Седиштето на Министерството за надворешни работи на Бугарија, фото: Wikipedia

Бугарското МНР негира дека испратило дипломатска нота за патувањето на семејството на Мицкоски во Пампорово

Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија негира дека испратило дипломатска нота поврзана со посетата на Бугарија на сопругата и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски.

Во соопштение испратено до бугарските медиуми, од МНР на Бугарија велат дека информациите што деновиве циркулираат во јавноста се однесуваат на вербална нота од 6 јануари годинава и се однесуваат на настани што поминале одамна.

„Во моментов, оваа информација не може да се сфати како основа за заклучоци дека постои непосредна опасност по безбедноста на граѓаните на Бугарија или на друга земја. Министерството за надворешни работи придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и строго се придржува кон утврдените меѓународни правила и практики во оваа област“, ​соопштуваат од Министерството на Бугарија.

Говорејќи за односите со Софија, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека била објавена дипломатска нота за неколкудневен престој на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово, Бугарија, на почетокот на годината. Рече дека за случајот веќе ги информирал партнерите во НАТО бидејќи со објавувањето на дипломатската нота, како што кажа, се загрозува безбедноста на неговото семејство.

По неговата изјава, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје бил повикан бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков, од кого било побарано објаснување и темелна истрага од страна на Софија за објавувањето на дипломатската нота за патувањето на семејството на Мицкоски во Пампорово.

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски оцени дека ваквото постапување е неприфатливо според меѓународното право во односите меѓу две држави, независно од тоа дали меѓу нив постојат тензии.

„Кога се во прашање движења на членови на семејства на високи државни функционери, безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се случува да се движат и семејства на високи странски претставници и сами странски претставници некогаш и во приватен капацитет, но никогаш не се случило таков документ да излезе во јавност и доколку би се случило, првиот чекор што би го направил е јас да се извинам на таа држава бидејќи очигледно немало доволен висок степен на безбедносен капацитет во рамките на институцијата. Второ, за мене што е загрижувачки, е што излегуваат лични податоци поврзано со сопруга и малолетно дете на претседател на влада. Секако побаравме информација, разговаравме и со наши стратешки партнери по тоа прашање бидејќи сме навистина загрижени за несериозноста која доведе до една таква ситуација“, изјави Муцунски.

Тој воедно потсети на неодамнешниот инцидент пред бугарската амбасада во Скопје во кој беа опожарени две дипломатски возила и нагласи дека македонските институции експресно реагирале.

Муцунски го повикал бугарскиот амбасадор: Бараме извинување и темелна истрага од Бугарија за протекувањето на дипломатската нота

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот