Австриски рецепт за штедење — помалку за работниците, повеќе за бизнисот
Австриската влада го претстави новиот буџет како балансиран компромис меѓу штедење и инвестиции, но критичарите тврдат дека реалната слика е поинаква, најголемите олеснувања завршуваат кај компаниите, додека товарот од фискалната консолидација во поголем дел паѓа врз вработените со пониски приходи и пензионерите. Иако се најавуваат вложувања во образованието, дел од социјалните и климатските програми остануваат на маргините.
Австрискиот буџет за периодот до 2028 година е претставен како план што треба истовремено да донесе штедење и нови инвестиции. Министерот за финансии Маркус Мартербауер тврди дека товарот е распределен правично и дека граѓаните ќе ги прифатат мерките доколку ги сметаат за фер. Владата составена од Народната партија, Социјалдемократите и Неос најавува дека придонес ќе дадат компаниите, банките, пензионерите, семејствата и вработените. Сепак, анализите на економистите покажуваат дека зад формалната рамнотежа се кријат значајни разлики меѓу добитниците и губитниците на новиот буџетски пакет.
Препорачано
Компаниите добиваат најголема поддршка
Според податоците на Министерството за финансии, компаниите и банките формално носат најголем дел од товарот на консолидацијата. На нив отпаѓаат околу 44 проценти од планираните мерки за стабилизација на буџетот. Во оваа категорија влегуваат продолжување на данокот за банките, повисоките дивиденди од државните претпријатија и други приходи.
Но економистот Георг Фајгл од Австриската работничка комора предупредува дека ваквата слика е нецелосна. Владата планира до 2028 година да собере дополнителни средства не само за намалување на дефицитот, туку и за таканаречени развојни мерки. Од вкупниот износ, околу две милијарди евра ќе бидат насочени кон намалување на трошоците за работната сила во делот што го сносат работодавачите.
Од 2028 година придонесот што компаниите го плаќаат во Фондот за семејни олеснувања ќе биде намален од 3,7 на 2,7 проценти од платниот фонд. Практично, голем дел од средствата што компаниите ги даваат преку консолидацијата повторно ќе им се вратат преку пониски трошоци. Дополнително, буџетските проекции покажуваат дека по 2030 година нивниот нето придонес може дополнително да се намали. Затоа дел од експертите сметаат дека компаниите се меѓу најголемите добитници на буџетскиот пакет.
Удар врз долната средна класа и пензионерите
Најизразени последици ќе почувствуваат вработените со пониски и средни приходи. Владата постепено ја укинува досегашната поволност во системот на осигурување за невработеност. Работниците со бруто плата од околу 2000 евра месечно ќе загубат приближно 45 евра месечно, односно околу 630 евра годишно кога мерката целосно ќе стапи во сила.
Според анализата на Институтот Моментум, најголем удар ќе претрпат домаќинствата од долниот дел на средната класа. Групата со втори најниски приходи ќе загуби околу 0,9 проценти од својот нето приход. Значителни загуби се очекуваат и кај домаќинствата со пониски и просечни примања.
Пензионерите исто така ќе придонесат во консолидацијата. Во следните две години пензиите нема целосно да ја следат инфлацијата. Иако ќе има покачувања, тие ќе бидат пониски од растот на трошоците за живот. Владата очекува на овој начин да заштеди 273 милиони евра во 2027 година и 559 милиони евра од 2028 година.
Истовремено останува отворено прашањето за долгорочната одржливост на пензискиот систем. Буџетските проекции покажуваат дека државните дотации за пензиите ќе пораснат од 25,4 милијарди евра годинава на 42,6 милијарди евра во 2031 година. Тоа значи дека речиси една третина од федералниот буџет ќе биде насочена кон пензискиот систем.
Образованиетo добива повеќе средства, климата губи дел од поддршката
Во образованието се предвидени дополнителни инвестиции. Министерството ќе располага со нови средства за градинки, целодневни училишта, поддршка за деца со попреченост и вработување дополнителни училишни психолози Владата планира да ја прошири обврската за посетување градинка од една на две години пред поаѓање на училиште, со цел подобра интеграција и изучување на германскиот јазик кај децата од мигрантско потекло.
Од друга страна, климатската политика добива помал приоритет во споредба со претходните години. Субвенциите за замена на системите за греење и за енергетска санација остануваат значително пониски од нивото достигнато во периодот по заминувањето на Зелените од владата. Дополнително, корисниците на службени електрични автомобили ќе почнат да плаќаат данок за приватната употреба на возилата.
Буџетот затоа остава впечаток на компромис меѓу штедењето и инвестициите. Додека компаниите добиваат значителни олеснувања и образованието добива нови средства, голем дел од товарот паѓа врз вработените со пониски приходи, пензионерите и климатските програми. Токму затоа расправата дали товарот е навистина распределен правично веројатно ќе продолжи и во наредните години.


