Фото: СДСМ

СДСМ: Извештајот на ЕП ја потврди вистината — Мицкоски ја оддалечува Македонија од ЕУ

„Предупредувавме за сѐ и сега сѐ се потврдува. Извештајот на Европскиот парламент нотира недостаток на напредок во реформите, особено во однос на владеењето на правото, на што алармиравме цело време“, велат од СДСМ во соопштение околу гласањето за Извештајот за напредокот на земјаа кон Европската унија.

„Изразува загриженост дека судскиот систем, независноста на судовите и обвинителството, како и напорите за зајакнување на владеењето на правото и рамките за борба против корупцијата, не напредувале доволно. Ги повикува политичките чинители итно да се воздржат од политичко мешање во правосудството. Се нагласува важноста од независноста на судството, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет, во согласност со препораките и мислењето од мисијата за колегијална ревизија на Венецијанската комисија од 2023 година. Се констатира, со загриженост, дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата и дека таа останува распространета во многу области. Посебна загриженост предизвикуваат измените на Кривичниот законик, за кои предупредуваше и СДСМ, а кои создаваат неказнивост за функционерите на власта“, посочуваат од најголемата опозициска партија.

Оттаму додаваат дека во Извештајот се изразува загриженост и поради стратешкото преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски субјекти, „со што се овозможува ширење на антиевропски наративи“.

„Уште една потврда на она што СДСМ го говори подолго време. СДСМ со месеци зборува за медиумската мрежа на Орбан, која контролира 40% од медиумите во Македонија, како и за антиевропските кампањи, а сега и за медиумите на Вучиќ преку Euronews. Дезинформациите и странското влијание преку т.н. „српски свет“ се дел од овој антиевропски наратив што го води ВМРО на чело со Мицкоски, а кој е преземен по рецепт на Вучиќ и СНС, сестринската партија на ВМРО. Сега е сѐ сосема јасно. Не станува збор за никаква заштита на македонскиот национален идентитет од страна на Мицкоски, туку за заштита на неговата криминална моќ, односно на криминалната моќ на неговата група. Мицкоски не сака членство во ЕУ затоа што се плаши од одговорност. Нема реформи, нема напредок, има изолација. Затоа се води антиевропска кампања, затоа со лажни наративи се напаѓа СДСМ за предавство, само за да се спречи влезот на Македонија во Европската Унија“, соопштија од СДСМ.

Европскиот парламент денеска, со 411 гласа „за“, 120 против и 120 воздржани го усвои Извештајот на известувачот Томас Вајц за напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија. Амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше да се избрише ставот 73 од идната резолуција, беше отфрлен. 338 пратеници гласаа против бришењето на текстот, а само 126 го поддржаа неговото бришење. Ако амандманот беше усвоен, текстот немаше конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Европратениците го одбија амандманот на известувачот Томас Вајц: Спорниот дел за историските прашања остана во Извештајот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот