Фото: Profimedia

Научниците открија меѓуѕвездена комета постара од Сончевиот систем — можеби е стара 12 милијарди години

Меѓународен тим астрономи откри дека меѓуѕвездената комета „3И/Атлас“ можеби е стара дури 12 милијарди години, што ја прави речиси трипати постара од Сончевиот систем, кој се формирал пред околу 4,5 милијарди години, пишува „Гардијан“.

Оваа комета е само третиот познат објект од меѓуѕвездениот простор што човештвото успеало да го набљудува. Нејзината необично силна светлина им овозможила на научниците досега најдетално да проучат тело што потекнува од друг дел на Млечниот Пат.

Кометата беше забележана во јули минатата година, а веднаш предизвика голем интерес во научната јавност. Новото истражување, објавено во списанието „Нејчр“, сугерира дека станува збор за еден од најстарите познати објекти што некогаш поминале низ нашиот космички соседски простор.

„Можеби ова е најстариот објект што некогаш бил набљудуван во Сончевиот систем“, изјави водечкиот автор на студијата, Мартин Кординер од Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА.

Истражувачите ги користеле вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ и опсерваторијата „Алма“ во Чиле за да го анализираат хемискиот состав на кометата. Резултатите покажале невообичаено високо присуство на деутериум – потежок облик на водород што најчесто се среќава во таканаречената тешка вода.

Во споредба со кометите од нашиот Сончев систем, „3И/Атлас“ содржи десетпати повеќе деутериум. Според научниците, ваков состав може да се создаде само во исклучително студена средина.

Проценките покажуваат дека кометата најверојатно се формирала на температура од околу минус 243 Целзиусови степени, што би ја направило еден од најстудените објекти некогаш забележани во нашиот Сончев систем.

Иако не е познато од кој дел на Млечниот Пат потекнува, научниците сметаат дека ваквите меѓуѕвездени објекти се создаваат за време на формирањето на планетарни системи, кога гравитациските сили ги исфрлаат во меѓуѕвездениот простор. Оттогаш, „3И/Атлас“ веројатно патувала милијарди години низ галаксијата.

Истражувачите претпоставуваат дека кометата можеби е остаток од периодот познат како „космичко пладне“, пред околу 10 милијарди години, кога во универзумот се создавале огромен број нови ѕвезди.

Претходните две меѓуѕвездени посетителки – „Оумуамуа“, откриена во 2017 година, и „Борисов“, откриена во 2019 година – не биле доволно светли за да се направат вакви детални хемиски анализи.

Во меѓувреме, кометата „3И/Атлас“ веќе го напушта Сончевиот систем и никогаш повеќе нема да се врати. Сепак, астрономите очекуваат во следните години да откријат многу повеќе вакви објекти, особено со помош на новата опсерваторија „Вера К. Рубин“ во Чиле.

„Ова е само почеток на едно возбудливо ново поле во астрономијата. Имаме уште многу да научиме за овие објекти и за тоа што можат да ни откријат за нашата галаксија“, порача Кординер.

Храбар план за Марс — како да се загрее Црвената планета и да се прошири животот?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот