Базенот во Тетово, фото официјална Фејсбук страница на општина Тетово
Базенот во Тетово, фото официјална Фејсбук страница на општина Тетово

Одлуката жени и мажи да не се мешаат на базенот во Тетово можеби ќе заврши на Уставен суд

Советникот од Левица во Советот на Општина Тетово, Боби Илиевски, тврди дека одлуката за посебни термини за капење на градскиот базен не била разгледувана ниту изгласана на Советот, туку била донесена самоволно од градоначалникот Билал Касами. Според него, ваквиот потег е недозволив и претставува своеволно менување на правилата за користење на базенот, вклучително и на термините и цените на билетите.

Тоа што некој во општина Тетово решил без одлука на Советот на општината да воведе посебни термини во кои ќе може да се капат само жени и девојки на градскиот базен, а на мажите ќе им биде забранет пристапот, можеби ќе стане предмет на разгледување на Уставниот суд.

Уставниот суд не ја исклучува можноста и по сопствена иницијатива да ја оцени уставноста и законитоста на одлуката на Општина Тетово со која наводно капењето на градскиот базен во среда и во сабота е дозволено само за жени. Меѓутоа, за да може Судот да постапува, неопходно е претходно да се обезбеди веродостојноста на информациите, односно да се утврди постоењето и содржината на таквата одлука. Потоа, судиите треба да имаат можност да ја разгледаат и проучат одлуката на работен состанок. Доколку се потврди веродостојноста и Судот изрази сомнеж и се определи да поведе постапка по сопствена иницијатива, јавноста ќе биде навремено известена, велат оттаму за „Слободен печат“.

Ова доаѓа откако на официјалната фејсбук-страница на Општина Тетово, на 10 јуни годинава беше објавено дека на градскиот базен се воведуваат термини за капење само за жени и за девојки – секоја среда и сабота од 8 часот и 30 минути до 12 часот на пладне.

Дури и цената на билетите за жените и за девојките е пониска отколку за мажите и изнесува 100 денари наспроти 150 денари за мажите. Според Назми Даути, раководител на секторот за јавни дејности на општината „граѓаните и граѓанките го побарале тоа зашто не сакале да има мешање на жените со мажите“.

Ваков вид на полова сегрегација е вообичаена само за некои исламски држави.

Даути: Одлуката останува во сила

Денеска Даути на нашето прашање дали општината останува на одлуката или ќе ја промени, одговори дека одлуката останува во сила. Тој нѐ упати да испратиме официјални прашања до општина Тетово, но до објавувањето на овој текст, одговори не добивме.

Нашите прашања беа дали општината има донесено правен акт со кој одлучува градскиот базен во Тетово во среда и сабота од 8:30 до 12 часот да биде отворен само за женски лица, дали Советот на општина Тетово има дискутирано и гласано за таков предлог и доколку не се испочитувани претходно наведените чекори, со каков правен основ и кој ја има донесено оваа одлука.

Прашавме и колку лица побарале полова сегрегација на базенот и дали општината има писмен документ со барањето.

Советникот Илиевски го впери прстот во Касами

Советникот на Општина Тетово од партијата Левица Боби Илиевски прстот го вперува директно во градоначалникот Билал Касами.

— Ова е самоволие на градоначалникот на Тетово Билал Касами и неговите коалициски партнери од ВМРО-ДПМНЕ. Ова никаде во светот го нема. 21 век е и вакви правила не сум сигурен дали важат во Ирак и во Иран. Секоја точка што се гласа на советот има потточка за градоначалникот сам да може да ја менува и да си носи своеволни одлуки. На Совет воопшто не се дискутираше ваква одлука и советниците немаат гласано за такво нешто. Градоначалникот сам си одлучил, а на официјалната страница на општината беше објавено кои денови да пливаат машки, во кои женски и цените на билетите на градскиот базен — изјави за „Слободен печат“ советникот од Левица во Општина Тетово Боби Илиевски.

„Одлуката произлезе на барање на некое здружение“

Советникот на Општина Тетово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангел Карапетров, за „Слободен печат“ изјави дека одлуката произлегла на барање на некое здружение.

— Таа не е помината на совет, оваа одлука ја има донесено секторот за јавни дејности. Има одделение за спорт од таму е произлезена, по барање на некое здружение. Јас од медиуми слушнав за одлуката и се чудев — ни рече тој.

Конкретен одговор дали советниците ќе ја проблематизираат одлуката, не даде.

За Градскиот базен, кој е од покриен тип, потрошени се над 800 илјади евра, буџетски пари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот