ВИДЕО | Трамп: Кога гледате млади луѓе без нозе и без раце, тоа е резултат на Сулејмани

Американскиот претседател Доналд Трамп зборуваше на прес-конференција по самитот на Групата седум во Франција, при што се осврна и на ликвидацијата на моќниот ирански генерал Касем Сулејмани.

„Тој беше шеф во Иран и сите го почитуваа, но беше луд гениј. Беше гениј, татко на патните бомби. Кога гледате млади луѓе, а во некои случаи и жени, иако најчесто млади мажи, како се движат без нозе, без раце, со лица разнесени на парчиња – тоа е Сулејмани во 95 проценти од случаите. Велат дека тоа се 96,2 проценти или нешто слично, но да речеме 95 проценти. Тоа го направи Сулејмани. Тој случајно беше од Иран, а јас го кренав во воздух. Се сеќавате на тоа? Јас го кренав во воздух“, изјави Трамп пред новинарите.

Кој беше Касем Сулејмани?

Моќниот генерал Касем Сулејмани, командант на единиците Кудс во состав на Иранската револуционерна гарда, беше убиен од американските сили во јануари 2020 година, во напад со беспилотно летало во Ирак.

Сулејмани беше архитект на ширењето на иранското влијание надвор од границите на таа земја во период од речиси три децении. Тој имаше исклучително важно место во иранскиот режим, каде што беше сметан за национален херој.

Во Иран, да потсетиме, постои паралелен безбедносен систем. Освен редовната војска и другите тела, под директна контрола на врховниот верски водач, ајатолахот Али Хамнеи, се наоѓа Иранската револуционерна гарда, чиј огранок се токму единиците Кудс.

Командантот на оваа формација во практика е помоќен човек од претседателот на државата, кој управува со редовната војска.

Кудс е формација задолжена за разузнавачка работа, специјални воени операции и политички акции со цел заштита на Исламската Република Иран. Самото име Кудс во превод значи Ерусалим, што испраќа порака дека крајната цел на таа организација е враќањето на тој град во муслимански раце.

Од сиромашно селско потекло до мит за вешт оперативец

Сулејмани на местото командант на бригадите Кудс дојде кон крајот на деведесеттите години од минатиот век и за себе успеа да изгради мит на вешт оперативец, чие име се изговараше со стравопочит.

Како еден од првоборците на Исламската револуција, со која беше создадена денешната теократска република, активно учествуваше во уривањето на шахот. Бидејќи потекнуваше од сиромашно селско семејство, низ воената хиерархија се пробиваше со храброст, што особено дојде до израз за време на крвавата Иранско-ирачка војна.

Откако го презеде Кудс, ја претвори оваа формација во организација чии агенти, распоредени низ светот, ги штитат интересите на Иран. Со ирански пари со години се финансираат шиитски борци од Авганистан, преку Јемен и Ирак, до Либан и палестинските територии.

ВИДЕО | Брижит Макрон се најде во непријатна ситуација со Трамп

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот