Мундијалскиот херој Возиња преку ноќ доби милиони следбеници, а солзите по натпреварот беа за неговата мајка
Четириесетгодишниот голман на Зеленортските Острови, Возиња, со своите фантастични интервенции ја предводеше својата репрезентација до вистинско чудо против големата Шпанија (0:0), а неговата необична животна приказна и ненадејната светска популарност предизвикаа огромно внимание во јавноста. Денес на социјалните мрежи го следат повеќе од шест милиони луѓе.
Препорачано
Додека неговите соиграчи славеа еден од најголемите спортски подвизи на Светското првенство, Возиња по последниот судиски свиреж на стадионот во Атланта падна на колена и не можеше да ги запре солзите.
Емоциите кои го преплавија не беа само резултат на големиот успех против Шпанија. Зад нив се криеше и длабока лична болка, како и семејна приказна која ги открива финансиските и административните пречки со кои се соочуваат граѓаните на помалите држави.
Иако беше прогласен за играч на натпреварот откако ги запре сите обиди на шпанските фудбалери, на трибините не ја имаше поддршката од најважната личност во неговиот живот, неговата мајка.
🇨🇻😢 Cape Verde goalkeeper Vozinha: “I cried after the game because I grew up with my grandparents when I was a kid, and they could not be there. They passed away a few years ago. My mum could not be here either for a VISA issue, and the money we had to pay for it. We did not… pic.twitter.com/vbMGHPCQez
— EuroFoot (@eurofootcom) June 15, 2026
Причината е строгата визна политика на САД. Имено, од јануари годинава, Зеленортските Острови се наоѓаат на листата земји чии граѓани, покрај редовните визни трошоци, мора да уплатат и повратен депозит од 15.000 долари пред патувањето. За семејството на Возиња оваа сума била преголем товар, па неговата мајка не успеала навреме да ја заврши процедурата и да присуствува на најголемиот момент во кариерата на својот син.
„Плачев затоа што пораснав со баба ми и дедо ми. За жал, тие повеќе не се меѓу живите, починаа пред неколку години. Тие беа сè за мене. Плачев и затоа што мајка ми не успеа да дојде поради визата. Поради парите што требаше да ги обезбедиме за депозитот, не стигнавме навреме да ја завршиме постапката. Посакував да биде тука, но и покрај сè сум пресреќен“, изјави емотивниот голман.
Возиња веќе 13 години е стандарден прв голман на својата репрезентација, а професионалната кариера ја започнал релативно доцна, дури на 25-годишна возраст во 2012 година.
„Целиот живот работев за овој момент. Имам 40 години. Во одредени периоди размислував и да се откажам од фудбалот, но продолжив да се борам токму поради овој сон. Ова е награда за сите нас. Јас сум прогласен за играч на натпреварот, но признанието им припаѓа и на моите соиграчи, бидејќи без нив ништо од ова немаше да биде возможно“, порача искусниот чувар на мрежата.
Додека неговата приказна за мајката и починатите членови на семејството ја трогна јавноста, паралелно се случуваше и вистинска сензација на социјалните мрежи.
Блескавата партија против Шпанија го претвори Возиња во една од најпрепознатливите личности на турнирот. Пред почетокот на натпреварот тој имаше околу 56.000 следбеници на својот профил, но само неколку часа по мечот бројката експлозивно порасна на повеќе од шест милиони.
Особено впечатлив беше моментот по натпреварот кога за време на телевизиско интервју новинарка од шпанскиот спортски весник „Марка“ му соопшти дека веќе има повеќе од 1,1 милион следбеници во тие моменти.
Возиња остана без зборови, гледајќи во неверување и држејќи се за главата.
„Ова е лудо!“, кратко прокоментира низ смеа и неверување, без да претпостави дека до следното утро бројката ќе надмине шест милиони луѓе кои во него препознаа вистински херој и симбол на фудбалската романтика.
Кој е Возиња, херојот на Зеленортски Острови? Ветеран од 40 години блескаше против Шпанија
ВИДЕО | Контроверзна прослава на Иранецот Мохеби — даде гол, па „пукаше“ со пиштол
ФОТО | ФИФА направи исклучок по барање на Саудиска Арабија и го промени протоколот со знамињата
ВИДЕО | Саудијците беа на чекор до подвиг, Уругвај извлече бод во Мајами


