Пред проба со бендот „Големата вода“: Младите и музиката во државата се запоставени исто како децата во книгата
Носталгијата, растењето и обидот за помирување со минатото се теми често присутни во текстовите на „Големата вода“, а токму за нив разговаравме со членовите на бендот пред нивната проба.
Пред штимувањето на инструментите и првиот отсвирен тон – пред да започнат со пробата – се најдовме со скопскиот бенд „Големата вода“, една од поинтересните музички групи на домашната сцена денес.
Препорачано
Од оформувањето на бендот пред помалку од две години до ден-денес, четворицата млади музичари, чекор по чекор, го градат својот препознатлив израз и го заземаат своето заслужено место на македонската сцена. Со музика полна со интензивна енергија и со длабоко емоционални текстови што директно црпат од убавото и неубавото на животот, бендот создава атмосфера во која лесно може да се изгубиш.
Во „Големата вода“ членуваат Јован Ристовски – вокал и гитара, Лука Петковиќ – гитара, Симон Стојчевски – бас и Никола Ристовски – тапани. Нивниот истоимен деби-албум, кој е само почетокот на патот, беше објавен експлозивно брзо, во февруари оваа година.
Рано, едно топло саботно утро, се најдовме со бендот во сè уште празното кафуле „Лабораториум“, место со кое тие се добро запознаени и, додека градот сѐ уште се будеше, тие ни раскажаа за детството, справувањето со минатото и плановите за иднината.

Пред да навлеземе во вашите песни, вреди и да се спомене делот кога тие се создаваат. Како обично изгледаат првите минути на една типична проба кога ќе се сретне целиот бенд?
Јован: Првото нешто што секогаш го правиме кога ќе се собереме е банален муабет. Потоа, ги повторуваме песните што веќе ги имаме направено. Зависи за што е наменета таа проба, некогаш е за повторување на песните кои веќе ги имаме направено, а некогаш е за да правиме или да пробаме нешто ново. Како и да е, атмосферата секогаш ни е на шега. Кога ќе почнеме со свирење, малку се „воозбилуваме“, но сепак никогаш не сме толку сериозни. Пробите ни се еден вид дружба секој пат.
Пробите се местото каде што се обликува звукот, а градот во кој живеете го имате споменато како дел од тој звук. Колку вашето секојдневие во Скопје ја обликува вашата музика?
Лука: Јас го гледам како производ, не дека градот е главна тематика. Целиот текст е некако поврзан со нешто што ни се има случено. Немаме баш директно пишувано за градот дека е лош и дека треба да се смени, а можеби и треба да пишуваме малку повеќе за тоа. Повеќе е пасивна тема, не нешто што е директно застапено и многу влијае на нашиот звук, на нашиот текст.
Јован: „Мртов“, на пример, специфично ја напишав за како кога излегуваш, единствените две опции за излегување се на плочник или во парк. Кога се враќаш дома, не знаеш како си се вратил и тоа е целата песна. Не го правам тоа повеќе, но доста млади го прават, мигрираат од едно на друго место. Мислам дека тоа за младите е чиста рефлексија од градот.
Симон: Не ни има многу настани во моментов. Има периоди кога има недостаток на настани и нема каде да се оди, па мораш да одбереш едно од овие две места.

Во вашите текстови често се провлекуваат носталгијата и спомените. Дали повеќе ве инспирираат конкретни моменти од минатото или чувството што останува откако ќе почнат да се забораваат?
Јован: Јас би рекол чувството повеќе отколку што е барањето повторно да биде истото. Повеќе е само искажување на тоа што се случило. Носталгично е, но не е исплатливо да се врати. Но, „Денот на медот“ на пример, па, ми е сосема нешто друго, нешто на што, баш напротив, би се вратил, дека е детство, што е најносталгичната форма.
