ВИДЕО | Британски специјалци упаднаа на танкер од руската „флота во сенка“ во каналот Ламанш
Британски маринци денеска пресретнаа танкер кој наводно ѝ припаѓа на таканаречената руска „флота во сенка“ во каналот Ламанш, објави британскиот премиер Кир Стармер. На маринците во операцијата им се придружиле и офицери од Националната агенција за борба против криминалот (НЦА), поддржани од Кралските воздухопловни сили (РАФ). Ова е прва таква операција на британските вооружени сили, вели Стармер.
Препорачано
Министерството за одбрана соопшти дека бродот „Смиртос“ ќе биде под надзор покрај јужниот брег на Англија додека се спроведува истрагата. На снимката од акцијата која ја објавија британските власти се гледа како специјалците во полна опрема се спуштаат со јажиња од хеликоптер на палубата од бродот, по што како се претресуваат кабините на бродот и се испитуваат документи.
Despite Putin’s best efforts to evade sanctions, we will not let him get away with it. pic.twitter.com/IIW3Cv2ENQ
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) June 14, 2026
Операцијата е спроведена во меѓународни води, на повеќе од 12 наутички милји од брегот на Велика Британија, и таа била целосно во согласност со домашното и со меѓународното право, соопшти министерството.
Премиерот Стармер изјави дека им наредил на британските сили да го пресретнат танкерот од „флотата во сенка“ што се обидувал да помине низ Ламанш.
– Во раните утрински часови им наредив на нашите вооружени сили да пресретнат танкер со нафта од „сенката на флотата“ што се обидуваше да помине низ Ламанш – рече Стармер во објава на „Икс“.
Според него, „оваа успешна операција задава уште еден удар врз Русија и ги потсетува оние што ја поттикнуваат војната на Путин во Украина дека нема да им биде дозволено да се кријат“.


