Плакат за годинашното издание на „Златна рамка“

Наградите „Златна рамка“ на ДФРМ за 2026 година ќе бидат врачени на свеченост во МКЦ

Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) на 18 јуни, по осми пат, ќе ги додели почесните награди „Златна рамка“ кои годинава ги добиваат актерот Владо Јовановски, костимографката Роза Трајческа и филмскиот работник Димитар Јакимовски.

Оваа година за првпат ќе биде доделена и специјалната награда „Златна рамка за особен придонес кон ДФРМ и македонската кинематографија“, која му припадна на Апостол Трпески.

Одлуката за добитниците на наградите „Златна рамка“ за 2026 година ја донесе Управниот одбор на ДФРМ, во состав Марија Димитрова, Илија Циривири, Лабина Митевска, Георги Унковски, Марко Ѓоковиќ, Атанас Велковски, Дејан Ѓошевски, Драган Спасов, Костадин Дончев, Андреј Бартлинг и Златко Калеников, а сите награди се проследени со соодветно образложение.

„Златна рамка за актер“ му се доделува на Владо Јовановски за неговата посветеност кон актерската професија, уметничкиот интегритет и исклучителниот придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот филм и театар.

Јовановски повеќе од три децении остава длабока трага во македонскиот театар, филм и телевизија, преку бројни впечатливи улоги во делата што ја одбележаа современата македонска кинематографија, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Прашина“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободувањето на Скопје“, како и во телевизиските проекти „Преспав“, „Утре наутро“ и други.

Владо Јовановски, актер

„Златна рамка за автор“ ѝ се доделува на Роза Трајческа, која во текот на својата долгогодишна кариера создаде препознатлив визуелен израз во бројни домашни и меѓународни филмски, телевизиски и театарски продукции, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Сестри“, „Домаќинство за почетници“, „Диџеј Ахмет“.

Нејзината работа се одликува со исклучителна креативност, прецизност и длабоко разбирање на ликот и филмскиот контекст, со што значајно придонесува кон уметничкиот квалитет и визуелниот идентитет на современиот македонски филм. Со својот професионализам и посветеност, Роза Трајческа остава траен белег во развојот на костимографијата и филмската уметност во Македонија.

Роза Трајческа, костимографка

„Златна рамка за филмски работник“ му се доделува на Димитар Јакимовски, кој со децении е значаен дел од македонската филмска индустрија во секторот сценографија, придонесувајќи кон реализацијата на бројни домашни и меѓународни продукции. Неговата професионалност, посветеност и подготвеност за соработка го прават еден од најценетите филмски работници Македонија.

Димитар Јакимовски, филмски работник

Специјалната награда „Златна рамка за особен придонес кон Друштвото на филмски работници на Македонија и македонската кинематографија“ му се доделува на Апостол Трпески, како признание за неговата долгогодишна посветеност, визија и неуморен ангажман во развојот на македонскиот филм.

Во својата повеќедецениска кариера како директор на фотографија тој остави значаен авторски белег во бројни филмски, телевизиски и документарни проекти, меѓу кои „Џипси меџик“, „До балчак“ и „Златна петорка“. Како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Трпески беше учител, ментор и инспирација за бројни генерации филмски автори и сниматели, пренесувајќи им не само знаење и вештини, туку и љубов кон филмската уметност.

Со својата човечност, професионален интегритет и несебична поддршка на филмската заедница, тој остави трајна трага во развојот на Друштвото на филмски работници на Македонија и наследство што ќе продолжи да живее низ делата и луѓето што ги создаде и инспирираше.

Апостол Трпески, директор на фотографија

Наградите ќе бидат врачени на свечената церемонија поддржана од Општина Центар во Младинскиот културен центар.

Друштвото на филмските работници на Македонија останува посветено на идејата за создавање подобри услови за работа на авторите, продуцентите и сите филмски професионалци и ќе продолжи активно да придонесува кон развојот и унапредувањето на македонската кинематографија, афирмацијата на домашното филмско творештво и јакнењето на местото на филмот во современото македонско општество и култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот