Градина „Бостание“ во паркот „Лисиче“ / Фото: Зелената арка

Дали паркот „Лисиче“ ќе ја плати цената за депо на БРТ?

Според Димитар Самарџиев од здружението „Зелената арка“, наместо да се користи голем дел од паркот „Лисиче“, идеалната локација е токму отспротива преку автобуската постојка, каде исто така има огромна зелена површина која, како што вели тој, е државна, пуста и неискористена.

Изминативе неколку месеци од Град Скопје информираа за откочувањето на проектот за брз јавен транспорт – БРТ, кој предвидува посебни сообраќајни решенија, нови возила и кого скопјани со години го исчекуваат. Сепак дел од граѓаните имаат поголема загриженост околу зачувување на зеленилото при изготвувањето на трасите за линиите, особено средишното зеленило и паркот „Рајска градина“, сместен во Ново Лисиче кај последната постојка на автобусот број 5.

Парк „Лисиче“ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Средишното зеленило нема да се чепка

„Слободен печат“ во петокот беше на пробна тура на една од предвидените траси за овој тип јавен превоз, организирана од здружението „Гоу Грин“, која треба да оди од депото во Ѓорче Петров до депото во Ново Лисиче.

Од септември делумно се пушта градскиот воз, прва ќе профункционира трасата Миладиновци – Транспортен центар

Низ патувањето нè водеше Дарко Арсовски Петровски, кој на патот од Карпош до Аеродром говореше за линијата, но и за предизвиците со кои ќе се соочи Градот при изведбата на посебните линии за движење на возилата на БРТ со цел да го зачува зеленилото, како и пешачките и велосипедските патеки долж главните сообраќајни „артерии“ во Скопје.

– Во поголем дел од проектот линијата на БРТ ќе се направи во третата лента од сообраќајот, односно најлевата. Градоначалникот на Скопје соопшти дека централното зеленило на булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“ нема да се чепка и отстранува, со што ќе се скратат преостанатите две ленти, а меѓу лентите за автомобили и БРТ ќе има уште еден ред зеленило, со што се отвора дилемата за велосипедските и пешачките патеки и потребата од нивно кратење или целосно изземање од сообраќајот- вели Арсовски Петровски.

Според него, главната цел е зачувување на зеленилото при изведбата на овој проект, но тој истакна дека Градот, како што вели, не е многу отворен на оваа тема и нема конкретни информации околу начинот на кој зеленилото ќе остане недопрено, ќе останат постоечките пешачки и велосипедски патеки и ќе се воведе системот БРТ. Тој воедно апелираше за поголема транспарентност и јавна презентација на проектот.

БРТ од најлош проект „преку ноќ“ стана најзначаен за модернизација на јавниот превоз во Скопје

На оваа тема од Град Скопје за „Слободен печат“ одговорија дека сегашната гарнитура размислува во насока на задржување на средишното зеленило и додавање на уште еден зелен коридор, што е, како што велат, значително различно од размислувањето на минатите градски власти.

-Размислувањето на моменталната градска администрација за БРТ се значително поразлични од минатите во поглед на зелените површини во Град Скопје. Во таа насока сегашните размислувања се средишното зеленило да биде задржано, БРТ автобусите да се движат по крајната лева лента, па повторно да има зелен коридор и да останат две ленти за останатите учесници во сообраќајот- одговорија од Град Скопје.

„Лошиот“ БРТ по мера на ВМРО-ДПМНЕ

За депо во Ново Лисиче не треба да се жртвува парк

Автобуската тура заврши во Ново Лисиче, кај паркот „Рајска градина“, каде, како што вели Димитар Самарџиев од здружението „Зелена Арка“, е предвидена изградба на едно од двете депоа за автобусите на БРТ, како и станици за сервис и автобуска постојка „по цена“ на големо парче од паркот, зависно од одлуката на Градот дали паркингот за автобуси да се протега на површина од 4.8 хектари или седум хектари.

-Се наоѓаме во паркот во Ново Лисиче, за некои познат како „Рајска градина“ или паркот Лисиче. Тука е предвидено да биде последната постојка, депото и сервисниот центар за БРТ. Другата е во Ѓорче Петров и тоа подразбира на само ово место, како што гледате, паркот, да се овозможи тој превоз и тука да се паркираат сите возила, тоа е прилично голем паркинг, сè уште не е утврдено дали ќе биде седум хектари површина или од 4.8 хектари, но отприлика сме на местото каде што тоа треба да се развие тука – вели Самарџиев.

Димитар Самарџиев / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Паркот „Лисиче“ или „Рајска градина“ беше изграден и пуштен во употреба во јули 2016 година и според достапните информации, се протега на површина од 97.000 квадратни метри, со што е втор по големина парк во Скопје.

Според „Зелената арка“, алтернативата е преку улица

Самарџиев потенцираше дека десетина години по неговата изградба, паркот е развиен и полн со посетители од сите возрасти и додаде дека постои алтернатива со која овој парк и ќе биде „поштеден“ од бетонизација, и ќе се исполнат потребите за изградба на депо за возилата на БРТ.

-Интересната работа е дека овој парк веќе десетина година е заживеан, луѓето се навикнати да го употребуваат за прошетки, рекреација, џогинг, прославуваат детски родендени и секако идејата за БРТ е посакувана, сите ние сакаме поквалитетен живот и подобар јавен превоз. Ја поздравуваме идејата и воедно сакаме да порачаме дека постои решение каде што не се исклучуваат и паркот и паркингот, односно каде што ќе се вклопат и двете работи. Постои „вин-вин“ решение каде што може да ги вклопиме и самата последната постојка и депо, и да постои парк- изјави тој.

Градот ќе распише тендер за БРТ до крајот на годината, трасите ќе се продолжат кон Драчево и Радишани

Според Самарџиев, наместо да се користи голем дел од паркот „Лисиче“, идеалната локација е токму отспротива преку автобуската постојка, каде исто така има огромна зелена површина која, како што вели тој, е државна, пуста и неискористена, се протега до објектот на Фудбалската федерација на Македонија, што е сосема доволно за изведба и изградба на планираното депо.

-Наместо да се компензира паркот, ја имаме таа идеална состојба тука, од спротивната страна на оваа постојка има државна површина и државно земјиште со површина од над седум хектари, што е сосема доволно да се изведе постојката, само што би била од другата страна на улицата, затоа што планирано е да се пробие булеварот „Февруарски поход“ сѐ до Вардар и понатаму да се направи мост за да се поврзе со „Перо Наков“- вели тој.

Предложената алтернатива од „Зелената арка“ за изградба на депо на БРТ / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Апел до Градот за поштедување на паркот „Лисиче“

Според него, ова решение е логично и со него ќе се поштеди огромната зелена површина, па затоа во име на „Бостание“ упати молба до Градот да го разгледа овој предлог со кој ќе се зачува зеленилото, ќе се изгради депо, но и граѓаните ќе продолжат да го користат овој парк.

-Упатувам молба до градските власти да го разгледаат овој предлог и да размислат, да покажат малку добра волја за интервенција која во овој момент е можна затоа што сега се изработува ГУП-от и би можело да се интервенира со посебна пренамена за ништото, за да ги имаме и двете придобивки – и квалитетен јавен превоз, а и парк што ќе продолжи што ќе се развива во наредните години и граѓаните од Скопје ќе продолжат да го употребуваат како што се веќе навикнати- апелираше Самарџиев.

Исто така во паркот веќе седум години е активна општествената градина каде, според Самарџиев, денес има 55 градинари кои заедно ја одржуваат. Оваа градина, како што вели тој, е уште еден слој на квалитет на животот на граѓаните кој ќе се изгуби доколку на оваа локација се изгради депото.

-Во рамките на паркот веќе седум години постои една општествена градина која исто така е донација и проект на Градот Скопје каде скопјани можат здружени да градинарат. Во моментов има околу 55 активни градинари и веќе е оформена една заедница така што тоа е уште еден слој на квалитет на животот на паркот што потенцијално може да се загуби ако точно на ова место се направи на постојката- вели Самарџиев.

Градина „Бостание“ во паркот „Лисиче“ / Фото: Зелената арка

Прашани за оваа локација, од Градот не добивме конкретен одговор дали ќе го разгледа барањето на граѓаните и дали сè уште сметаат дека треба да се одземе дел од паркот за изградба на депо. Оттаму одговорија дека во моментот се ангажираат домашни и странски експерти кои ќе треба да предложат идејни решенија за БРТ.

-Во моментов, согласно процедурите кои се надгледувани од ЕБОР сме во фаза на обезбедување меѓународни и домашни експерти кои ќе предложат идејни решенија за реализација на БРТ превозот и истите ќе бидат презентирани на јавноста на најтранспарентен начин – велат од Градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот