„Нè пцуеше ако не го знаевме текстот, но сите нè направи ѕвезди“: Диме Илиев емотивно за Коле Ангеловски
Доајенот на Драмски театар, Диме Илиев раскажа интересна приказна за легендарниот Коле Ангеловски – артист, режисер, сценарист, комедиограф, преведувач.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На фејсбук-страницата на Драмски театар е објавено обраќањето на актерот и режисер Диме Илиев од публиката на промоцијата на книгата „Да живее Долна дупка“ на легендата на македонската театарска и филмска уметност, Коле Ангеловски.
Книгата е своевидна збирка на четири комедии: „Да живее Долна дупка“, „Аферата ’Рекет’“, „Аферата ’Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, кои Коле Ангеловски ги напиша во последните десетина години. Од нив две веќе се поставени на сцените на македонските театри.
„Сите треба да бидеме благодарни на некој начин, воопшто Драмски театар, што го имавме овој Коле, којшто многу го нервиравме за време на пробите, особено таму во последните 5-6 дена кога половина од нас не го знаевме текстот, па кога ќе почнеше да ни вика, да нè пцуе, па дури и Дади“, рече Илиев мислејќи на покојниот брат на Коле, Владимир Дади Ангеловски.
„А, како нè издржуваше, како нè трпеше, како работеше со нас. Имало во Драмски театар и други многу добри режисери што доаѓале, но таква душа како Коле, Драмски театар досега немал“, рече легендарниот актер.
На почетокот од обраќањето, Илиев рече дека тоа е првпат да прозбори од Драмски театар, од едната или од другата сцена.
„И првпат воопшто во моето постоење тука, за тие 44 години, никогаш не сум зборувал вака, освен текстот што треба да го кажам.
Сакам да кажам една работа што никој, никогаш досега не ја кажал, не му ја признал… и дури и кога некогаш сум ги терал тие луѓе да ја признаат, да го кажат тоа, го избегнувале тој одговор.Во ’75-та година, тој Коле, ме донесе овде. За 20 или 25 години – сега не знам помалку или повеќе, не сум сигурен, една четвртина од артистите ако не и повеќе во оваа зграда ги донесе Коле. Уште од Академија, им даваше улоги, ги следеше, ги носеше тука, станаа ѕвезди! Играа во… кој во многу повеќе, кој во малку претстави, но станаа ѕвезди благодарејќи на Коле.
А… никој актер, еве ќе го повторам, никој никогаш не зборувал за тоа, никој никогаш не му го признал тоа на Коле, ајде нека биде четвртина, може и половина од моите поренешни колеги од не сакаше да го признае тоа. И никогаш никој не прозборел за ова за Коле.
Покрај претставите коишто му се играа по 100, 200, 300 пати, тоа беше човекот којшто, освен тоа што донесе многу луѓе во овој театар, неговите претстави се играа најмногу во овој театар…
Коле, ти благодарам многу!“, рече Диме Илиев.