Лука: За потажните песни повеќе е расчистување. Не е дека копнееш конкретно да се вратиш на тоа пак. Кога пишувам песна, го земам тоа чувство или момент и го заробувам во песната за да не ме мачи повеќе и така чувството ми станува пак убаво.
Покрај текстовите, вашиот звук често се менува од меланхолични делови во многу бучни и експлозивни сегменти. Дали тоа се случува природно или свесно го градите тој контраст?
Никола: Може да се каже дека е и природно и намерно. За „Огледало“ мислам дека дојде природно да направиме крајниот дел да биде силен, но за „Пејзаж“, на пример, повеќе е намерно осмислено да е така.
Симон: Доста инстинктивно е да имаш бавен дел и потоа брз дел. Ова ни го зборуваше инструкторот што нè учеше мене и Лука да свириме гитара, мора да има дел каде што ќе може да се игра на песната. Не можеш целосно да ја искусиш песната без да има дел за играње.
Јован: Делумно е и затоа што влечеме многу инспирација од „Луфтанза“ и други бендови што имаат слични таканаречени „пост-рок“ структури, каде што се преминува од мирно до бучно и брзо, екстремен контраст. Би рекол дека кога не е планирано е најубаво.
Токму таа енергија најдобро се чувствува на настапи во живо, а од почетокот на постоењето на бендот имате доста настапи зад себе. Која свирка се истакнува најмногу од сите?
Јован: Јас би рекол промоцијата на албумот. Тој настап ми беше многу личен, конечно за првпат се почувствував како да припаѓам на бина.
Никола: За мене е „Сепак се врти“ минатата година во Прилеп. Мислам дека најверојатно на таа свирка имавме и најмногу публика.
Симон: Во Прилеп си поминавме многу убаво бидејќи „Кокиче“ и „Калико“, кои свиреа пред нас, се повеќе наклонети кон џез, што беше таман за отворање. Но, до десет часот, кога требаше ние да настапуваме, на сите веќе им се играше.
Лука: Во „Јадро“, исто така, беше многу убава, интимна свирка бидејќи се погоди сите наши другари да дојдат. Повеќе беше само како дружба. Ми го стопи срцето малце таа свирка.

Зад бендот стои и име кое само по себе буди асоцијации и носи одредена тежина. Како дојдовте до него и дали денес сè уште го гледате на ист начин како кога го формиравте бендот?
Никола: Кога го почнувавме бендот и кога ја имавме првата проба се викавме „Монохром“. Но, испадна веќе дека има бенд што се вика така. Додека се шетавме со Јован се мислевме за ново име и рековме прво да се викаме „Кејтен“ па „Исак“ или „Кејтанови“, така нешто. Девојката на Јован рече: Зошто само не се викате „Големата вода“?, и така дојде името.
Симон: Мојот првичен впечаток беше дека е многу бизарно име. Немав слушнато ниту за книгата ниту за филмот, па ми дојде чудно. Како што се градевме како бенд и како што ја прочитав книгата, сфатив дека има смисла. На некој начин, како што децата од домот во книгата се запоставени од државата, така и младите и музиката сега се запоставени од државата. Немаме институционална поддршка од сите кои треба да ни дадат можности да свириме. Истата запоставеност како во книгата ја има и на културната сцена.
Лука: Можеби сме многу несериозен бенд за толку сериозна книга. Но, реално, кога ќе размислиш, во книгата има шеги за црвените гаќички и за Тито, така што мислам дека сепак е точното име.

Под истото име оваа година го објавивте и вашиот прв албум, кој е опишан како приказна за детството и за спомените. Кога го споредувате овој албум со материјалот за претстојниот албум, која е главната разлика?
