Никол Кисман / Фото: EPA

Жената која не дозволи Холивуд да ја дефинира — приказната на Никол Кидман

Повеќе од три децении Никол Кидман е присутна на големото платно, а сепак ретко кој може да каже дека навистина ја има „прочитано“. Во кариера исполнета со десетици улоги, награди и признанија, таа остана актерка што постојано се менува, избегнувајќи да биде заробена во еден тип на ликoви кои ги игра во филмвите.

Денеска таа полни 59 години, а ние се навраќаме на нејзиниот професионален и приватен живот, кој ја одбележа како актерка која се изгради во едно од најзначајните имиња на современиот филм.

Од Австралија до Холивуд – почетоци што не ветуваа слава

Иако е родена 20 јуни 1967 година во Хонолулу, САД, израсната е во Австралија, каде што рано почнува да се занимава со танц и театар. Според биографските податоци, уште како тинејџерка почнува да игра во локални продукции, а првите филмски улоги ги добива на само 16 години.

Нејзиниот почеток не бил класичен „холивудски пат“, туку постепен, дисциплиниран и базиран на работа во австралиската филмска и телевизиска сцена, пред да ја добие шансата што ќе ѝ го смени животот.

Никол Кидман – Фото: IFA Film / United Archives / Profimedia

Пробивот и трансформацијата во светска ѕвезда

Големиот пробив го прави со филмот „Мртво смирен“ Dead Calm (1989), по што Холивуд почнува да ја забележува. Наскоро следуваат улоги во „Денови на грмотевицата“ Days of Thunder (1990), каде за првпат се појавува покрај Том Круз, со кого подоцна ќе биде и во брак.

Вистинската трансформација во глобална ѕвезда доаѓа во доцните 90-ти и почетокот на 2000-тите, период во кој Кидман почнува да избира улоги што ја носат поблиску до психолошки комплексни ликови.

Филмовите како „Очи широко затворени“ (Eyes Wide Shut), „Мулен Руж“ (Moulin Rouge!) и „Часовите“ (The Hours) (за кој ја добива и наградата „Оскар“) ја дефинираат како актерка која не се плаши длабоко и емотивно да навлезе во ликовите.

Никол Кидман и Том Круз – Фото: IFA Film / United Archives / Profimedia

Телевизискиот пресврт – новата ера на Кидман

Во поновата фаза од нејзината кариера, Никол Кидман станува клучна фигура и во телевизијата. Со серијата „Големи мали лаги“ (Big Little Lies), таа не само што глуми, туку и продуцира, отворајќи ново поглавје во својот професионален пат.

Љубовта под рефлекторите – од Том Круз до Кит Урбан

Колку и да беше успешна нејзината професионална кариера, приватниот живот на Никол Кидман со години беше подеднакво следен од јавноста. Особено вниманието што го привлекуваше нејзиниот брак со Том Круз, еден од најголемите холивудски актери на својата генерација.

Двајцата се запознаваат во 1989 година на снимањето на филмот „Денови на грмотевицата“ (Days of Thunder), а една година подоцна стапуваат во брак. Во тоа време Кидман има само 23 години, додека Круз веќе е глобална филмска сензација. Заедно поминуваат повеќе од една деценија и посвојуваат две деца, станувајќи еден од најпознатите парови во светот на филмот.

Нивниот развод во 2001 година беше една од најкоментираните вести во Холивуд. Подоцна, Кидман ќе признае дека разделбата била голем шок за неа и дека во тие години сè уште се обидувала да го пронајде сопствениот идентитет надвор од славата што ја носеше нивниот брак. Во едно интервју дури изјави дека била „речиси дете“ кога се омажила и дека со текот на времето почувствувала потреба да созрее и како личност и како жена.

По неколку години во кои фокусот беше ставен речиси исклучиво на работата, во 2005 година Кидман го запознава австралискиот кантри-пејач Кит Урбан на настан во Лос Анџелес посветен на Австралијците кои работат во американската индустрија за забава. Врската брзо се развива, а во 2006 година двајцата стапуваат во брак во Сиднеј.

никол кидман
Кит Урбан и Никол Кидман / Фото: EPA-EFE/DAVID SWANSON

За разлика од нејзиниот прв брак, овој однос Кидман често го опишуваше како партнерство изградено со време. Во едно интервју призна дека тие всушност вистински се запознале дури откако се венчале. Урбан, пак, во повеќе наврати јавно зборуваше за нејзината поддршка во периодот кога се борел со зависност од алкохол, нарекувајќи ја клучна личност во неговото закрепнување.

Во бракот добија две ќерки и со години важеа за еден од најстабилните парови во светот на шоу-бизнисот. Дури и кога беше на врвот на кариерата, Кидман често нагласуваше дека семејството е нејзиниот најважен приоритет и дека токму домот ѝ овозможува рамнотежа во професијата која ретко нуди мир.

Сепак, приказната што долго време важеше за една од најстабилните во Холивуд доби поинаков епилог. Во септември 2025 година, по речиси 20 години заеднички живот, Кидман и Кит Урбан објавија дека се разделуваат.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот