За Скопје бил „неталентиран“, а во Париз на изложба му дошол Дали – 20 години без големиот Вангел Наумовски
На денешен ден пред 20 години нè напушти македонскиот уметник Вангел Наумовски, едно од најголемите имиња на македонската уметност, кој се здоби со светско реноме и се прослави како мајстор на космичко-лирскиот надреализам.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Бил избркан од Средното уметничко училиште во Скопје
Наумовски е самоук сликар. Тој во 1946 година се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но, веројатно поради својот веќе вроден израз, кој подоцна ќе се покаже како уникатна вредност наспроти строгите канонски академски правила, тој бил исклучен од училиштето уште во втора година како „неталентиран“.
Ова бил тежок емотивен удар за Наумовски, кој и покрај недокрај формализираното образование, не се откажал од самостојното занимавање со сликарството, кое го сметал за своја судбина, рекла кураторката Маја Чанкуловска за „Дневник“.
Салвадор Дали присуствувал на негова изложба
Тој е еден од ретките македонски уметници широко прифатени во светски рамки. Неговата креативност, талент и визија отпрвин биле забележани во светот, а дури потоа и во Македонија.
Во 1970 година, тој имал изложба на свои дела во галеријата „Мона Лиза“ во Париз, на чие отворање се појавил и Салвадор Дали.
Големиот надреалистички уметник се воодушевил од работата на нашиот Вангел, па меѓу другото истакнал: „Ова е сликар од бајките. Тој е наивен сликар, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните наивни сликари. Кај Наумовски има елемeнти кои може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“ (извадок од монографијата за Наумовски).
Живот и творештво
Наумовски е роден во охридското село Скребатно 1924 година. Тој се заинтересирал за уметност уште од млада возраст, но тоа не го водело никаде бидејќи го напуштил училиштето по трето одделение и работел низа работи – градинар, ѕидар, колар, продавач на лимонада и столар.
Првата негова поголема работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, каде што работел тринаесет години. Во тоа време сликал, првично во стил на народен мит, што довело до тоа да биде сметан за наивен уметник.

Интересно е што во периодот од 1965-69 година тој работел во Хидро-биолошкиот завод во Охрид, каде што имал задача под микроскоп да ги набљудува и детално графички да ги пренесе на хартија изучуваните примероци од флората и фауната на Охридското Езеро.
Првата негова изложба била во родниот град Охрид во 1954 година. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961 година. Пресвртна изложба за талентираниот, но маргинализиран уметник е онаа во Галеријата на примитивна уметност во Загреб во 1963 година, по која ништо веќе не е исто.
Неговата оригиналност почнува да е препознатлива во тогашна Југославија, но и во центрите на модерната уметност како Париз, Рим, Лондон, Минхен, подоцна изложува и во Њујорк.
Тој постепено се афирмирал како современ уметник. Смело отворал нови поглавја во своето творештво, преку различни стилски и технички карактеристики и упорно настојувал да создава „варијации на иста тема“, што е одлика на уметници со интегритет.
Со сликите „Мал остров во прегратка на цветови“ од 1962 година, „Црна лулка на светлиот живот“ од 1963 година, „Љубовен сон во космичка градина“ од 1964 година, „Весела ливада“ од 1969 година, тој најавил значајна промена со што формирал сликарско и цртачко творештво со оригинални белези.

Наумовски има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. Тој е добитник на значајни награди кои ја потврдуваат големината на неговиот талент и творештво.
Во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделил наградата „Свадбен венец“.
Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември“, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија.
Во 1974, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година станал член на Италијанска академија за ликовни уметности и труд, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со „Награда на Италија“ во 1980 година.
На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил Откупна награда, а во истата година и Награда за цртеж од Музејот на современа уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Центар за студии и истражувања на нациите му доделува „Светска награда за култура“ и „Статуа на победата 1984“ , a Европската академија од Италија, наградата „Европско знаме на уметноста“ со златен медал.
На „Остен Биенале Скопје 2024“ доделена му е наградата „Светско културно наследство“, со која пригодно ќе се оддаде почит по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1924 – 2006) и 100-годишнината од појавата на надреализмот (1924 – 2024).
Неговото творештво се карактеризира со уникатни, сонливи композиции каде што длабоката духовност на неговото родно Охридско Езеро се спојува со сложени, космички фантазии. Неговите платна често прикажуваат фантастична архитектура, лебдечки фигури и водна биологија распоредени како сложени, речиси мистични дијаграми.
Во 1982 година режисерот Александар Ѓурчинов снимил филм за Наумовски, а за неговиот живот и творештво се издадени и неколку публикации.