Јован: Првиот албум е завршеток на таа тематика и на тој албум, на тој период, најубаво кажано. Новиот материјал мене лично повеќе ме допира. На пример, имаше една песна која почна како делумно како шега за нешто ама повеќе беше фокусирана на смрт. Ми дојде да пишувам за дедо ми, кого го немам запознаено, ама имам забележано колку влијаел врз мајка ми. Таму има еден стих кој е „Корења в коски, не ‘ртам од нега. Семето носи, засаден до твој гроб“. Текстот за ова го имам пишувано за мене, за разлика од „Сила од небес“, на пример, кој може за што сакаш да го искористиш. Сега, за разлика од претходно, иако сме повеќе зафатени, даваме повеќе време на песните.
Никола: Всушност и затоа поновите песни звучат покомплицирано, имаат повеќе делови во нив. Се забележува дека имаме многу време посветено на новиот материјал за разлика од стариот.
Симон: Главно, моите текстови на „Денот на медот“ и „Ко(Мета)“ од првиот албум се многу директни и само кажувам што се случува. „Пејзаж“ е напишана само месец, два по овие песни, ама сепак пробав да сум пометафоричен да отсликам нешто со тоа што чувствувам. Сакав да е поинтересно, да не е толку директен текстот. Се надевам дека разликата ќе се забележи и дека ќе се види дека новиот материјал е посозреан, дека ние како луѓе созреваме.
Лука: Разликата меѓу првиот албум и новиот материјал сега што го спремаме е дека на претходниот албум поголемиот дел од звукот и од текстот беше ведар и среќен, а на новиот е помеланхоличен. Дури и енергетичните делови на новиот албум не звучат толку весело како на претходниот. Не е веќе дека некој ти ја зема раката и те носи да играте, туку те фаќа и те фрла во „шутка“.
Со оглед на тоа што сте едни од помладите артисти на домашната сцена, дали мислите дека вашата возраст ве приближува до тематиката на песните?
Лука: Често ни имаат кажувано работи како, „Што зборат овие за носталгија, имаат 12 години“. Според мене нема никаква врска тоа, не мора да имаш поминато цел живот за да бидеш носталгичен. Може да си носталгичен за нешто што се случило вчера. Што се однесува до возраста, мене ми е малку страв дека голем дел од нашата привлечност е потенцијалот што го имаме, а не колку е добар материјалот сам по себе. На пример, дали ќе ја имавме истата публика и истата реакција ако имавме 25-30 години?
Симон: Баш напротив мислам дека темите ни се совпаѓаат со годините. Најреалниот опис за бендот е адолесцентност, според мене. Мислам дека тоа што попатно сфаќаме што и како се пресликува во музиката.
За релативно кратко време го пронајдовте своето место на сцената. Кој совет што сте го добиле од поискусните музичари најмногу ви останал во сеќавање, а што е нешто што самите го научивте во последната година и пол настапување?
Лука: Најдобриот совет кој ни го даде Мартин Џорлев беше да имаме „свое јас“. Се жалевме за нешто, некоја свирка беше лошо организирана или лошо платена и ни рече: „Дечки, мора да си имате ‘свое јас’, кога веќе се вложувате во ова, не треба да потпаѓате под туѓ притисок. Ќе се бориш за цена, дури и да не ти ја дадат, подобро да не свириш отколку да им се предадеш“. Тоа е многу битно.
Јован: Дефинитивно, дури и да е бунтовна реакција, не е лошо кога се држиш до свои принципи и стандарди. Воедно, многу добар совет ни беше и само да станеме посериозни. Низ времето, научивме да не се потценуваме. Се имаме научено да имаме повеќе доверба во себеси и меѓусебно за создавање. Самокритика пробуваме да користиме помалку на деструктивен, повеќе на конструктивен начин. Само имаме научено од искуството.
Што следува за „Големата вода“ во наредните неколку месеци и што може да очекува публиката?
Јован: Следно би требало да биде снимање видеоспот за „Ко(Мета)“. Би сакале и да одиме на турнеја на крај на август и кога ќе се вратиме да свириме во Скопје. Можеби ќе има и мерч, особено блузи. Да не откриваме премногу.
Пред проба со бендот „Алембик“: Како звучи една песна што треба да биде под вода?


