Обезбедни „гумички“ и резервни делови за жичницата – кога ќе започне сервисирањето?
Договорот со фирмата „Допелмаер“ за набавка на резервни делови ЈСП „Скопје“ го склучило уште во април без објавување јавен оглас, туку со постапка за преговарање. Нема информација дали веќе има договор за сервисирање.
Уште на 28 април ЈСП „Скопје“ склучило договор со скопската подружница на австриската фирма „Допелмаер“ за набавка на резервни делови за тековно одржување на Жичницата, која повеќе од еден месец не е во функција. Договорот во вредност од 2.359.882 денари со вклучен ДДВ е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки дури на 3-ти јуни, а е реализиран без претходно објавен оглас.
Препорачано
Законот за јавни набавки дозволува ваква можност, договор да се склучи со преговарање без објавен оглас. Во мислењето кон договорот од Бирото на јавни набавки се вели дека согласно член 55 од Законот за јавни набавки постапката со преговарање без објавување оглас може да се спроведе доколку набавката може да ја обезбеди само одреден економски оператор кога поради технички причини нема конкуренција за предметот на набавка или доколку нема соодветна алтернатива или замена и доколку отсуството на конкуренција не е последица на неоправдано ограничување на спецификациите на предметот на набавка.
Во конкретниот случај, како што оценуваат од БЈН, исполнети се условите за спроведување на постапката.
Кон крајот на април екипа на фирмата „„Допелмаер“ извршила контрола на Жичницата на Водно која покажала дека таа е во катастрофално лоша состојба, по што е затворена и нема да работи во текот на целото лето, односно додека не се сервисира.
Жичницата пред колапс и покрај редовните технички прегледи — кој ќе одговара?
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на почетокот на мај соопшти дека Град Скопје и ЈСП „Скопје“ ја очекуваат понудата за сервисирање и дефектажа на објектот и како што рече тогаш, не може да се каже за колку време ќе се направат овие поправки и кога таа повторно би била ставена во функција. Но вети дека штом бидат добиени понудата, цената и временскиот рок за тоа ќе биде информирана јавноста.
Оттогаш досега измина цел месец, а ниту од градоначалникот, ниту од ЈСП „Скопје“ нема известување дали е договорено сервисирањето, колку ќе чини и кога ќе се изведе, за Жичницата повторно да превезува граѓани до врвот на Водно.
На Електронскиот систем за јавни набавки нема објавено оглас за сервисирање што значи дека и тој договор ќе се склучи со преговарање, затоа што Австријците, кои се изведувачи на овој објект веројатно се и најкомпетентни за неговото одржување.
Но, договор за резервни делови е склучен, вклучително и за стеги за кабини, гумени облоги за тркало по столбови, разни осигурувачи и четкички. Колку за посетување, Ѓорѓиевски, најавувајќи дека Жичницата подолг период нема да работи, соопшти дека биле „изедени“ гумичките па доаѓало до триење на гондолите, не работеле неколку сензори и од тие причини можело да се случи да се откачи гондола.
Летово нема возење со жичница на Водно – постои ризик да се откачи гондола
Жичницата „Милениумски крст“, беше пуштена во употреба во јуни 2011 година, има 30 кабини или гондоли, се движи на растојание од 1,6 километри и има капацитет да пренесе 1.200 патници на час. Како што се покажа жичницата која 15 години пренесуваше граѓани од Средно Водно до врвот на Водно, била само тековно одржувана, но не се спроведувале големи сервиси, кои се неопходни за ваков објект, каде безбедноста на граѓаните кои ќе влезат во гондолите требало да е врвен приоритет, без оглед колку пари тоа чини.
Контроли биле правени, со оглед на тоа што ЈСП „Скопје“ секоја година објавувало јавни повици за фирма која ќе изврши технички преглед на жичницата. Што точно се прегледувало и како се контролирало и како е можно досега да не се открие колку е небезбедна жичницата – се прашања на кои јавноста не доби конретни одговори.
Од Град Скопје за „слободен печат неодамна потврдија дека биле правени само мали интервенции на објектот.
При увидот се констатирани сериозни недостатоци, предизвикани од тоа што со години не биле спроведувани неопходните големи сервиси и редовно одржување. Не станува збор за мали или тековни интервенции, туку за сериозен и обемен сервис кој очигледно бил занемаруван подолг временски период. Во однос на евентуална одговорност, како и сите случаи, за секој оној што направил неправилности – потребно е истражните органи да го испитаат случајот и да постапат согласно Законот – одговорија од Градот.
Сега, јавноста очекува потранспарентен однос од надлежните и очекува што поскоро овој објект да се пушти во употреба безбеден за сите граѓани.


