Во Драмскиот театар се одржа првата проба за претставата „Алиса се враќа дома“ во режија на Моника Ставревска
Согласно планираната динамика, Моника Ставревска, студентка на режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на 18 јуни во Драмскиот театар ја започна првата проба на дипломската претстава „Алиса се враќа дома“, што ќе се работи по текст на авторката Ивана Смилевска.
Препорачано
Претставата е шеста продукцијата на Драмскиот театар што се реализира согласно Годишната програма за работа на театарот, а премиерата се планира за првата половина на октомври.
Моника Ставревска на првата проба го сподели задоволството што Драмскиот театар ја продолжува традицијата да ги поддржува младите автори и што таа ја има можноста да ја постави нејзината дипломска претстава „Алиса се враќа дома“ токму во годината кога Драмски театар ја одбележува 80-годишнина од работата на театарот.
Во експликацијата за претставата режисерката Ставревска прашува: „Како ја замислувате Земјата на чудата?… Иако ова прашање неизбежно нè потсетува на безвременскиот роман ‘Алиса во земјата на чудата’ на Луис Керол, одговорот е различен за секој од нас. Токму ова прашање е во фокусот на текстот на авторката Ивана Смилевска по кој ќе се работи претставата ‘Алиса се враќа дома’“, објаснува режисерката Ставревска.
Инспирирана од генијалноста и безвременското дело на Луис Карол, претставата ја деконструира препознатливата митологија на култниот роман и ја преобликува во современа, постмодерна бајка со сосема нов авторски контекст. Во едно дистописко кралство наречено Срцелија, над кое демне Црвената месечина, живеат Алиса, Црвената Кралица, Белиот Зајак, Лудиот Шапкар, Чешит Мачорот, Гасеницата, Цвеќињата, Белата Кралица и Твитл Ди и Твитл Дам. Нивното секојдневие, иако сместено во фантастичен свет, многу наликува на реалноста што добро ја препознаваме.
Режисерката Моника Ставревска понатаму појаснува: „Во оваа земја на чудата, исполнета со пророштва, сомнежи и општествени превирања, вечно љубопитната Алиса е хероината која се осмелува да го постави прашањето: колку еден мал субјект може да го разниша системот, особено кога тој систем почнува и завршува во сопствениот дом – Дворецот? Претставата ‘Алиса се враќа дома’ отвора простор за преиспитување на моќта, поредокот и индивидуалната одговорност, создавајќи современа сценска приказна што зборува за светот во кој живееме денес“, додава Ставревска.

Ликовите во претставата се доверени на актерскиот тим: Алиса – Соња Стамболџиоска, Црвената Кралица – Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Белиот Зајак – Александар Степанулески, Чешит Мачор – Златко Митрески, Дина – Ања Митиќ, Лудиот Шапкар – Лазар Христов, Гасеница – Филип Трајковиќ, Белата Кралица – Трајанка Илиева-Вељиќ, Цвеќе 1, Цвета – Ангела Пејкоска (к.г.), Цвеќе 2, Ружа – Нина Елзесер, Цвеќе 3, Невена – Ирена Димеска (к.г.) и Твитл Ди и Твитл Дам – Томислав Давидовски и Марјан Наумов.
Во уметничката екипа, освен режисерката, се – авторката на текстот Ивана Смилевска; асистент на режисерката е Филип Лафазановски; драматург е Александра Бошковска; сценограф е Ненад Тонкин; и костимографката е Роза Трајческа. Музиката е на Лука Тошев, а продуцент на претставата е Леа Манева. Во претставата инспициент е Гоце Бојчев, а суфлерка е Ивана Атанасоска.
Режисерката Моника Ставревска ја најавува премиерата на „Алиса се враќа дома“ во првата половина на октомври со пораката: „Не прекинувајте да верувате во чуда. Инаку сѐ што ни останува се Зајачки дупки“.


