Уставниот суд ја укина одлуката со која беа сменети имиња на улици во Тетово во 2007 година
Уставниот суд денеска соопшти дека ја укинал одлуката на Општина Тетово од 2007 година, со која беа преименувани повеќе улици во градот, како и централниот плоштад, кој со ова повторно официјално се вика „Маршал Тито“, наместо „Илирија“, како што беше преименуван пред речиси 20 години. Уставните судии одлучуваа по претставката која ја поднесоа Сојузот на борците од НОАВМ и тетовецот Даријан Сотировски, пред речиси една и пол година.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Уставниот суд донесе одлука да ја прифати Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр.07-766 од 24.04.2007 година и ја укина незаконската одлука.
„Заминаа во историја наметнатите незаконски имиња на улиците во Тетово! Во сега далечната 2007 година со гласовите на советниците од сите претставени политички партии, кршејќи го законот, Советот ги замени имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција, рефлектирајќи непочитување кон Уставот и кон асномскиот антифашистички темел на државата“, напиша во објава на социјалните мрежи Сотировски, еден од подносителите на иницијативата.
Уставниот суд пред неколку месеци поведе постапка и наведе дека во одлуката на Општина Тетово не бил почитуван законскиот услов според кој согласност за таквото преименување на улици и објекти да даде и Владата.
Освен градскиот плоштад во Тетово, тогаш беа преименувани и улиците „Иво Рибар Лола“, „29 Ноември“, „Радован Цониќ“, „ЈНА“ и повеќе други, кои добија имиња на дејци и просветители од албанската историја и култура.
Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи-Тетово денеска изрази задоволство од одлуката на уставните судии и повтори дека во 2007 година незаконски биле сменети имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција и со што не се почитувал Уставот и асномскиот антифашистички темел на државата.
„Апелираме до носителите на доверен мандат во локалниот Совет на Општина Тетово, сега и во иднина, да одлучуваат одговорно, со ум и разум, не под диктат, да му служат на јавниот интерес, а не на поединци, затоа што срамот од уништувањето и оштетувањето на нашиот град од нивни постапки, кога тогаш може да ги стаса. Советот е место каде треба да се креира развојот, а не поделби, безидејност и автоматско гласање на погрешни одлуки“, се вели во соопштението на Сојузот.


