Падна случајот „Сараево сафари“ – италијанските обвинители немаат докази за судење
Италијанските обвинители кои истражуваат наводи за „снајперски туризам“ во Сараево во текот на 1990-тите, во моментов немаат доволно докази за да побараат судење за кој било осомничен, изјави за Ројтерс извор директно запознаен со случајот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Обвинителството во Милано започна истрага против пет лица поради тврдења дека Италијанци и други странци платиле за да пукаат во цивили за време на опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година. Истрагата беше започната минатата година, откако новинарот и автор Ецио Гавацени поднел кривична пријава во која се тврди дека богати странци патувале во воено разорената Босна и Херцеговина за да учествуваат во „убиствени екскурзии“.
Според изворот, меѓу петмината осомничени има и милански аристократ кој, според сведоштвата собрани од Гавацени, наводно се фалел на вечера со поранешни соученици дека оди во Сараево за да „пука во луѓе“.
Сепак, обвинителите во моментов имаат само индиректни докази, без цврсти потврди. „Искрено кажано, во овој момент обвинителите не би можеле да побараат некој од осомничените да биде изведен пред суд“, рече изворот.
Обвинителот од Милано, Алесандро Гобис, кој ја води истрагата, и главниот обвинител Марчело Виола ќе се сретнат на 29 јуни во Луксембург со нивните белгиски и босански колеги во седиштето на Агенцијата на ЕУ за судска соработка (Еуроџаст) за да разговараат за случајот.
Во последните денови италијанските карабинери ја претресоа куќата на еден од осомничените — 66-годишен поранешен општински службеник од Џенова, кој сега живее во покраината Алесандрија на северозападна Италија. Овој човек веќе беше испрашуван во претходните месеци, но тогаш се бранеше со молчење.
Претресот беше нареден откако неговиот поранешен партнер сведочеше дека имал кошмари за тоа што наводно го сторил пред 30 години. Во таа прилика полицијата заплени пригушувач и фотографија од снајперска пушка.
Од друга страна, посебен дел од истрагата за наводната скриена мрежа во Милано, која наводно ги организирала овие бизарни патувања, досега не даде никакви резултати. Италијанската истрага следеше по обвинувањата дека странци им платиле на припадници на војската на Република Српска за да им дозволат да учествуваат во „снајперски туризам“.
Оваа вест предизвика реакции и во новинарските кругови, а угледниот германски новинар Михаел Мартенс, кој редовно известува за настаните на Балканот, се огласи за целиот случај. Тој изрази отворен скептицизам кон целиот наратив на социјалните мрежи.
„Погледнете ги чудата: Ројтерс објави дека обвинителството во Италија моментално нема доволно докази за да покрене судење за наводниот ‘Сараево сафари’ (богати туристи кои убиваат луѓе за забава). Секако дека не. Целата приказна е лоша шега“, рече Мартенс, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на целата афера.


