„Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“ — 83 години од масакрот во Ваташа
На 16 јуни 1943 година, во месноста Чаир кај Моклиште, во близина на кавадаречкото село Ваташа, се случи едно од најстрашните злосторства врз цивилното население во Македонија за време на Втората светска војна. Тој ден бугарските окупаторски сили стрелале дванаесет ваташки младинци, момчиња на возраст од 15 до 28 години, обвинети дека им помагале на партизаните.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Осумдесет и три години подоцна, нивните имиња продолжуваат да живеат како симбол на непокорот и младоста која не се предала пред теророт.
Денот кога Ваташа остана без своите деца
Утрото на 16 јуни 1943 година селото било блокирано од бугарската војска и полиција. Неколкумина младинци и девојки биле приведени во селската кафеана, каде што биле испрашувани и тепани под сомнение дека одржуваат врски со партизанските одреди.
По повеќечасовни мачења, еден младинец и една девојка биле ослободени, додека дванаесет момчиња и четири девојки останале во притвор. Подоцна биле одведени пеш кон месноста Моклиште, под изговор дека ќе бидат фотографирани.
Кај месноста Чаир најстариот меѓу нив, Васо Хаџијорданов, насетил што се подготвува и се обидел да побегне. По него тргнале и останатите. Во тој момент била издадена наредбата за стрелање.
Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“.
Убиени биле:
- Перо Видев (15)
- Ванчо Ѓурев (19)
- Данко Дафков (18)
- Илија Димов (18)
- Ристо Ѓондев (18)
- Блаже Ицев (20)
- Пане Мешков (18)
- Герасим Матаков (18)
- Ферчо Поп Ѓорѓиев (26)
- Васо Хаџијорданов (28)
- Диме Чекоров (20)
- Пане Џунов (18)
Според сведоштвата на преживеаните и на семејствата, дел од младинците по стрелањето сè уште давале знаци на живот, по што биле доубивани со бајонети. Родителите не смееле ниту достоинствено да ги погребаат своите деца и под закани само набрзина ги покриле телата со гранки и земја.
Денес на тоа место стои споменик кој потсетува на трагедијата што засекогаш го обележа Тиквешието.

„Ми заплакало селото Ваташа“
Најпознатото музичко дело инспирирано од трагедијата е народната песна „Ми заплакало селото Ваташа“, чиј текст го напишал Лазар Манчевски-Пинџур, сведок на настаните.
Песната низ децениите ја изведувале бројни македонски пејачи, а најпозната останува верзијата на Никола Бадев од 1975 година. Во Кавадарци и Ваташа таа често се нарекува неофицијална химна на селото и на сеќавањето на ваташките младинци.

Во поново време песната повторно ја доби јавната внимание преку емотивната изведба на Андријана Јаневска и Игор Џамбазов, претставена на „Златна Бубамара на популарноста“ и на одбележувањето на 80-годишнината од масакрот.
Славко Јаневски и песната „Цветови“
Масакрот во Ваташа остави длабока трага и во македонската авторска поезија. Една од најзначајните творби инспирирани од настанот е песната „Цветови“ од Славко Јаневски.
Во неа убиените младинци се претставени преку симболиката на цветот и пролетта, како млади животи насилно прекинати пред да ја дочекаат својата зрелост. Песната е вброена меѓу антологиските дела на македонската литература.
В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.Последна солза од око капна…
кога на ридот есента стапна,
в крви се изми утрото бело.
И кога в зраци челикот светна
последна мисла ко птица летна:
„Мајка ми сама остана в село”.О, детски очи!
Криевте в себе небесно катче…
Румено крвје течеше в жили
в радост без почин…Кај око детско натопи земја
гороцвет никна, разлиста пролет,
кај крвта врела растопи слана
црвена роза закити поле.Мајската роза и цветот модер
в миризма молат:
„Закити, друже, огнена пушка
со цвеќа млади,
па напред појди и други деца
брани со гради”.В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
– убија дете.

„Дванаесет фиданки кревки“
На трагедијата е посветена и поемата „Крвава блокада“ од Лазо Каровски, составена од дванаесет песни, колку што биле и младинците што го загубиле животот.
Во неа момчињата се опишани како „дванаесет пупки пролетни“, „дванаесет бисерни зрна“ и „дванаесет фиданки кревки“, а целата поема претставува поетски споменик на нивната жртва и на отпорот против фашизмот.
1.
Црн мрак во катран тежи.
Ноќ фрла сертме-мрежи
над ниските
куќи збити
на Ваташа –
старо гнездо на комити
сега нова
лулка машка
на јунаци.2.
По широко, ведро небо
ко низ ширно
море мирно
месец румен скришум снови
А ѕвездички небо китат
и трепкави
никнат нови
в бескрајната шир се збитат.
Низ улички тесни, криви,
прегрбени сенки шетат
и бесшумно, како пајак
в ноќ железен обрач плетат.3.
По небо в час
набабрени,
црни
се дигаат,
растат
облаци штури
ни месец румен,
ни ѕвезден бисер
небото стана –
море сред бури.
Ни лај на куче,
ни шум се слуша
и штама гробна,
ни жива душа,
сал слушаш злобно
реката шуми
и реди страшни,
бунтовни думи.4.
Ноќ темна
и пуста,
пуста
ко гробишта стари…
А морник те фаќа
и трепнеш
со коприва стравот те жари…
И задув те души
градите тесни се прават,
грло се суши
а злобни сенки
во глиб од болки те дават,
о, ноќ на пеколни маки!….5.
Со зраци крвно-црвени
се зори зора винена.
Но таа зора – изгора,
изгора – клета умора
на страдни мајки робинки.
О, страдни мајки робинки
со мачни маки мачени
до кога крв ќе леете
и в лути рани тлеете?6.
Ден страшен – извор на маки,
ден грозен – извор на болки.
Штамата расплела коса,
по гранки свенати лисја,
по треви – смрзната роса…
И нигде никого нема,
ни човек жив да се јави,
а трпне Ваташа в стравои –
во топли крви се дави.7.
Од куќа во куќа в страв претрес се врши,
зол поручник пали и крши,
в бес моминска руба и жолтици граби,
ко лутица гневот го плиска над слаби.
И дете в постела уште
сон сладок лице му кити, –
го грабна, поведе…
– Зошто!?
со болка мајката викна
истури врели солзи
и ороси лице бело –
без капка крв,
за мило едино чедо,
за синот прв.8.
Дванаесет
ко бисерни зрна
наредени во момински гердан,
дванаесет
ко јаганца бели
изврзани ко в крваво оро
ги тераа
во мртвата гора.9.
Се заплетка ветер низ гранки
стрепереа лисја од страв,
затворија китките очи –
ги наглоти ветер со прав…
Низ пустата падина згрме
зловештиот картечен лај,
дванаесет фиданки кревки
овенаа в намуртен мај…10.
Дванаесет пупки пролетни,
дванаесет китки алови
во топли крви пливаат
и раце, нозе протегаат
се дават в здивои последни.
И тиран деца умори,
ко слана пупки попари…
Од стравој дрвја треперат
а лисја пеат јаросно,
пеат за лута одмазда.11.
Дванаесет
мачни
робови
лежат во пресни гробови.
Од тие
ладни
гробови пресни
ќе никнат борци за нови песни.12.
Ќе дојде пролет, ќе цветат цвеќа,
ќе растат тревки, ќе шумат лисја,
но тие деца ни цвет ќе цветат,
ни лист ќе лиснат, ни свет ќе видат
под црна земја мртви ќе бидат…
И кога минеш низ поле в пролет
крај тие бели, но тажни крстои,
ќе чуеш место на славеј песна
за одмазда чезне пак крвта пресна.

Ацо Шопов и „Дванаестмината од сончевата колона на младоста“
Исклучително значајно е и делото „Дванаестмината од сончевата колона на младоста“ од Ацо Шопов.
Во оваа хроника-поема Шопов им дава симболичен глас на дванаесеттемина младинци. Преку нивните замислени монолози ја прикажува нивната младост, соништа, револуционерна определба и одлучност да не ги предадат своите другари.
Во делото постојано се повторува мотивот на молчењето пред мачителите и реченицата „Не знам ништо“, која станува симбол на верноста кон идејата и непокорот пред насилството.
Шопов ги нарекува „сончева колона на младоста“, метафора што подоцна станува препознатливо литературно обележје на младинците од Ваташа.
Целосниот текст можете да го прочитате тука.


