Бенјамин Нетанјаху/ Фото EPA-EFE/ABIR SULTAN / POOL

Нетанјаху: Со договор или без договор, Иран нема да има нуклеарно оружје, ниту денес ниту утре

Премиерот Бенјамин Нетанјаху вчеравечер одржа прес-конференција, прва по три месеци, по потпишувањето меморандум за разбирање меѓу САД и Иран за крај на војната. На неа, израелскиот премиер тврдеше дека борбите биле успешни, но призна дека сè уште не знае што точно пишува во договорот, објави „Тајмс оф Израел“.

Израел беше целосно тргнат настрана во текот на преговарачкиот процес, што стана очигледно кога Нетанјаху му рече на новинар дека Израел сè уште не ги знае деталите од договорот. Документот треба формално да биде потпишан во Швајцарија во петок, по дигиталното потпишување во неделата вечер.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп го принуди Израел да ги запре борбите против Иран и да се согласи со барањата од Вашингтон во справувањето со терористичката група Хезболах во Либан, Нетанјаху ја отвори прес-конференцијата со решителна одбрана на, како што рече, успешната шестнеделна американско-израелска офанзива против Иран. Според него, таа спречила „уништување на Израел од нуклеарен Иран“.

— Со договор или без договор, Иран нема да има нуклеарно оружје, ниту денес ниту утре. Сè додека јас сум премиер на Израел, тоа нема да се случи — изјави тој, нагласувајќи дека тоа е негова „животна мисија“.

Треба да се расчистат многу детали за договорот меѓу Иран и Америка, вели Венс

Премиерот, кој се соочува со сè посилен домашен отпор, вклучително и од редовите на сопствената влада, поради условите што САД ги диктираа за очигледниот крај на војната, повтори дека нуклеарната закана од Иран била „непосредна опасност“, која Израел успешно ја отстранил „заедно со нашите американски пријатели“.

— Ја започнавме најголемата нападна операција во историјата на Израел. Ги таргетиравме нуклеарните научници, ги елиминиравме лидерите на терористичкиот режим, ги уништивме нуклеарните постројки, уништивме ракети и огромно мнозинство од фабриките што произведуваат ракети. Погодивме безброј воени индустрии и инфраструктурни објекти. Ја уништивме нивната морнарица, нивното воздухопловство. Елиминиравме команданти на бази кои го масакрираа иранскиот народ. Нанесовме огромна штета, некои ја проценуваат на стотици милијарди долари, а некои дури и близу еден билион долари, на иранската економија — изјави Нетанјаху.

Нетанјаху повторно ја претстави воената кампања против Иран како голем успех, иако слични тврдења изнесе и пред помалку од една година, по 12-дневната војна со Техеран. Тогаш тврдеше дека иранската нуклеарна програма е сериозно уништена, а сега повтори дека Израел „за години“ ја отстранил опасноста од уништување.

На новинарско прашање зошто кампањата завршува додека иранскиот режим сè уште е на власт, Нетанјаху одговори дека промената на режимот не била директна цел. Според него, Израел сакал да ја отстрани нуклеарната и ракетната закана и да создаде услови Иранците самите да го сменат режимот.

Тој призна дека не знае кога режимот би можел да падне, но тврдеше дека Иран е економски ослабен.

Нетанјаху истовремено негираше дека Израел ја изгубил стратешката самостојност пред САД, велејќи дека односот со Трамп е партнерски, иако Израел мора да ги зема предвид американските позиции.

Америка и Иран ќе го потпишат договорот за крај на војната на 19 јуни во Швајцарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот