Рафаел Гроси/ фото: МИА

Шефот на МААЕ: Се надевам дека наскоро ќе бидеме во Иран

Привремениот мировен договор меѓу САД и Иран им овозможува на нуклеарните инспектори на ОН пристап до Иран, рече денеска шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси, откако Техеран изјави дека клучните локации ќе останат затворени додека не се постигне конечен договор со Вашингтон и не се укинат санкциите.

САД и Иран минатата недела потпишаа меморандум за разбирање со кој се отвори патот за 60-дневни разговори за решавање на најтешките отворени прашања, вклучително и оние поврзани со нуклеарната програма на Иран. Иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Казем Гарибабади, завчера изјави дека нема планови за давање пристап на инспекторите. Но, Гроси денеска рече дека мора да се спроведат инспекции.

„Постои договор и за да се почитува тој договор, МААЕ ќе мора да има пристап и да спроведува инспекции. Се надеваме дека наскоро ќе бидеме таму“, изјави Гроси на прес-конференција во Јапонија, објави Ројтерс.

Инспекторите на ОН веќе одржаа почетни разговори со иранските претставници за технички прашања, додаде тој. Првата цел на секоја посета на Иран би била да се потврди дека печатите на МААЕ на претходно инспектираниот материјал се недопрени и дека не недостасува ниту еден материјал.

„Намерите не се доволни. Треба да воспоставиме многу робустен систем за верификација“, рече Гроси.

Иран не му кажал на надзорниот орган колку од неговиот збогатен ураниум ги преживеал нападите на САД и Израел или каде се наоѓа.

МААЕ проценува дека Иран имал 440,9 кг ураниум збогатен до 60 проценти пред почетокот на конфликтот. Доколку се спроведе понатамошно збогатување, тоа би било доволно за производство на десет нуклеарни бомби, според критериумите на агенцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот