Има уште слободни локации за продажба на кафе и сладолед во Градски парк, може да се аплицира уште една недела
Скопјани кои се заинтересирани за продажба на кафе, сладолед и пијалаци во парковите или на кејот на Вардар, можат да аплицираат за преостанатите локации за поставување урбана опрема за улична продажба, кои сѐ уште не се никому доделени.
Препорачано
Град Скопје неодамна објави дополнителен јавен повик за доделување уште 10 локации во Градски парк, четири локации во СРЦ Сарај, три локации во паркот во Гази Баба, три локации на кејот на Вардар и две локации во Рајски парк во Ново Лисиче. Максималната површина на локацијата на која се поставува урбаната опрема – подвижните објекти, подвижни апарати и други подвижни направи е до 16 метри квадратни.

Под подвижни објекти се подразбираат објекти на сопствен погон или приколка која нема сопствен погон на движење, односно специјализирани возила за улична продажба, со должина до 4 метри и висина до 3 метри во кои можат да се даваат конфекционирани угостителски услуги кои немаат негативни еколошки влијанија врз околината (користат агрегат за напојување со струја, со ниска бучавост, високо квалитетен, нема индустриски агрегат и да има сертификат дека има ниска емисија на штетни гасови) – се прецизира во јавниот повик.
Понатаму, како што се наведува, урбаната опрема за улична продажба може да се користи само за продажба на сладолед, пијалаци, кондиторски производи, подготвување на пуканки, шеќерна волна, крофни, палачинки и слични производи, но во нив не смеат да се продаваат семки и други јаткасти производи.
Даночните решенија ќе стигнат до скопјани на крајот на јуни, Градот ја ревидира вредноста на имотите
Еден од условите е дека поставените објекти или подвижни апарати треба да имаат дизајн и изглед кој не го нарушува амбиентот на околината каде што се поставени и не треба да содржат озвучување или аудиосистеми за пуштање музика.
Заинтересираните за улична продажба треба да поседуваат доказ за регистрирана дејност од Централниот регистар, доказ за поседување на фискален апарат или за поднесено барање за издавање фискален апарат до УЈП, не постаро од 15 дена и скица со точни димензии на подвижниот објект.
Локациите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден-прв услиужен“, а пред да се добие одобрувањето задолжително ќе треба да се плати комунална такса согласно важечките прописи како и да се подмири обврската кон ЈП „Паркови и зеленило“ за чистење на јавни зелени површини за поставување на урбана опрема согласно ценовникот за услуги за вршење на вонредни активности на препријатието.
Откако ќе се добие решението, треба да се склучи договор и со „Комунална хигиена“ за транспортирање и депонирање на отпад и да се достави решение за регистрација на мобилен објект издадено од Агенција за храна и ветеринарство, во рок од 7 дена од денот на добивање на одобрението.
Заинтересираните субјекти или учесници на јавниот повик, кој трае до 24 јуни, ќе бидат известени за резултатите од спроведената постапка во рок од 10 дена по истекот на рокот за поднесување на пријавите


