Фото колаж „Слободен печат“ Методи Здравев и фотографија од лекот „фостер“
Фото колаж „Слободен печат“ Методи Здравев и фотографија од лекот „фостер“

„Не е тоа лек од Бангладеш или од Пакистан, па да се сомневаме“, вели директорот на ФЗОМ Сашо Клековски за конкурентот на „фостер“ поради кој Фондот ќе заштеди 50 милиони денари годишно

Фондот за здравствство минатата недела на 18 јуни додал нови лекови во 10 категории, за да направи конкуренција на пазарот, што предизвика дел од досегашните лекови да бидат поскапи за пациентите, со оглед на тоа што тие сега треба да плаќаат повисока доплата за нив. Но, според директорот на ФЗОМ Сашо Клековски за секој од овие лекови, има бесплатна верзија која пациентите доколку се одлучат, ќе може да ја подигаат од аптеките без доплата и на целосен товар на Фондот.

На прашањето на „Слободен печат“ што кога  лекарите препорачуваат конкретен бренд на лекови (тој што постоел 15 години и е етаблиран) и тоа што пациентите веќе имаат создадено доверба во брендовите што поскапија, Клековски рече дека законски, лекарите мора да препишат генеричко име на лекот, а во аптека пациентот сам треба да одлучи кој ќе го подигне, дали тој што е без пари или тој за кој ќе доплати.

-Докторите не препишуваат брендови. Матичните лекари препишуваат генерика. На рецептата мора да е препишана генерика, се друго е злоупотреба. Во аптека мора да биде понудена генерика и да има избор. Тоа е законот. Дали докторот сугерира одреден лек, тоа е во доменот на злоупотребите и се трудиме да ги намалиме тие злоупотреби. Наша обврска е да обезбедиме пристап до генерика и на позитивната листа вклучуваме генерика. Во најголем дел од категориите за крвен притисок има по десетина производители и лекарот не смее да сугерира бренд. Во повеќето категории има лекови со доплата и без доплата и пациентот одлучува кој ќе го земе, рече Клековски.

Запрашан зошто лековите во странство во околните држави, се поевтини отколку во Македонија Клековски рече дека во Македонија генерално има проблем со цените за многу работи, вклучително и за цените на лековите, поради малиот пазар.

-Имаме повисоки цени во сите категории поради ограниченоста на пазарот. Македонскиот пазар е најмал пазар во регионот и кога сте мал пазар повисоки се цените. Имунотерапијата „кејтруда“ за пациенти со карцином во Македонија купуваме 6 илјади вијали, а Бугарија купува 65 илјади вијали. Нормално цените во Бугарија се пониски на „кејтруда“ отколку во Македонија. Зборувам за легитимни лекови и за легитимни извори. Морам да предупредам дека дел од продажбата од непотврдени извори од земји кои немаат соодветни стандарди за работа за лекови, не би сакал да ги коментирам. Мора да се направи конкуренција. Фармацевтските куќи реагираат зашто 10 години не се менуваше позитивната листа и интересот за Македонија бил никаков. Бидејќи повеќето од нив сакаат пристап до позитивната листа, рече Клековски.

На денешниот брифинг во Фондот за здравство на новинарите им беше дадена листа со нововклучени бренд-имиња на генерички лекови во 10 категории. Тие нови вклучени бренд имиња, се без доплата, на лекарски рецепт.

Прв на листата е кортикостероидот за очи дексаметазон, кој доаѓа во форма на капки 1mg/1ml. Досега тој можеше да се пронајде на македонскиот пазар под името „максидекс“. Но, вклучен е втор бренд „медексол“ кој за пациентите е без доплата. Овој лек е генерички и има пониска цена одобрена и од Министерството за здравство што се презема од Фондот како референтна цена. Референтна цена е онаа која што ја плаќа Фондот.

Лекот против астма „фостер“ поскапе од 300 на 1.081 денар, откако ФЗОМ одобри генерички лек во Македонија

Втор на листата е „флутиказон“, назален спреј. Досега постоеше во аптеките од брендовите „фликсоназе“ и „риноко“, а отсега ќе му се прилкучи и генеричкиот лек „флутел“ кој за пациентите е без доплата.

Третиот лек е инхалацискиот раствор за астма кој предизвика најголемо внимание кај јавноста „фостер“. Тој повеќе не е сам на фармацевтскиот пазар, туку му се приклучува генеричкиот лек „блоцета“ произведен во Полска. Доплатата за „фостер“ е 800 денари, а „блоцета“ е  со партиципација од 160 денари. Според Клековски без конкуренција, не може да се постигне намалување на цените.

-Не е тоа лек од Пакистан или од Бангладеш па да се сомневаме дека има проблем. А 50 милиони денари заштеда ќе бидат употребени за воведување нова современа терапија во истата категорија на лекови за астма и ХОББ. Очекувам наредните месеци да воведеме најсовремен, трикомпонентен лек како резултат на оваа заштеда, рече директорот на ФЗОМ.

Во 2025 година за „фостер“ биле издадени 57.441 рецепти во Македонија. Со воведувањето на конкурентот „блоцета“, ФЗОМ очекува да заштеди 49 милиони денари годишно и да ги искористи за воведување нов лек понатаму.

-Референтната цена на пакувањето (сумата што ја плаќа Фондот н.з.) се намали од 2.715 на 1.915 денари. Новиот бренд е достапен за осигурениците без доплата. Со оглед на испорачаните количини во 2025 година, што биле 57.441 пакувања, намалувањето на референтната цена значи заштеда за Фондот од приближно 46 до 49 милиони денари годишно. Дополнително претставникот на „фостер“ најави намалување на цената на лекот, со што и кај овој лек доплатата ќе се намали или целосно ќе се укине, велат од ФЗОМ.

Четвртиот лек се таблетите „летрозол“. Досега на пазарот доаѓаа од брендовите „летрасан“ и „авомит“ а новиот вклучен бренд кој е без доплата е „феремазол“.

Понатаму, растворот за орална употреба, антиепилептикот „кепра“ сега добива конкурент кој е без доплата „епикс“.

Големо внимание предизвика и промената на цената на „мифортик“. Тоа е лек што се пие доживотно, за телото да не го отфрли трансплантираниот бубрег. За трансплантираните пациенти тој беше без доплата, ама од четвртокот е 3.450 денари. Неговата замена „микофенолна киселина“ е без доплата (mycophenolic acid).

Додаден е и антидијабетик на листата кој е без доплата – „репаглинид на Тева“. Тој им се приклучува на пазарот на досегашните лекови од истата категорија антидијабетици – „новонорм“, „ениглид реодон“ ,„репаглинид на Алкалоид“.

Лекот против бронхитис, „брекуал“ е без доплата. Исто како и антитромботиците „гартиз“, „тилобластил“ и „оребритон“. Во класата антиепилептици, со доплата до 68 денари е достапен „тирамат“, со интервентен увоз.

Лекот против астма „фостер“ поскапе од 300 на 1.081 денар, откако ФЗОМ одобри генерички лек во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот