„Живеам од продажба на мед и од социјална помош“ – Атиџе Муратова искрено за животот по филмот „Медена земја“
Атиџе Муратова откри колку заработува од продажбата на медот и рече дека зема социјална помош.
Препорачано
Познатата медарка од која стана светски популарна по документарниот филм „Медена земја“ („Honeyland“), кој ја следи нејзината животна приказна во напуштеното село Бекирлија, вели дека славата не ја сменила.
Атиџе сега живее во општина Лозово, а во разговорот за Гламур.мк вели дека таму сите ја почитуваат.
„Живеам само од продажба на мед и од социјала што земам. Ама сега е сè скапотија, скапотија е многу. Не можеш да постигнеш, ама колку е толку е. Јас се плашам дека за оваа година, за медот, ќе биде малку криза пораdи сушата“, изјави Атиџе.
„Јас сум за помала продажба, а висококвалиетен мед. До по педесет килограми, сто килограми годишно продавам. Лани ќе имаше повеќе, но успеавме толку колку што успеавме, да им дадеме на луѓето, да бидат снабдени, задоволни“, рече познатата медарка.
Филмот „Медена земја“, во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, освои бројни меѓународни признанија и испиша историја како прв документарец номиниран во две категории на Оскарите: за најдобар документарен филм и за најдобар интернационален филм. Приказната за Атиџе, нејзиниот однос кон природата и познатата порака „половина за мене, половина за пчелите“ ја воодушеви светската публика и ја претвори во симбол на балансот помеѓу човекот и природата.
Атиџе вели дека и денес нејзината девиза е половина за нас, половина за пчелите. Денес, таа живее мирен живот во селото Бекрилија во Општина Лозово, и вели дека од познатите личности одржува контакт само со Сузана Турунџиева.
„Во Скопје сега ретко одам. Бев на некој настан во Скопје, со Сузана Турунџиева, организиран со жени. Немам зборови за Сузана, прекрасна е. Од јавните личности, ако побара некој, имаат телефон ѝ се јавуваат, за што треба – помагам. Екипата од филмот пак, не ме побарала, немам контакт некој со нив, ама и за што би ме барале, ако треба нешто за филмот“, изјави Атиџе Муратова.
ФОТО | Атиџе Муратова по долго време се појави во јавноста, Турунџиева го откри поводот


