Еј, комшија! Слушна ли што се случи во Железара? Виолета и Алфредо добија среќен крај на „Комшилук“
„Еј, комшија! Слушна ли што се случи вчера во маало?“. Ова е една од најпрепознатливите реченици, која се слуша во секое скопско маало. А токму на неа како да беше изградена годинашната приказна на фестивалот „Комшилук“, кој по три години повторно се врати дома – во Црвените згради во Железара.
Препорачано
Овојпат инспирацијата дојде од „Травијата“ на Џузепе Верди. Но, Скопје не е Париз, а македонските Виолета и Алфредо не се ликови што можат незабележано да ја живеат својата љубов. Кога таква приказна ќе се пресели во македонски комшилук, секој нивен поглед, секоја кавга и секое смирување стануваат тема на разговор меѓу соседите. Некој набљудува од прозорец, некој слуша од балкон, а некој веќе ја прераскажува приказната пред влез со третото турско кафе во рака. А млади како млади, си го тераат нивното без да им е грижа „што ќе кажат комшиите“.
Тревниците, балконите, скалите, паркинзите и прозорците станаа сцена за необичната комшиска верзија на „Травијата“.

Настанот започна на тревникот спроти Црвените згради со првиот чин „Љубов на прв поглед“. Во улогите на Виолета и Алфредо настапија оперските уметници Јаворка Витанова и Денис Димоски. Покрај оперските арии, љубовната приказна доби и локална димензија преку изведби на безвременските „Опасно сум вљубен во тебе“ на Драган Каранфиловски – Бојс, „Љубов ти е адреса“ на Андријана Јаневска и Маријан Стојановски, како и „Доволно луд“ на Лидија Кочовска.
Во вториот чин, насловен „Заплет“, дејството се пресели меѓу самите згради. Навистина беше интересно како беше поставена групата „Допамин“, чии членови беа распоредени на четири различни балкони. Тапанарот свиреше од еден стан, гитаристот од друг, басистот од трет, а пејачот од четврти балкон. Наспроти нив, од прозорците повторно се појавуваа Виолета и Алфредо.Додека главните ликови ги пееа „Како ме палиш“ од „Силви бенд“ и „120“ од „Фолтин“, а „Допамин“ ја изведе „Мене ми припаѓаш“ од „Нокаут“, публиката пееше, танцуваше и го следеше дејството од балкон до балкон. Особено емотивно беше појавувањето на актерот Анастас Тановски, кој заедно со „Допамин“ ја изведе „Оди си“ од Драган Мијалковски. Настапот беше поздравен со долг аплауз, а дел од присутните парови спонтано заиграа танго меѓу зградите. Следуваа „Осамен“ од Трајче Манев и „Не допирај ме“ од Маја Оџаклиевска, придружени со кореографии на танчарите кои низ движење ја раскажуваа љубовната приказна на главните ликови. За крај на овој дел, „Допамин“ ја изведе и „Во бестрага“ од Дарко Гелев – Брејк, проследена со прекрасна кореографија.
Но, во македонскиот комшилук љубовта никогаш не е само работа на двајца. Публиката потоа се префрли на другата страна од зградата, каде што актерите од балконите одиграа духовита сцена инспирирана од добро познатите маалски разговори. Од терасите одекнуваа коментари за љубовната ситуација на соседите, потсетувајќи дека секој комшилук има свои „експерти“ за туѓите животи.

Третиот чин, насловен „Среќен крај?“, го донесе и крајот на приказната. Публиката се пресели на нова локација, каде што ја пречека свадбарска музичка група и главните ликови, кои ја изведоа безвременската „Љуби ме и главата горе“ на Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ. Тука веќе стана јасно дека оваа верзија на „Травијата“ ќе добие поинаков крај од оној што го напишал Верди. Посебно воодушевување предизвика појавувањето на легендарната Сузана Спасовска на еден од балконите. Нејзините песни ја претворија завршницата во вистинска маалска свадба, а публиката не можеше да остане мирна пред веселите звуци што одекнуваа меѓу зградите. Потоа „младенците“ Виолета и Алфредо се качија во лимузина и заминаа од сцената. Но, прославата продолжи. Просторот го исполнија трубачи, а меѓу публиката спонтано се формира оро во кое се вклучија посетители од сите генерации. Завршницата беше заокружена со кореографиите на Јована Лапчевска и Бобан Блажевски.
Паралелно со оперската програма, посетителите можеа да ја проследат и изложбата на десет визуелни уметници – Искра Димитрова, Гоце Наневски, Дијана Томиќ, Ана Трајковска, Ана Спасова, Воскресија Андреевска, Драганчо Таневски, Ана Ивановска, Борис Петровски и Доротеј Нешовски.
Фестивалот „Комшилук“, чиј основач е Стефан Александар Јовановски, пред три години започна токму во Црвените згради во Железара. Оттогаш гостуваше во Шуто Оризари, Побожје, Струга и Битола.


