Протест против рудникот Иловица. Фото: Здрава Котлина

„Рудник нема да има, подготвени сме за масовен отпор“ — „Здрава котлина“ влезе во нова јавна војна со Владата за „Иловица“

Владата не се жалела на одлуката на Вишиот управен суд со кој се враќа споената концесија за рудникот „Иловица“ и дозволила пресудата да стане конечна, а во јавноста тврди дека мора да ја почитува, бидејќи тоа и е должност бидејќи сака да го почитува владеењето на правото, обвинуваат од организацијата „Здрава котлина“, која повеќе од една деценија се бори во струмичкиот земјоделски крај да не се отвори рудник, пренесува агенцијата Мета.

Владата вчера соопшти дека, според информација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Вишиот управен суд донел одлука „со која се поништува одлуката за престанок на важење на одлуката за спојување на концесијата на локалитетот „Иловица“ во Општина Босилово, со концесијата на локалитетот во Општините Босилово и Ново Село“. Од Владата велат дека станува збор за конечна судска одлука која се должни да ја почитуваат.

Вишиот управен суд ја врати концесијата за „Иловица“—Владата вели дека ќе ја почитува одлуката

Сепак, од „Здрава котлина“ бараат објаснување зошто Владата не го искористила рокот да се жали на одлуката, или повторно да одлучува и да го одбие спојувањето на концесиите и посочуваат дека ќе ги преиспитаат сите правни можности кои им стојат на располагање. Одлуката била донесена на почетокот на мај, а се објавува на крајот на јуни, кога, велат еко-активистите, се изминати сите законски рокови.

„Вишиот управен суд со штуро образложение донел одлука во мај да ја поништи одлуката за поништување на спојување на концесиите. Во пресудата се упатува на повторно разгледување во Владата, но Владата се прави како да не прочитала во одлуката дека треба повторно да решава и за неа ова било конечно решение. Не се бунела да вложи приговор, чекала да помине рокот и сега вели дека треба да се почитувале законите“, велат еко-активистите.

Од Владата, пак, одговрноста ја префрлаат на претходната Влада со образложението дека ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелната Влада, туку претставува „наследена правна состојба“.

„Свесни сме дека кај дел од граѓаните, локалното население и граѓанските организации постојат оправдани прашања и загрижености поврзани со овој проект. Токму затоа Владата ќе продолжи целосно транспарентно да ги разгледува сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи, во рамки на законските процедури и институционалните надлежности. Наш приоритет останува создавање услови за економски раст, нови инвестиции и отворање работни места, но тоа никогаш нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина. Заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи“, посочија од Владата, допоплнувајќи дека секое понатамошно постапување во однос на овој предмет „ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста“.

Од „Здрава котлина“ повторно предупредија дека отворањето на рудник во плодната котлина ќе значи иселување на населението, кое, велат ќе биде под закана загадувањето што ќе го предизвика ископувањето, минирањето и деградацијата на околината. Посочуваат дека се во очекување да ја видат новата Студија за оценка на влијанието врз животната средина, која ќе треба да ја изработи концесионерот за новата дозвола и која ќе треба да добие зелено светло од Министерството за животна средина.

„Во шок сме, но ги средуваме впечатоците и ги консултираме законите за да ја утврдиме нашата реакција. Жителите нема да попуштат, ќе очекуваме да има јавни расправи и да го кажеме нашиот став. Вишиот управен суд донесе осум страници пресуда но на ниту една страница не пишува дека концесиите на ‘Еуромакс’ се законити, дека се исполнети условите и дека рудникот може да се гради, туку пишува дека Владата во јули 2023 донела одлука без доволно образложение и употребила термин ‘одлука за престанок’ кој не постои во Законот за општа управна постапка“, завележуваат од организацијата.

Понатаму, нагласуваат дека во судската одлука не се спомнуваат роковите за да се поднесе барање за издавање на дозвола за експлоатација кои се изминати во 2016 година и кои доколку не се испочитуваат значат автоматско раскинување на концесијата. Наместо тоа, екологистите обвинуваат дека на концесионерот му се дава нов рок за концесијата кој сега почнува од 2023 година, што е незаконска постапка, бидејќи анекс на концесијата никогаш не бил потпишан, со оглед на тоа што помеѓу двете одлуки на тогашната влада за спојување на концесиите и за поништување на спојувањето поминало помалку од еден месец.

„Институциите избраа. Ние исто така.Нема багер на Огражден. Нема дупчење. Нема Еуромаксов вработен, подизведувач, геолог или археолог кој ќе работи на наша земја додека законот не се примени рамноправно — за нас и за нив. Странските амбасади се известени. Јавноста е будна. Илјадници семејства во Струмичко се сплотени, организирани и подготвени за масовен и непоколеблив отпор. Отворивте војна со народот. Народот не заборава. Народот не се предава. Нема компромис. Нема назад. Рудник нема да има, нема да копате“, стои во јавната реакција на „Здрава котлина“.

Инаку, ова е последната одлука на Вишиот Управен суд, кој повеќе години се занимава со предметот на рудникот Иловица. Во октомври 2022 година овој суд ја поништи пресудата на Управниот суд за конечно одземање на концесијата на „Еуромакс Ресоурцес“ за експлоатација на рудникот „Иловица-Штука“ и по жалбата на компанијата, предметот го врати на повторно судење. Со ваквото решение продолжи пинг-понг партијата помеѓу Управниот и Вишиот Управен суд кој траеше неколку години, и процесот по трет пат се врати на почеток пред Управниот суд.

Назиф Дестани од „Еколог“ се откажа од златото во струмичко – ги продал акциите во „Еуромакс“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот