Еди Рама ја нарече „фламинго-револуцијата“ фaшистичка, а демонстрантите — ајвани
Албанскиот премиер Еди Рама денеска повторно остро ја критикуваше т.н. „фламинго-револуција“, односно протестите против изградба на огромен проект на американскиот бизнисмен Џаред Кушнер и неговата сопруга, Иванка Трамп, споредувајќи го протестното движење со нацистичка Германија и нарекувајќи ги демонстрантите „ајвани“ – термин од турскиот јазик кој значи „животни“ и се употребува и како навреда за луѓе.
Препорачано
„Ова е фашистичко, скандалозно е и мора да се запре. И се запира со тоа што не се повлекуваме пред ваквите притисоци и вакви видови ајвани“, рече Рама во неговиот поткаст утрово.
Коментарите доаѓаат во време кога политичките немири влегоа во третата недела, откако Албанците ја преплавија Тирана во текот на викендот во најголемите демонстрации досега, барајќи оставка од Рама.
Се проценува дека на протестот во саботата на улиците излегле меѓу 100 и 200 илјади луѓе. Тие останаа мирни, а на собирот имаше деца, стари луѓе и цели семејства.
Протестот се трансформираше од барања за откажување на луксузното одморалиште поврзан со зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, во една од најголемите антивладини демонстрации што ги видела Албанија од падот на комунизмот во 1991 година.
Рама ги нарече протестите „фашистички дух“ што ја испишува пораката дека Албанија им припаѓа на Албанците, „што значи дека сите други надвор од неа не се добредојдени – исто како што Германија беше ‘за Германците’, а потоа стана ‘црна овца’ на Европа со години и години потоа“, додаде тој.
Демонстрациите во поддршка на „Фламинго револуцијата“ требаше да продолжат и низ целиот свет и во Тирана во недела, со планирани собири од Њујорк и Берлин до Виена и Лондон.
Вчера, како дополнителен притисок за владата дојде акцијата на албанското обвинителство за борба против корупцијата нареди апсење на 20 луѓе осомничени за перење пари, од кои некои може да бидат поврзани со туристички проект поврзан со семејството Трамп, според соопштението објавено во саботата, објави АФП.
Според обвинителството за борба против корупцијата (СПАК), истрагата за меѓународна трговија со кокаин откри вмешаност на неколку лица во „операции кои наводно служеле за прикривање на потеклото на средствата и вклучување на нелегално стекнатиот профит во формалната економија“.


