Фото: EPA/PAUL MCERLANE

Разоткриено е тајно друштво на техномилијардерот Питер Тил — протекоа имињата на елитата што зборувала за култови, војна и за љубовни врски

Голем број интерни документи од тајно друштво за влијателни личности од американската политика, финансиите и технолошкиот сектор останале јавно достапни на интернет. Во нив се наведени учесници на настаните на групата и се откриваат чувствителни лични податоци за кои им било ветено дека ќе останат приватни, објави „Вајрд“.

Групата, наречена „Дијалог“, е приватна организација само со покана, основана во 2006 година од милијардерот и технолошки инвеститор Питер Тил. Таа собира американски функционери, претставници на странски влади и директори од Силициумската Долина на годишни неформални собири зад затворени врати што се одржуваат без право на јавно цитирање.

„Дијалог“ веќе две децении одбива да ги открие своите членови.

Протечените податоци откриваат дека директориумот на „Дијалог“ бил вграден во кодот на веб-страницата, а прв го пронашол швајцарски хактивист, познат по претходни откритија поврзани со американската листа за забрана на летање и компанијата „Веркада“.

За помалку упатените, хактивизам (или хактивизам; кованица од зборовите „хакирање“ и „активизам“) е употреба на компјутерски техники, како што е хакирањето, како форма на граѓанска непослушност за промовирање политичка агенда или општествена промена.

Програми за Трета светска војна, култови и за љубовни врски

„Вајрд“ наведува дека содржината ја потврдил независно, додека, пак, друг извор му доставил и список за регистрација за собирот во 2026 година, закажан во близина на Даблин, со 222 пријавени учесници.

Статистичарот Ендрју Гелман во 2022 година објавил една покана од „Дијалог“ на својот блог, опишувајќи го форматот и котизацијата од повеќе од 16.000 долари. Собирот од 2014 година повторно привлече внимание годинава, кога покана препратена до финансиерот Џефри Епстин се појави во документите за Епстин објавени од американското Министерство за правда. На приложен список на поранешни учесници се појавува „Џеф Епстин“, но всушност станува збор поранешен финансиски директор на „Оракл“, а не починатиот сексуален трговец.

Документите откриваат програма со сесии за нуклеарна енергија, воени технологии, Трета светска војна, градење култови и политички партии, но и прашања поврзани со личниот живот на учесниците. На списокот се појавуваат високи воени и политички функционери, сенатори, бизнисмени од технолошкиот сектор, претставници на компании за податоци и надзор, како и луѓе поврзани со „Палантир“, „Гугл“ и други влијателни организации.

Податоците покажуваат дека многу учесници биле опседнати со теми како вештачка интелигенција, долговечност и иднината на општеството. Формуларите собирале и чувствителни информации, меѓу кои политичка ориентација, лични интереси и податоци за љубовни врски, иако било ветено дека тие нема да бидат споделувани.

Звучни имиња на списокот

Протечениот список за регистрација наведува и високи личности што ги нема во јавниот директориум од 113 луѓе: Ренди Крознер, поранешен гувернер на Федералните резерви, кој сега е член на Комитетот за финансиска политика на Банката на Англија; Хали Хофман, поранешна главна правна советничка и вршителка на должност шефица на кабинет во Агенцијата за борба против дроги; Џонатан Гринблат, извршен директор на Антидефамациската лига; Питер Гетлер, претседател на Институтот „Кејто“; Рајан Стауерс, извршен директор на Фондацијата „Чарлс Кох“; и Роџер Мајерсон, добитник на Нобелова награда за економија од Универзитетот во Чикаго.

На списокот се наведува и група директори од „Гугл“ и „Гугл дипмајнд“, меѓу кои Том Лу, кој ги води глобалните прашања за одделот за напредна вештачка интелигенција на компанијата, како и една активна новинарка, Суад Мехенет, дописничка за национална безбедност во „Вашингтон пост“. Таа е наведена како организаторка на настан наречен „Книжевен клуб Улис“.

Остатокот од членството опфаќа милијардери од хеџ-фондови и приватен капитал, актуелни и поранешни странски функционери, телевизиски актери, автори на бестселери и верски лидери.

„Зборувајте кратко“

Меѓу изложените документи на „Дијалог“ бил и водич за модератори, во кој се нагласувало дека разговорите на настаните „остануваат тајни“, а учесниците треба да зборуваат кратко и со „неочигледни“ забелешки. Модераторите добиле и насоки како да ги водат претставувањата за да се избегне истакнување статус во просторија во која има сенатори, високи функционери и богати бизнисмени.

Иако организацијата инсистирала на строга дискреција на своите собири, истата внимателност не била применета на нејзината веб-страница. Директориумот бил вграден во кодот на речиси празната страница (dialog.org) и можел да го види секој што ќе го отвори изворниот код. Посебна страница за „Дајалог глобал 2026“ (Dialog Global 2026) овозможувала најава со имејл или со „Гугл“ профил, без јасни услови, ограничувања или назнака дека е потребна покана.

„Дијалог“ со години функционира со мал јавен траг, организирајќи затворени годишни повлекувања. Групата е споредувана со технолошка верзија на „Билдерберг“, а списокот за 2026 година наведува 222 регистрирани учесници.

ФОТО+ВИДЕО | Кои се најбогатите „непо бебиња“ и како ги стекнаа своите милиони?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот