Базенот во Вашингтон го рефлектира ликот на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп ја почна војната во Иран ветувајќи решителен исход. Но, кревките и привремени мировни услови постигнаа малку, и покрај значителните воени и економски трошоци. Со години претседателот тврдеше дека само тој – меѓу светските лидери и поранешните американски претседатели – може да постигне траен договор со Иран.
Рефлекторскиот базен стана метафора за политичкиот стил што ги обележа двата мандата на Доналд Трамп.
Препорачано
На 21 јули 2016 година, Трамп се обрати на Републиканската национална конвенција. Стоеше на говорницата во Кливленд и ја изговори една од речениците што ќе ја обележат неговата политичка кариера.
– Никој не го познава системот подобро од мене, и токму затоа само јас можам да го поправам – изјави тој.
Кога Трамп влезе во Белата куќа, јавноста бргу дозна што мислел со тоа.
Тој ги посочува проблемите, честопати создадени токму од него, за потоа драматично да се појави како спасител или да ги нападне оние што му стојат на патот, пишува „Ројтерс“.
Откако неговата администрација раздвојуваше имигрантски семејства на границата меѓу САД и Мексико, Трамп се фалеше со нови напори тие семејства да останат заедно.
Кога неговите царини предизвикаа странски контрамерки против американските земјоделци, тој создаде фонд за помош за да ја надомести штетата. Трамп, без докази, ширеше сомнежи за американските избори, па се претставуваше како бранител на „интегритетот на гласањето“.
Трамп „ги решава“ проблемите што ги создава
Овој изразито „трамповски“ политички модел во последните месеци е присутен речиси насекаде – вклучително и кај Рефлекторскиот базен.
Претседателот нареди обнова на споменикот, која се покажа, благо речено, проблематична. Бојата на базенот во нијанса „американско знаме сино“ почна да се лупи, а големо цветање на алги ја задуши водата
Трамп, без да наведе докази, тврдеше дека вандали се прикрале во строго надгледуваниот простор во средиштето на главниот град и со нож или со жилет пресекле 350 стапки од заптивката на базенот. Базенот сега мора да се испразни, рече Трамп, и да се закрпи.
„Потрошив приближно 16 милиони долари и излезе одлично, освен вандализмот, кој сега го поправаме“, напиша тој на социјалните мрежи.
Американскиот претседател повторно се поставува како решение откако го создал проблемот, пишува „Ројтерс“.
Извештаите, пак, укажуваат дека проблемите произлегуваат од самата обнова, а не од вандализам.
Дали ќе опстои планот за крај на војната во Иран?
Случајот со Рефлекторскиот базен отвора простор за поширока анализа на мандатот на Трамп и на неговиот политички модел – создавање криза, преземање улога на спасител и примена на истиот пристап во далеку посериозни прашања, како војната со Иран.
Во тој контест, постои причина и за загриженоста дали прелиминарниот договор за крај на војната ќе опстои.
Во секој случај, пишува „Ројтерс“, Трамп сега повторно може да ја игра улогата на човекот што „поправа“.
Тоа ја илустрира една од централните карактеристики на неговата политика. Успехот честопати не се мери според тоа дали проблемот бил спречен, туку според тоа дали тој може да биде виден како силно реагира откако проблемот веќе постои – без оглед на тоа кој го предизвикал.
Во четвртокот, Трамп побара од Конгресот 87,6 милијарди долари за пополнување на резервите на муниција и за одговор на епидемијата на ебола во Африка.
Барањето го потврдува истиот модел: војната со Иран ги исцрпи резервите на муниција до критично ниво, додека на САД им требаат дополнителни средства за помош против ебола, откако кратењата на Трамп во дипломатските и јавно-здравствените програми ја ослабнаа способноста на владата да одговара на кризи.
„Безусловна капитулација“
За да ја реши војната со Иран, која самиот ја започна, Трамп првично изјави дека ќе му треба „безусловна капитулација“ од Исламската Република.
Сега, само за да почнат преговори за траен мир, САД се согласија да ослободат десетици милијарди долари замрзнати ирански средства и да дадат зелено светло за 300 милијарди долари исплати за реконструкција на Исламската Република.
За возврат, САД и Иран во голема мера се вратија на состојбата пред конфликтот: Ормускиот Теснец е отворен, Иран и натаму има залихи на нуклеарен материјал и капацитет за балистички ракети, а владата на Исламската Република сè уште може да финансира милитантни сојузници во регионот.
Америка потроши многу, а постигна малку
Трамп ја почна војната ветувајќи решителен исход. Но, кревките и привремени мировни услови постигнаа малку, и покрај значителните воени и економски трошоци. Со години Трамп тврдеше дека само тој – меѓу светските лидери и поранешните американски претседатели – може да постигне траен договор со Иран.
Во вторникот, Сенатот усвои двопартиски закон со кој му наложува на Трамп да ги прекине непријателствата со Иран, што претставува силен укор за претседателот. Републиканците во Сенатот потоа се премислија во средата вечерта, блокирајќи посебна мерка со која се бараше крај на војната.
Трамп реагираше на социјалните мрежи на првото гласање, обвинувајќи ги пратениците од сопствената партија дека се обидуваат „да му помогнат и да го утешат непријателот“, додавајќи:
– Овие сенатори само ми ја отежнаа работата, но ќе ја завршам, на еден или друг начин, затоа што јас секогаш ја завршувам!
И токму тоа е поентата, заклучува „Ројтерс“ – создај криза, преземи ја улогата на спасител, повтори.


