подем витраж борко лазески
Витраж „Подем“ - Борко Лазески (1971) во стариот објект на Стопанска банка во Градски трговски центар

По јавната реакција, спасен е витражот „Подем“ на еминентниот Борко Лазески

Монументалното дело „Подем“ на Борко Лазески „исчезна“ од Стопанска банка во скопскиот Градски трговски центар (ГТЦ). Витражот „Подем“ со децении ja красеше банката, но кога се пресели во нов простор делото го снема.

На 16 јуни, денот кога се одбележуваше 33-годишнината од смртта на еден од најеминентните македонски уметници, Борко Лазески, се потсетивме на неговиот неверојатен творечки опус. Во целото неверојатно уметничко творештво на големиот уметник е и витражот „Подем“ од 1971 година. Два дена потоа, профилот „Мелеем“ го актуализира прашањето каде се наоѓа сега витражот:

„Витражот на Борко Лазески е едно маестрално уметничко дело, кое беше поставено во ентериерот на една банка, во ГТЦ.

Откако банката го промени своето седиште во нова зграда, витражот е отстранет од претходната локација, а во новиот простор на Банката не можеме да го видиме, ниту банката има дадено официјално соопштение за тоа што се случило со витражот.

Замислете витражот да беше од Пикасо, и ова да беше Шпанија. Па сигурно ќе беше проценет на неколку милиони. Дали Борко е помалку од Пикасо, само затоа што е Македонец?“, стои во објавата.

Одговорот на ова прашање најупорно го бараше Росица Лазеска — ќерката на уметникот. Во објавата на „Мелеем“, во коментар опиша дека уште пред околу две години, кога почнала изградбата на новиот објект во кој требало да се пресели Стопанска банка, била контактирана за да се најде соодветно место за витражот. Но, по првичниот контакт, и покрај нејзините обиди повторно да се јави, комуникацијата прекинала.

Имав некои броеви со кои контактирав. Се јавував повеќе пати, ништо, они веќе не се јавија. Успеав некако да дојдам до број на директорката од македонска страна. Се јавив. Има состанок, да оставам број, па ќе ми се јави таа. Формулата ‘на состанок сум’ е вид на љубезно откачување. Јас секако ќе се обидам повторно, но не знам дали ќе даде резултат.

Сепак, јавното незадолство на Лазеска даде резултат. „Слободен печат“ разговараше со Росица, која сподели дека штом раскажала што се случува, била контактирана од банката.

Ситуацијата е следна, го преместиле витражот и депониран е во нивни простории. Јас очекував дека уште во текот на изградбата ќе се консултираат со мене и со архитектот, веројатно, за да може работата да се насочи како што треба. Кога веќе се прави нов објект, на тој витраж може да му се даде уште поголемо значење од тоа што го имаше претходно, делото апсолутно го заслужува тоа.

Лазеска вели и дека витражот претходно бил сериозно оштетуван и реставриран во неколку наврати, при што на едно пано имало и по 15 скршени стакла.

Тој витраж претходно беше страшно оштетуван. На два-три пати висеа парчиња од него. Имаше и период кога го реставрирав, при едно реновирање на банката, кога еден дел над вратата беше префрлен во надворешниот простор. Лом беше направен. На едно пано имаше по 15 скршени стакла. Криво ми е што тогаш не направив фотографии за да се види во каква состојба беше.

Им реков: ‘Јас ова можам да го реставрирам, ги имам оригиналните стакла, знам да ја работам реставрацијата, но штета е витраж постојано да се реставрира.’ , затоа што секое ново оштетување остава трага.

Ситуацијата ја вознемирила Лазеска, но била уверена од страна на Банката дека целиот процес бил стручно спроведен.

Бев многу вознемирена кога дознав дека го извадиле. Витражите се правени со олово, а оловото е меко. Тие паноа мора многу внимателно да се манипулираат, затоа што се виткаат, а при виткање може да се скршат стаклата.

Ми рекоа дека тоа било стручно направено. Се надевам дека е така. Навистина бев под стрес.

Росица сподели дека била информирана за нова локација на витражот , која треба да добие и свечено отворање во септември, но локацијата треба допрва да ја види.

