Арбен Таравари - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Арбен Таравари - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Таравари: Немам намера да се вратам во Влада што функционира како раштиман оркестар

Законот за правична застапеност за кој се дебатира во Собранието и што ја бранува политичката сцена во Македонија е катастрофален, бидејќи со него воопшто не се предвидува правичната застапеност. Овој закон не е оној што ние го инициравме и го подготвивме како нацрт додека бевме во Владата, вели Таравари во интервју за „Слободен печат“.

Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари категорично ја отфрла можноста за повторно учество во оваа Влада од која еднаш веќе излегоа.

– Воопшто не сме заинтересирани да бидеме дел од оваа Влада, која е еден раштиман оркестар, Влада без визија, без јасни цели. Кога како Влен влеговме во Владата, имавме договор од четири точки. Прва точка беше евроинтеграцијата. Ако се споредуваме со 2024 година, сега сме многу подалеку отколку што бевме. Јас не гледам визија кај премиерот.
Втора точка беше економскиот развој на државата – вели Таравари.

На забелешката дека според изјавите на премиерот и на некои министри, имаме економски развој, дека сме трети, четврти во Европа…, тој одговара дека не знае дали навистина го мислат тоа.

– Видете, не знам дали навистина го мислат претставниците на Владата кога го кажуваат тоа или тоа им е само пи-ар стратегија за луѓето што не разбираат ништо да помислат дека навистина е така. Трета точка беше борба против корупција и криминалот. И таму нема ништо, ама баш ништо. И четврто беше фискална децентрализација.
Не дека не се зборува за фискална децентрализација, туку повеќе се централизира. Сега проектите за општините ги прегледува и им дава зелено светло Министерството за транспорт и врски – додава тој.

Сепак, за Таравари несогласувањата во Владата биле претежно во односите внатре во Вреди.

– Кога излегувавме од Владата, тоа беше почеток на мај минатата година, генерално ние имавме проблеми внатре со Влен. Кога имате конгломерат од пет-шест разни партии што се собрале, јас сега велам дека не е тоа партија, тоа е акционерско друштво – Влен. Значи имате пет-шест партии и имате македонска политичка партија која е пресилна, со 58 пратеници, и кога ќе види дека вие внатре вриете, нормално, ве игнорира и ве маргинализира. И тоа се случуваше – вели Таравари.

Според него, со влегувањето на Алијанса за Албанците во Вреди, се катализираше еден процес што избувна кај Албанците, а тоа беше потребата од промени. И тоа стана кауза на Алијанса за Албанците.

– Промените можевме само ние да ги направиме затоа што ние бевме опозиција 10 години и сме дериват на ДПА – уверува Таравари и додава:

– Не може Изет Меџити да биде промена на Али Ахмети, тој може да каже само дека е континуитет на Ахмети. Не може Билал Касами, кој бил државен секретар во ДУИ, да каже „ние сме промената на Али Ахмети“. Тие можат да бидат само континуитет.

На прашањето за коментар дека сепак за Арбен Таравари во јавноста и во политичките кругови се говори дека е политичар што менува бргу страни, Таравари со одговор дека тоа мислење е сосема неточно. Тој смета дека напротив, ја водел партијата од принципи.

Лесно е да трчаш да влезеш во Владата, вели Таравари, но одлуките што ги носел биле тешки затоа што тој излегувал од Владите, а не обратно. Во тој контекст ја спомена и одлуката кога како претседател на Алијанса за Албанците во 2024 година донесе одлука партијата да излезе од Владата со СДСМ и ДУИ.

– Имаше секакви обвинувања и наративи кога излегов од власта. Јас бев претседател на партија. Дали сте слушнале некаде во светот некој претседател на партија да ја скрши или да ја преполови партијата? Нема таков случај. Господинот Села одлучи да остане со господинот Ахмети. Јас сум многу горд што во 2024 година излеговме од Владата, а ДУИ отиде во опозиција. Тоа требаше да се случи. На Албанците, на Македонија, на државата ѝ требаше ДУИ да оди во опозиција и да се реформира. Многу сум среќен што ДУИ полека почнува да се менува – изјави Таравари.

Осврнувајќи се на актуелната дебата во Собранието за законот за правична застапеност на заедниците, што ја бранува политичката сцена во Македонија, Таравари е со став дека овој закон не е оној што тие го иницирале и го подготвиле како нацрт додека беа во Владата. Оваа верзија за него е – катастрофална. Со него воопшто не се предвидува правичната застапеност.

– Ако балансерот го тргнавме затоа што се злоупотребуваше, со овој закон може уште повеќе да се злоупотребува. И нема никаква одговорност за тие луѓе што нема да го спроведат – смета Таравари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот