ВИДЕО | Со метална жица и платно биле оградени волците што избегаа и усмртија животни во Зоолошка градина
„Анима мунди“ објавија видео од живеалиштето на белите волци во скопската зоолошка градина, кои, според видеото, биле „заштитени“ со метални жици од кои се формирала ограда, а на долниот дел од оградата бил поставен текстилен материјал зацврстен со еден камен кој очигледно бил единствениот механизам на безбедност кој ги спречувал животните да се протнат под оградата.
Откако вчера во јавноста се појави информацијата за бегството на бели волци од нивното живеалиште во скопската Зоолошка градина, по што нападнале и усмртиле кенгури и ему птици, во јавноста се разгоре оваа тема и едно од најчесто поставуваните прашања од граѓаните е како волците успеале да ископаат дупка без никој да ги забележи и како овие предатори релативно лесно го напуштиле живеалиштето.
Препорачано
Бели волци од ЗОО Скопје ископале дупка и избегале од живеалиштето, па усмртиле кенгури и ему птици
Одговор на прашањето како волците воопшто успеале да избегаат даде здружението за заштита на животните „Анима мунди“, кои на нивниот Фејсбук профил објавија видео од живеалиштето на белите волци во ЗОО-градината, кои, според видеото, биле „заштитени“ со метални жици од кои се формирала ограда, а на долниот дел од оградата бил поставен текстилен материјал зацврстен со еден камен кој очигледно бил единствениот механизам на безбедност кој ги спречувал животните да се протнат под оградата.

Сепак, на видеото се гледа како дел од волците успеваат да ги протнат своите шепи преку скинатиот материјал под оградата, правејќи ја целосно компромитирана, а очигледно тие по одредено време и со малку напор успеале да избегаат од нивното живеалиште и да усмртат четири кенгури и неколку ему птици.
Од „Анима мунди“ посочија дека оваа ограда не остава впечаток дека волците биле на безбедно, туку напротив, отвора сериозни сомнежи дали зоолошката градина, како што велат, ги обезбедила мининалните стандарди за спречување на бегство.
-Ако ова е заштитата на живеалиштето на волците, тогаш имаме сериозен проблем. Оградата што се гледа на снимката не остава впечаток на безбедносен систем соодветен за чување диви животни. Напротив, отвора сериозни сомнежи дали воопшто биле обезбедени минималните стандарди за заштита и спречување на бегство. Под ваква ограда бега куче со 15 минути копање, а не волк. Безбедноста на диви животни не смее да се обезбедува со импровизација. Не смее да зависи од среќа. И не смее да се правда со молк. Не, не е вина на само сегашниот директор, ова вака опстојува во континуитет- велат од здружението.
Од „Анима мунди“ повторно побараа ЗОО Скопје итно да се затвори се додека не се изврши независен инспекциски надзор на сите живеалишта, огради, кафези и безбедносни системи. Исто така, останатите барања се независна истрага за бегството на волците, усмртувањето на животните и утврдување на одговорност за сите пропусти, како и мораториум на размножување и внесување нови животни додека не се обезбедат услови што ги исполнуваат законските и стручните стандарди.
-Бараме план за затворање на ЗОО Скопје и негова трансформација во спасувачки и рехабилитациски центар за животните што веќе се таму. Институција што не може да гарантира сигурност за животните што ги држи во заробеништво, не може да гарантира ниту безбедност за граѓаните- изјавија од „Анима мунди“.
По лавината реакции во јавноста и од здруженијата за заштита на животните, речиси 24 часа нема никакво јавно соопштение, демант или официјален став од ЗОО Скопје, туку само молк за овој наводен инцидент.


