ФОТО | Започна судењето на терористот кој планирал да активира бомба на концерт на Тејлор Свифт во Виена
Денеска во Австрија започна судењето на 21-годишниот Беран А., кој е обвинет за планирање и подготовка на терористички напад за време на концертот на светската суперѕвезда Тејлор Свифт во Виена, во август 2024 година. Судењето се одржува во Винер Нојштад, а обвинетиот се соочува со тешки обвиненија за тероризам и припадност на џихадистичката група Исламска држава (ИД), пренесува Би-би-си.
Препорачано
Нападот беше спречен во последен момент благодарение на дојава од американската ЦИА, само еден ден пред првиот од трите распродадени концерти на стадионот „Ернст Хапел“. Како резултат на тоа, сите концерти беа откажани, со што беа разочарани над 195.000 фанови кои со денови ги преплавија улиците на Виена, пеејќи песни и разменувајќи ги познатите алки на пријателство.

Самата Тејлор Свифт во својот нов документарец изјави дека турнејата за малку „избегнала ситуација на масакр“.
„Откажувањето на концертите во Виена беше поразително, но бев благодарна на властите бидејќи благодарение на нив жалевме за концертите, а не за изгубени животи“, изјави Свифт.
Обвинителството тврди дека Беран А. преку интернет добил инструкции за изработка на бомба со шрапнели, користејќи го експлозивот TATP. Исто така, тој е обвинет за ширење онлајн пропаганда за Исламска држава и обид за илегално купување оружје и рачни гранати.

Заедно со него на обвинителната клупа се наоѓа и 21-годишниот Арда К., кој се сомничи дека бил дел од истата терористичка група. Двајцата се обвинети дека планирале напади и во Мека, Истанбул и Дубаи. Доколку бидат прогласени за виновни, двајцата се соочуваат со затворска казна до 20 години.
Судењето се очекува да трае до крајот на мај, а вниманието на светската јавност е насочено кон Виена, со оглед на тоа што станува збор за еден од најсериозните планирани напади врз голем музички настан во изминатата деценија.


