Црногорската полиција уапси ирански хакер — ја оштетил Америка за 3,4 милијарди долари
Во Црна Гора е уапсен припадник на Иранската револуционерна гарда, 39-годишниот Амир Барати, кого САД го обвинуваат дека преку хакерски напади ѝ нанел штета на американската инфраструктура во износ од 3,4 милијарди долари, објави „Вјести“.
Препорачано
„Службениците на Секторот за спречување криминал – НЦБ Интерпол Подгорица, тимот ФАСТ за меѓународни целни потраги, во соработка со службеници на Одделението за безбедност Котор, постапувајќи по директно барање за апсење издадено од надлежните органи на Соединетите Американски Држави и од канцеларијата на Федералното истражно биро (ФБИ), го лоцираа и денеска на територијата на општина Котор го лишија од слобода А.Б. (39), државјанин на Турција и на Иран, високопрофилна мета на потрага во областа на сајбер криминалот и организираниот криминал, со цел да се обезбеди негово присуство во кривичната постапка што се води против него во САД, пред Високиот суд во Њујорк, по повеќе обвиненија“, соопшти Управата на полицијата.
Севернокорејски хакери краделе идентитети на луѓе од Србија и од Босна и Херцеговина
Оттаму наведуваат дека тој е обвинет за кривични дела – заговор за компјутерска измама и компјутерско хакирање, како и за кражба на идентитет.
„Имено, од 2013 година, како соработник на правно лице од територијата на Иран, тој извршувал масовни хакерски напади врз инфраструктурата на Соединетите Американски Држави – врз повеќе од 150 универзитети во САД, при што предизвикал штета проценета на повеќе од 3,4 милијарди американски долари. Украдените податоци, како и пристапот до компромитирани универзитетски налози, биле користени во корист на ИРГЦ (Корпусот на чуварите на исламската револуција) и други ирански корисници, меѓу кои и универзитети со седиште во Иран“, се вели во соопштението.
Според Управата на полицијата, акцијата ја спровел тимот ФАСТ за меѓународни потраги при НЦБ Интерпол Подгорица, со што била продолжена успешната соработка со Федералното истражно биро.
Во изминатите три години, преку оваа соработка во Црна Гора биле пронајдени и уапсени седуммина барани од ФБИ и американските правосудни органи.
Од полицијата наведуваат дека сите биле лоцирани за кратко време, благодарение на прецизна размена на разузнавачки информации.
Уапсениот А.Б. ќе биде изведен пред истражен судија во Вишиот суд во Подгорица, по што ќе продолжи постапката за негова екстрадиција во САД.


