Том Хенкс: „Страшна е помислата дека ‘Дизни’ може да ми го ‘украде гласот’ со ВИ“
Филмот „Приказна за играчките 5“ неодамна ги урна сите рекорди во киноблагајните со заработка од вртоглави 312 милиони долари уште во првиот викенд, па оттука логично е дека јавноста веќе почна да шпекулира за шестиот дел. Но, тука се поставува прашањето, дали двојниот оскаровец Том Хенкс е подготвен уште еднаш да му го позајми гласот на култниот каубој Вуди?
Препорачано
„Ако веќе планираат следно продолжение, подобро е навистина да вреди. Приказната мора да биде неверојатна, а не само механички да го влечат филмот за уши затоа што брендот носи пари. Јасно е дека зад ова стои моќна корпоративна машинерија, но доколку немаат нешто ново, свежо и добро, нема никаква поента воопшто да се снима“, изјави Хенкс во интервју за „Ентертејмент викли“, пренесува „Верајети“.

Сепак, актерот е свесен дека на моќното студио „Дизни“ во иднина можеби нема ни да му треба негова дозвола за да ја продолжат франшизата. Со оглед на тоа што Хенкс го синхронизира Вуди повеќе од 30 години, продуцентите во своите архиви го имаат снимено секој можен збор што го кажал. Со помош на вештачката интелигенција, тие лесно можат да ги преуредат тие звучни записи и да направат ликот да изговори сосема нови реченици, без Хенкс воопшто да стапне во студио.
„Времето е непобедливо и си го прави своето. Прашањето е само дали тие ќе сакаат дигитално да ја склопат мојата верзија. Буквално секој збор што некогаш сум го снимил за овој цртан филм е зачуван некаде во нивните компјутери. Тие можат да направат што сакаат со тие податоци“, објаснува Хенкс.

Оваа идеја тој и неговиот колега Тим Ален (гласот на Баз Светлосниот) ја опишуваат како „прилично застрашувачка помисла“. Хенкс уште претходно зборуваше дека со напредокот на „дипфејк“ технологијата, смртта на еден актер веќе не значи и крај за неговата кариера на филмското платно.
„Уште во 2004 година сфативме во кој правец се движат работите. Видовме дека со помош на обични компјутерски кодови набрзо ќе може да се создаде совршено човечко лице и карактер. Денес таа технологија е милијарда пати понапредна. Сега секој може да се подмлади и да се врати на која било возраст на екраните. Мене утре може да ме згази автобус и физички да ме нема, но моите улоги можат да продолжат до бескрај. Ако не ги разбирате овие дигитални алатки, нема шанси да препознаете дека тоа на екранот не сум јас. Тоа е секако голем уметнички предизвик, но уште повеќе е правен проблем со кој допрва ќе се соочуваме“.
Додека Холивуд ги крши копјата околу иднината на филмот и правата на актерите, најновата „Приказна за играчките 5“ моментално го полни киносалите ширум светот.