Имаат предвидено ново место за витражот, но во моментов не знам каде точно, треба да го видам следната недела. Планираат да го реставрираат и потоа да го постават. Колку што разбрав, планираат свечено отворање во септември. Тоа многу ми значи, зашто неверојатно би било едно такво дело да не знаат да го проценат.

Пред неколку години, по иницијатива на ќерката Росица, банката го заштитила витражот со стакло, што спречило нови оштетувања.

Во тоа време банката практично беше отворена за комуникација, тогаш самите ми се обратија. Потоа се постави заштитно стакло, кое јас им го сугерирав, токму за да се заштити витражот и да нема повеќе такви ситуации. Од тогаш, навистина немаше нови оштетувања, бидејќи беше заштитен.

 

Се поставува и прашањето колку се внимава на искуството со културно наследство од ваков тип. Лазеска изрази надеж дека можеби после неколку децении, витражот „Подем“ на новата локација конечно ќе добие барем информативна табла со повеќе информации и за Борко Лазески.

„Мојот татко се залагаше за јавна уметност, за уметнички дела достапни за сите, тој секогаш сметаше дека уметноста им припаѓа на сите, па затоа неговите главни дела се поставени на јавни места“ , е став кој го негува Лазеска.

Делото не треба да е само присутно, треба да му се обезбеди соодветен простор како гледачот би можел да го ужива истото. Барајќи фотографии од витражот „Подем“, фотографија достапна на социјалните медиуми споделена од „Мелеем“ сведочи за инвентер поставен токму пред витражот.

Инвентер пред витражот „Подем“ во Стопанска банка / Фото: профили Meleem SKOPJE / @meleemskopje

Побаравме изјава од Стопанска банка за целиот случај, а оттаму ни одговорија дека подготвиле соопштение за јавноста. Ви го пренесуваме во целост:

„Како патрон на уметноста од самото основање, Стопанска банка создава богата уметничка колекција која постојано се надоградува. Уметнички слики, скулптури, мозаици, икони и мурали ги красеа ходниците на објектот кој со децении беше дом на Стопанска банка.

Со планирањето на новиот објект, Банката го планираше и професионално го организираше макотрпниот подвиг делата да бидат каталогизирани, документирани и дислоцирани од претходното седиште со должно внимание под надзор на стручни лица. Во моментов, проектот е во фаза на изведба за деталите за поставување на делата во новиот објект на Банката. На тој начин, Банката ја продолжува својата повеќедецениска традицијата да биде на страна на уметноста и културата.

Како потсетување, во рамки на одбележување на еден од своите јубилеји, Банката дел од највредните уметнички дела ги однесе на турнеа низ државата, давајќи им притоа важност и видливост за пошироката јавност. Со гордост Банката во изминатите години репродуцираше дел од уметничките дела во форма на деловен подарок, во соработка со авторите и нивните наследници, создавајќи притоа мини реплики кои се подарени на клиенти и соработници на Банката.

Преселбата на објектот на Банката е сеопфатен проект, при што приоритет има бизнис континуитетот, односно Банката да нема прекин во работењето и процесите кои се клучни за економијата и клиентите, по што се продолжува со останатите активности. Токму поради долгиот процес на преселба, Банката своето свечено отворање на објектот го планира за последниот квартал од Годината.“, стои во соопштението.

Во меѓувреме, реакцијата на Лазеска стигнала и до министерот за култура, Зоран Љутков, кој ја уверил дека „лично се ангажирал за случајот“.

Росица Лазеска за нејзиниот татко Борко вели дека „иако има многу важни дела, секогаш некако останува на страна“:

Пресметав дека татко ми има околу 1.100 квадратни метри монументални дела — фрески, витражи и два мозаика. Зборуваме за големи монументални дела, не за мали формати.  Јас работам на него веќе 14 години.

Три години пред изложбата за 100 годишнината од неговото раѓање почнав да подготвувам материјали. Кај Борко, не е како кај некој уметник, од кого ќе ги земете делата и ќе направите изложба. Кај него мора да се истражува. Зад секое дело има многу работа.

Земјотрес и пожар му ги проголтаа најголемите дела — 33 години без Борко Лазески, творецот на македонската „Герника“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот