Јужноафриканската џез-легенда Абдула Ибрахим почина на 91-годишна возраст
Абдула Ибрахим, музичарот кој одигра клучна улога во обликувањето на еден препознатлив правец на јужноафриканската џез музика, почина на 91-годишна возраст, соопшти неговото семејство, пренесе „Би-би-си“.
Препорачано
Во соопштението објавено во име на семејството се наведува дека тој „починал мирно, опкружен со своето семејство во Германија, по кратко боледување“.
Претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса, изјавил дека Ибрахим со своето творештво постојано ѝ оддавал почит на Јужна Африка, земјата што ја втемелила неговата политичка посветеност и му помогнала да се изгради во еден од најголемите музички уметници на своето време.
Абдула Ибрахим е роден во 1934 година во Кејптаун под името Адолф Јоханес Бранд. Уште како седумгодишно дете почнал да создава музика на пијано, пронаоѓајќи мелодии на клавијатурата. Подоцна изгради кариера што траеше осум децении и зад себе остави десетици музички изданија.
Меѓу нив се издвојува композицијата „Маненберг“ од 1974 година, едно од неговите најпознати дела. Оваа композиција подоцна стана симболично поврзана со борбата против владеењето на белото малцинство во Јужна Африка и против апартхејдот – систем на законски утврдена расна дискриминација.
Во раните години од својата кариера настапувал под уметничкото име Долар Бранд. По преминувањето во ислам кон крајот на шеесеттите години од минатиот век, го променил името во Абдула Ибрахим.
Како тинејџер свирел во свинг-оркестар, а потоа формирал и свое трио. Подоцна настапувал и во шестчлениот состав „Џез епистлс“, во кој членувал и уште еден великан на јужноафриканскиот џез, Хју Масекела.
Со заострувањето на апартхејдот, кој официјално почнал да се применува во 1948 година, џез музиката сѐ повеќе била сметана за непожелна. Властите ја гледале како спротивна на доминантните општествени норми, бидејќи поттикнувала дружење и соработка меѓу луѓе од различни расни заедници.
Политичките околности во Јужна Африка довеле до распад на групата, по што Ибрахим се преселил во Швајцарија.
Американската џез-легенда Дјук Елингтон го слушнал Ибрахим и го одвел во Соединетите Американски Држави. Токму таму постепено почнал целосно да се оформува неговиот препознатлив музички израз. Неговата музика ги оживувала звуците на Јужна Африка и ги спојувала вокалните и хармонските традиции на неговата татковина со ритмичноста и импровизацијата карактеристични за џезот, според профил објавен од Британската радиодифузна корпорација.
Иако голем дел од животот минал надвор од Јужна Африка, никогаш не ги заборавил своите корени. Редовно се враќал во земјата за да настапува и да снима нова музика.
Неговиот последен јавен настап се одржал на Меѓународниот џез фестивал во Кејптаун пред помалку од три месеци. Во соопштението на семејството се наведува дека и тогаш „уште еднаш ја воодушевил публиката со уметноста, достоинството и длабоката музичка визија што го обележаа неговото животно дело“.
Во својата проштална порака, неговата партнерка доктор Марина Умари изјави: „Абдула почина мирно, носејќи ги Јужна Африка и нејзиниот народ во своето срце. Неговата љубов кон татковината никогаш не ослабна, без оглед каде во светот се наоѓаше.“
Претседателот Рамафоса, осврнувајќи се на неговото животно дело, истакна: „Тој ги збогати нашите животи со своите музички дарби и со својата посветеност во создавањето подобар свет.“


