Венко Филипче / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Филипче на годишнината од Преспанскиот договор: Храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место

„Храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во одговор на новинарско прашање за коментар околу Договорот од Преспа, кој беше потпишан на денешен ден пред осум години. Со овој договор, земјава се согласи да го смени името во Република Северна Македонија и да ги регулира односите со Грција, а за возврат да биде примена за полноправна членка на НАТО-алијансата.

Филипче рече дека Преспанскиот договор затворил едно крупно, повеќедецениско прашање — спорот за името со Грција и отворил перспектива за државата, безбедноста и економскиот развој.

„Преспанскиот договор затвори едно прашање, повеќедецениски спор за името со Грција. Ние сега, од оваа временска дистанца, осум години сме земја членка на НАТО, дел од најмоќниот воен сојуз, нешто што поттикнува и инвеститори да дојдат да инвестираат во земјата, што видовме за време на нашите мандати. За жал, сега оваа власт тоа не го прави, не го практикува, едноставно немаат капацитет да ја водат и економијата како што треба“, рече Филипче.

Тој додаде дека денес, од оваа временска дистанца, со право се поставува вистинското прашање — каде ќе беше Македонија денес ако спорот со Грција беше решен многу порано?

„Каде ќе бевме сега ако тој повеќедецениски спор со Грција беше решен на почетокот на 90-тите години? Дали ќе бевме во рангот на една Словенија, а сум прилично сигурен дека ќе бевме. Со сите проблеми со кои што сега се соочуваме, едноставно немаше да треба да се соочуваме. Тоа е само уште еден аргумент во прилог на тоа дека храбрите државнички политики се тие кои што ни требаат. Не ни требаат политичари, кукавици, како што сега седат во Владата, кои што се грижат само за сопствениот интерес“, рече Филипче.

Осум години од потпишувањето на Договорот од Преспа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот