Интервју со Валентин Петрески, ТВ-водител: Како и во кујната, така и пред камера, не одам по правила, туку по свој рецепт
Специјалитетите ми се менуваат периодично, ако пробам нешто ново и ми се допадне, тоа знам да го правам додека не ми здодее. Периодов конкретно ми беше на списокот банана лепче, го правев речиси секој ден.
Валентин Петрески повеќе од две децении е дел од медиумската сцена, а денес е едно од најпрепознатливите телевизиски лица. Во интервју за „Слободен печат“, искрено зборува за своите почетоци пред камерите, предизвиците во телевизиската професија, но и за моментите кога се исклучува од брзото секојдневие. Открива и зошто Прага му оставила силен впечаток, што најмногу го исполнува надвор од телевизијата и кои се неговите неостварени детски соништа…
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Пред почетокот на летото, дали веќе испланира каде ќе одиш на одмор? И колку овој период е вистинско време за малку одмор од сè и за полнење на батериите?
– Не се сеќавам кога последен пат имав класичен одмор, мислам на споени барем две недели без обврски. Се навикнав на брзото темпо и на пократките патувања во текот на целата година и убаво ми доаѓаат, тоа ми прави баланс од секојдневието. Обожавам вода, тоа секако ќе се случи, но сè уште немам прецизен план и дестинација, важно е да биде на море.
Кое патување ти оставило најсилен впечаток и зошто?
– Секое патување си има свое значење и моменти. Не знам што би издвоил, но еве последно бев во Прага и морам да кажам дека е еден од ретките моменти кога сум на шетање, а истовремено да се одморам. Без форсирање, без список на работи што треба да се видат, буквално беше од сега за сега, што обично не било така претходно. Патувањата во последно време сакам да ми бидат порелаксирани, немам потреба од посета на сите можни туристички места во градот или, пак, работи што „мора“ да се видат. Затоа и Прага ме освои, толку непосредна, топла, искулирана, зелена, историски богата… повторно би се вратил.
Но, пред да се одмориш малку од камерите, да се навратиме на почетоците. Кога сфати дека сакаш да работиш на телевизија и што е она што те привлече кон оваа професија?
– Можеби ќе звучи нескромно, но отсекогаш знаев дека сакам да работам на ТВ и бев многу среќен кога добив можност. Имав само 15-ина години кога се пријавив на аудиција за ТВ-водители во локалната охридска телевизија ТВМ. Бев повикан дека ја добивам работата и веќе следната недела требаше да го имам првото снимање. Тоа за мене беше возбуда, но истовремено и голема трема. Како денес да беше, се сеќавам како ми се „тресеа колената“ кога требаше да ја кажам првата најава. Тоа снимање никогаш нема да го заборавам и ќе ми остане едно убаво сеќавање за мојата ТВ-кариера. Моќта на јавната работа отсекогаш ме импресионирала. Можноста да поддржам млади таленти, луѓе кои имаат што да кажат и да мотивираат. Од друга страна, моментот кога ќе успеете да извлечете емоција од јавните личности, тоа нема цена.
Какви спомени те врзуваат за твоите почетоци во Сител и што научи во тие први години?
– Во Сител сум четири години и се случи сосема непланирано, но би рекол заслужено. Беше чест да добијам покана да се приклучам на медиумот што народот го сака и го следи. Размислував кратко, по што одлучив дека ќе го прифатам предизвикот, па така направив трансфер, дури немав ни пауза. Се сеќавам дека до петокот бев на ТВ21, а од понеделникот почнав со првата емисија „Магазин“ на Сител. Немав време за многу размислување, веднаш влегов во „оган“. Тука само ми се потврди дека во тимската работа, сепак, најголемата одговорност ја имаш ти. И дополнително си потврдив себеси дека секаде има простор за свој личен печат ако се избориш за тоа.
Како е да се биде дел од „Магазин“ на Сител како автор и водител? Што е она што секогаш те турка напред и што научи низ годините работејќи на оваа приказна со голем број гости?
– „Магазин“ е навидум едноставна, но толку комплексна и одговорна емисија што секој ден е нов предизвик. Бидејќи централното и единствено место во емисијата се гостите, кој не го работел тоа, не знае каков предизвик и притисок е обезбедувањето гости за секој ден од неделата, особено што емисијата се емитува во живо и нема простор за какви било комбинации. Сè уште ме мотивира магијата на медиумот и по повеќе од 20 години искуство во него. Научив дека секој има своја приказна, само твојот пристап како домаќин-водител е клучен за тоа како ќе ја пренесеш на гледачите и дали ќе биде гледлива или не.
Познато е дека сакаш да готвиш. Како се снаоѓаш во кујна, кое јадење најчесто го подготвуваш и дали имаш некој специјалитет по кој те препознаваат пријателите?
– Одлично се снаоѓам во кујна. Во тоа малку време што го имам дома сакам да експериментирам со храната. Никогаш не сум сакал да одам стриктно по запишан рецепт, многу сакам да си правам свои комбинации и да се пофалам, супер ми оди. Специјалитетите ми се менуваат периодично, ако пробам нешто ново и ми се допадне, тоа знам да го правам додека не ми здодее.
Периодов конкретно ми беше на списокот банана лепче, го правев речиси секој ден. Обожавам паста, сега пробував една што ја јадев на патување во Италија и толку ми се допадна што веднаш ги проверив состојките за да ја направам. Беше превкусна, а рецептот е многу едноставен, сосот се состои од инчуни, лимон, орев и лукче, ништо повеќе. И да, слабост ми се оние „здрави“ рецепти што сè почесто се споделуваат на социјалните мрежи, па често знам да си ги зачувам како линк и да ги пробам.
Што најчесто правиш кога сакаш да се опуштиш и да побегнеш од брзото темпо на секојдневието?
– Морам да признаам дека вежбањето во теретана ми помогна да си ја задржам психичката стабилност во последните години. Тоа ми е и главната цел зошто тој ритуал го практикувам дури и кога не ми се вежба, тогаш преовладува дисциплината.
Инаку, често знам да седнам сам на кафе, тоа некогаш ми беше незамисливо, денес ми е вистинско уживање. Вистински ме релаксира и искачување на Водно, но брзото темпо не секогаш ми го дозволува тоа, па комбинирам со другите активности.
Колку внимаваш секогаш да бидеш тип-топ, со оглед на тоа дека си јавна личност и дали си љубител на брендирани модни парчиња?
– Љубител сум на естетиката, но со оглед на динамичното темпо, многу сакам облеката да ми биде практична. А со оглед на тоа дека од дома излегувам со неколку ќеси, една за снимање, друга за вежбање и трета за остатокот од денот, честопати кога немам обврски сакам да бидам облечен во моите најудобни домашни парчиња, нема поубаво од тоа чувство на слобода. Сакам убави парчиња, но не сум зависник од брендирани, дури морам да кажам дека ми е жал да дадам повеќе пари за нешто ако има и поекономична опција. Тука не мислам на тоа дали можеш во моментот да си го дозволиш или не, туку на тоа дали вредноста на истото соодветствува со цената на пазарот. Кога станува збор за јавен настап или појавување на официјални настани, тогаш знам да изненадам и малку повеќе од мојот секојдневен стил.
Што е она што јавноста сè уште не го знае за Валентин Петрески, а би сакал да го откриеш?
– Понекогаш не сум свесен колку имам за раскажување за сето она што поминало низ годините наназад… Обично луѓето имаат впечаток дека сите што се појавуваат на ТВ се различни во живо. Јас сум истиот оној Тино и од „Магазин“ и од „Тиноски“, и по однос, и по став. Ете, како еден личен момент би споделил дека многу сакав да бидам актер или доктор, тие две професии сè уште посебно ги почитувам. Сепак, и телевизијата е сцена, па можеби таа желба се надополнува и така.


