Промоција на збирката раскази „Ништо нормално“ од Симона Јованоска ќе се одржи и во Битола
По промоциите во Скопје, Гостивар и Куманово, збирката раскази „Ништо нормално“ од Симона Јованоска на 18 јуни (четврток), од 19 часот, во книга-барот „Пионерски“ ќе биде претставена и пред читателите во Битола. Низ разговор со авторката книгата ќе ја промовира Сашо Огненовски.
Препорачано
Од своето објавување во март годинава, „Ништо нормално“ во издание на „Или-Или“ предизвикува силен интерес кај читателската публика, благодарение на својот специфичен стил, провокативниот пристап и обработката на современи теми, со фокус на обичниот човек и неговите секојдневни предизвици.
Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Образованието го започнала во родниот град, а потоа дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, на отсек маркетинг.
Нејзиното книжевно творештво започнува во 2015 година со збирката раскази „Ги најдов во длабокото“, објавена исто така во „Или-Или“. Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.
Нејзиниот роман „Денот на црвот“ (2021, 2022, 2024) е прогласен за „Роман на годината“ од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на неколку јужнословенски јазици. Во 2022 година ја објавува и книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“, а во 2024 година романот „Леска Брезоска“.


