Нова ексалација – Иран пак го затвори Ормускиот теснец, Венс оди за Швајцарија
Иран објави дека го затвора Ормускиот теснец за поморски сообраќај како одговор на израелските напади врз јужен Либан, што Техеран го смета за прекршување на претходните договори со САД.
Препорачано
Централната команда на иранските вооружени сили објави дека ја суспендира пловидбата низ еден од најважните морски премини во светот за транспорт на нафта и гас. Во соопштението објавено од иранската државна телевизија се вели дека затворањето на Ормускиот теснец е првиот чекор како одговор на она што Техеран го тврди како прекршување на обврските од страна на противникот.
„Со ова објавуваме дека Ормускиот теснец се затвора за поморски сообраќај. Нагласуваме дека овој прв чекор е одговор на прекршувањето на ветувањата од страна на непријателот. Доколку агресијата продолжи, ќе бидат планирани и преземени дополнителни мерки за да се принуди противникот да ги почитува своите обврски“ се вели во соопштението на врховниот командант на иранската војска.
Иранските власти тврдат дека израелските напади врз јужен Либан ги прекршиле договорите што Техеран претходно ги постигнал со Вашингтон и предупредуваат дека продолжувањето на воените операции може да предизвика понатамошна ескалација во регионот.
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, изјави дека очекува наскоро да отпатува во Швајцарија на разговори со Иран.
Од друга страна, потпретседателот Венс во интервју за „Фокс њуз“ изрази увереност дека прекинот на огнот, договорен во договорот од 14 точки со Вашингтон, ќе се почитува. Тој исто така нагласи дека не видел никакви докази дека Ормускиот теснец всушност е затворен.
Вашингтон и Техеран потпишаа рамковен договор претходно оваа недела, кој повикува на прекин на непријателствата во регионот и враќање на комерцијалниот сообраќај низ Ормускиот теснец. Се очекува понатамошни преговори за спорни прашања, како што е нуклеарната програма на Иран, да следат во рок од 60 дена.
Првата рунда разговори за можен нуклеарен договор во Швајцарија првично беше закажана за петок, но беше откажана поради обновените меѓусебни напади меѓу израелската војска и проиранската група Хезболах во Либан.
На почетокот на преговорите за рамковниот договор, барањето на Иран беше за значителна помош за реконструкција. Договорот предвидува најмалку 300 милијарди долари како еден вид фонд за реконструкција, но прашањето за финансирање останува нерешено. Техеран дополнително бара укинување на банкарските санкции за да може повторно да пристапи до меѓународниот финансиски систем и на тој начин да може легално да ја продава својата нафта, својот најважен извор на приход.
Иран постојано нагласува дека нема да има конечен договор без исполнување на оваа обврска.


