Америка и Иран ќе го потпишат договорот за крај на војната на 19 јуни во Швајцарија

Американски и ирански претставници соопштија дека постигнале рамковен договор за завршување на војната, укинување на американската блокада на Иран и за повторно отворање на Ормускиот Теснец, објави „Ројтерс“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа на својата платформа „Трут Соушал“ изјави дека договорот со Исламската Република Иран е завршен.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја посредуваше во преговорите, објави дека меморандумот за разбирање треба официјално да биде потпишан во петок во Швајцарија.

Точните услови на договорот засега не се познати. Шариф на платформата „Икс“ напиша дека договорот предвидува итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан.

Либан беше една од главните спорни точки во преговорите, бидејќи Израел и Хезболах во последните недели ги игнорираа повиците на Трамп и на други лидери да ги прекинат меѓусебните напади.

Во соопштение, секретаријатот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран наведе дека војната и сите воени операции, вклучително и во Либан, трајно ќе престанат од понеделник навечер. Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека за време на 60-дневниот прекин на огнот ќе се преговара за поширок договор, кој ќе вклучува и олеснување на санкциите против Иран.

Судбината на иранската нуклеарна програма, уште едно чувствително прашање, исто така ќе биде предмет на тие понатамошни разговори, претходно изјавија извори за „Ројтерс“.

Од Израел засега нема официјална реакција на договорот, а земјата претходно соопшти дека не е дел од американско-иранските разговори.

Ормускиот Теснец повторно ќе биде отворен

Трамп изјави дека Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и на природен гас, кој Иран практично го држеше затворен со месеци, повторно ќе биде отворен во петок. Тој додаде дека наредил да престане американската блокада на иранските пристаништа.

„Бродови на светот, стартувајте ги моторите. Нека потече нафтата!“, напиша Трамп.

Од почетокот на американските и на израелските напади врз Иран на 28 февруари, загинаа илјадници луѓе, најмногу во Иран и во Либан. Иран возврати со напади врз Израел и врз земјите од Заливот каде што се наоѓаат американски воени бази, а практично го блокираше Ормускиот Теснец, што ги зголеми светските цени на енергенсите. Како одговор, американските сили ги блокираа иранските пристаништа.

Иран открива детали од нацрт-договорот со САД: Може ли ова да ги преобликува односите?

Политички притисок врз Трамп

Војната со Иран стана политички товар за Трамп и за неговите републикански сојузници во Конгресот, бидејќи анкетите покажуваат дека Американците се сè понезадоволни од растечките цени на горивата пред ноемвриските избори. Истовремено, Трамп се соочува со притисок и од дел од сопствената партија, која бара иранската нуклеарна програма целосно да биде укината.

Републиканскиот сенатор Линдзи Греам, еден од најголемите критичари на Иран, го поздрави договорот, но рече дека внимателно ќе ги следи претстојните преговори за нуклеарната програма.

„Според нашиот закон, секој нуклеарен договор со Иран ќе биде испратен во Конгресот на разгледување и на гласање. Честитки до сите што нè доведоа до оваа точка“, изјави тој.

За време на својот прв мандат, Трамп ги повлече САД од мултилатералниот договор со Иран од 2015 година, постигнат во времето на претседателот Барак Обама, со кој беа укинати дел од санкциите против Техеран во замена за ограничувања на неговата нуклеарна програма и на меѓународни инспекции.

Како одговор, Иран значително го зголеми збогатувањето на ураниум и произведе повеќе од 400 килограми материјал со чистота блиска до онаа потребна за производство на нуклеарно оружје.

„Многу тежок човек“

Договорот беше постигнат и покрај вчерашниот израелскиот напад врз Либан, кој предизвика критики и од Иран и од Трамп.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се разликуваше со Трамп околу американските барања Израел да ги ограничи своите воени операции во Либан за да им овозможи на САД да постигнат договор со Иран.

Израел соопшти дека ќе ја задржи слободата за воени операции во Либан, додека Иран инсистира целосен прекин на огнот таму да биде составен дел од договорот.

Според израелската телевизија N12, повикувајќи се на висок официјален претставник, Трамп во неделата телефонски го информирал Нетанјаху за напредокот во мировните преговори.

Во интервју за „Њујорк тајмс“, Трамп рече дека Нетанјаху е многу тежок човек и изјави дека израелскиот лидер треба да му биде благодарен што го спасил Израел од Иран.

Лидерите надвор од Блискиот Исток, кои внимателно го следеа конфликтот, го поздравија договорот.

Во заедничка изјава, Велика Британија, Германија, Франција и Италија соопштија дека се подготвени да ги укинат санкциите против Иран доколку Техеран преземе јасни и проверливи чекори за ограничување на својата нуклеарна програма.

„Јасно е дека слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец мора веднаш да биде обновена. Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје“, изјави британскиот премиер Кир Стармер.

Трамп тврди дека постигнал договор со Иран, Техеран негира — Нетанјаху е оптимистичен за наводниот договор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот