Мицкоски не очекува промени во интегративниот процес, за протечената дипломатска нота вели дека е организирана кампања
„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции, но затоа двете, според мене највлијателни земји-членки Франција и Германија, дадоа еден предлог во којшто истовремено ќе го забрзаат интегрирањето и ќе му понудат можности на регионот како нивен приоритет“.
Препорачано
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во Отвореното студио на Националниот сервис по повод две години Влада.
– Претходната влада, притисната од неуспехот да испорача дома, буквално беше во состојба бел лист хартија да потпишеме, мислејќи дека на тој начин ќе ја добие милоста да продолжи да биде влада. Очигледно дека таа стратегија не успеа и тие се сега опозиција и таму кај што се. Но сега проблемот ние го имаме, како и многу други проблеми кои што треба да ги решаваме. Нашиот пристап кој е? Ние велиме во ред, ние не можеме да го игнорираме слонот. Слонот е во собата, но ајде да видиме дали е ова последно. Вие велите ова е последно. Ако е тоа така, дајте тоа да го формализираме некако. Видете и тоа не е гаранција. Ние имавме пресуда од Европскиот суд на правдата во Хаг против нашиот јужен сосед, пресуда дека сме во право, па повторно не блокираа, кога дојде ред да се интегрираме во НАТО. Но е подобро од ништо, бидејќи секој заклучок ја добива поддршката институционално од сите земји членки – истакна Мицкоски.
Тој го повтори ставот дека правилата треба да се почитуваат обострано но, како што нагласи, источниот сосед не сака да ги спроведе своите обврски и да ги спроведе пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за да не дадат легитимитет на припадниците на македонската заедница во Бугарија.
– Нашиот источен сосед има преземено обврски да ги почитува човековите права, ратификувал резолуција, што значи треба да ги обезбеди човековите права на македонската заедница така што овие пресуди од Судот за човекови права од Стразбур ќе ги имплементира. Со други зборови, ќе им дозволи на припадниците на македонската заедница да се организираат, културно, социолошки, општествено. Тие тоа не го прават, затоа што таа живковистичка политика која трае со децении, негаторска кон македонскиот идентитет им внесува страв во коски, бидејќи на тој начин тоа здружение ќе има право да има свој претставник во Министерскиот совет за малцинства и ќе се легитимира и идентификува, тоа им е најголемиот проблем – потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно посочи дека бугарските политичари не се откажуваат од Протоколите 1 и 2, каде се охрабрува работата на историската комисија до влезот на Македонија во Европската Унија.
– Во политиката мора стратешки да ги гледате работите пред да ставите потпис. Кога ќе го ставите потписот претходно мора да имате пред-текст на што ставате потпис и да антиципирате можни предизвици. Кога ќе ни каже некој да го смениме Уставот, добро, но што потоа, затоа што оваа трка немаме намера да ја почнеме, имаме намера да ја завршиме. Нашата цел како влада е со мудрост, тактика, стратегија да се обидеме да го исправиме тоа кое е погрешно направено – изјави премиерот.
Во однос на тоа кои биле мотивите за објавување на дипломатската нота, Мицкоски оцени дека тоа е организирана кампања, која што е забележлива во овој период.
– Ниски страсти и организирана кампања која овој период е забележлива. Ние сме зафатени со реконструкцијата и го користат слободниот простор, еден, двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто кое никој не може да го прифати. Ова е еден поширок обид за влијание тука. Прилично искусен човек дипломат, на еден наш заеднички разговор многу одамна, пред 7-8 години на почетоците мои како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ми рече ако некогаш помислиш дека работите во политиката се случиле случајно, верувај не е така, не си во право, затоа што ти само не си бил информиран тоа што некој го планирал. Така што јас многу малку верувам во случајност во политиката – рече Мицкоски.


