите права, за „Слободен печат“ е децидна дека базенот е изграден со пари на граѓаните и дека треба да се направи сериозно истражување дали ваквата одлука е донесена на барање на жените, односно дали има одлука на ниво на Општина. Според неа, објект изграден од парите на сите граѓани не смее да промовира сегрегација.

Потребно е да се стимулира заедницата, а не да се спроведува сегрегација на штета на жената. Целиот простор треба да биде сигурен за жената, не таа да се изолира под изговор дека била загрозена нејзината безбедност. Утре може некој ќе каже не е безбедно на улица, па да се донесе одлука жените да не излегуваат надвор по 10 часот и така ќе се вратиме назад во минатото – вели Најчевска и додава дека Уставниот суд мора без никаква иницијатива да реагира на оваа отворена дискриминација направена од јавна институција.

Новинарот и уредник на „Цивил медија“ Џабир Дерала во колумна посочува дека дебатата во јавноста не треба да се води со потсмев, етнички навреди и премногу лесно лепењето етикети за „назадност“.

Жените што бараат пристап до јавен базен не се назадни. Назадни се оние чиј прв рефлекс е да шират омраза и страв наместо да постават неколку логични прашања. Мојот заклучок е – да, јавен базен може да има ограничени женски термини ако целта е поголем пристап, безбедност, приватност, рекреација, здравје и учество на жени кои, инаку, би останале исклучени од јавниот спортски и рекреативен простор. Особено ако таквата мерка е јасно образложена како политика на еднаквост и пристап, не како религиска порака, морална норма или модел за одвојување на жените од јавниот живот. Мерката навистина може да се прочита како културен или религиски аргумент за скромност од верски побуди. Секогаш постои ризикот јавниот простор да почне да се прилагодува на идејата дека одвојувањето на жените и мажите е општествена норма. Тоа е моментот во кој секуларноста, еднаквоста и улогата на властите може да станат предмет на дискусија. Од друга страна, ако дел од жените ја користат оваа одлука во согласност и со своите верски убедувања – имаат право на тоа – смета Дерала.

Можеби зад барањето стои група мажи?

Новинарот Ѕвездан Георгиевски, пак, смета дека со тоа што Општината не открива на чие барање е донесена одлуката, лесно може да се помисли дека „женските термини“ за капење се воведени на барање на мажи.

Тетовските општински власти наведуваат дека воведувањето на „женските термини“ се воведени по барање на жените и, ете, излезено им е во пресрет. Не е наведено кои жени и како го доставиле ова барање? Протестирале пред портите на базенот со феминистички транспаренти? Доставиле петиција до директорот на базенот или до градоначалникот? Или, пак, стоеле пред канцеларијата на градоначалникот? Можеби добил безброј телефонски повици со ова барање? Конечно, не видов дека која било граѓанска организација застана зад тоа барање. Во таа смисла, зошто да не помислам, на пример, дека не група жени, туку група мажи побарале нивните жени да не се мешаат со други мажи? – прашува Георгиевски во колумната објавена на „Призма“.

Како што веќе објави „Слободен печат“, тоа што некој во Општина Тетово решил без одлука на Советот на Општината да воведе посебни термини во кои ќе може да се капат само жени и девојки на градскиот базен, а на мажите ќе им биде забранет пристапот, можеби ќе стане предмет на разгледување на Уставниот суд.

Одлуката жени и мажи да не се мешаат на базенот во Тетово можеби ќе заврши на Уставен суд

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот