Украина и Молдавија имаат проблеми во своите куќи
Украина и Молдавија влегуваат во нова фаза од преговорите со ЕУ, но корупцијата, слабите институции и притисокот од Москва остануваат сериозна пречка на нивниот европски пат.
Европската Унија денеска во Луксембург го отвора првиот кластер од пристапните преговори со Украина и со Молдавија кој се однесува на темелните права, правосудството, владеењето на правото, функционирањето на демократските институции, јавната администрација, економските критериуми, јавните набавки и финансиската контрола.
Препорачано
Овие области се сметаат за основа и традиционално први се отвораат, а последни се затвораат во текот на преговорите.
Настанот претставува силен политички сигнал, но колку Украина и Молдавија навистина се блиску до членство во ЕУ?
Агресијата на Русија е поприоритетна од компетентноста на Украина
Украина има проблем за задоволување на критериумите на Унијата, со оглед на тоа што владата на Володимир Зеленски се соочува со корупциски скандали. Но, ЕУ троши огромни количини финансиски и воени ресурси за да му помогне на Киев во војната, пред сѐ бидејќи ја смета Русија за голема опасност.
Украина во мигов е најсложениот кандидат во поновата историја на Унијата. Политички, нејзината кандидатура е речиси неизбежна. Од руската инвазија во 2022 година, Украина стана централна точка на европската безбедност, а Европа веќе му дала на Киев стотици милијарди евра во финансиска, воена и хуманитарна помош.
Останува прашањето дали Украина полесно ќе ги помине филтрите на ЕУ или можеби Брисел само упатува порака кон Русија, а Киев со години ќе заглави во процесот, иако, навидум, тоа што Унгарија го тргна ветото го зголемува оптимизмот.
Корупција тешка десетици милиони евра
Институционално, Украина останува голем проблем бидејќи војната не ја избриша корупцијата. Најтешкиот удар за земјата беше аферата околу државната нуклеарна компанија „Енергоатом“, каде што украинските антикорупциски органи отворија истрага за наводна шема со мито и со провизии од околу 100 милиони евра.
Скандалот се прошири кон луѓе блиски до врвот на власта, а подоцна и кон поранешниот шеф на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, кој е осомничен во посебна истрага за перење пари. На тоа се надоврза и политичкиот потрес од 2025 година, кога власта се обиде да ги ослабне независните антикорупциски институции, но по протестите и по европскиот притисок мораше да се повлече.
Од една страна, фактот што украинските антикорупциски тела истражуваат луѓе од највисоките кругови покажува дека системот не е целосно заробен. Но, од друга страна, самите скандали покажуваат дека Украина не е блиску до европскиот стандард на владеење на правото.
Во земја во воена состојба, со одложени избори, ограничени права и со огромна улога на безбедносните структури, слободата и демократијата не можат да функционираат како во мирнодопска држава. Украина не е авторитарна како Русија, но ЕУ ќе се соочи со одредени пречки во контекст на нејзините критериуми.
Русија ѝ дише во врат на Молдавија
Молдавија, исто така, е проблематична, поради слични причини како Украина.
Оваа земја – која е јазично, историски и политички најблиска до Романија, со силна поддршка од Букурешт – има идентитет што со децении беше комбинација меѓу романското, советското и оригиналното молдавско наследство.
Руското влијание на исчезна откако земјата доби суверенитет по распадот на Советскиот Сојуз, а голем товар за Молдавија е Приднестровие, прорускиот сепаратистички регион кој функционира надвор од контролата на Кишинев од војната во 1992 година. Таму и натаму има руско воено присуство, а регионот има свои институции и безбедносна структура врзани за Москва.
За ЕУ, тоа е „замрзнат конфликт“ што лесно може да стане руска алатка за блокада. Ако Молдавија напредува кон членство, Москва може да го користи Приднестровје како аргумент дека земјата нема целосен суверенитет. Ако Брисел дозволи конфликтот да биде причина за вето, тогаш ѝ дава на Русија моќ да ја изолира Молдавија од Европа.
Кишинев се соочува со корупција
Внатрешните проблеми како лошата економија, корупцијата, институционалните проблеми, политичката поларизација, руското влијание преку партии, медиуми, енергетика се кочница за Молдавија. Во оваа земја сѐ уште има структури поврзани со Илан Шор, осуден молдавски олигарх во бегство и еден од главните симболи на проруското влијание во земјата. Овие пречки сериозно го отежнуваат влегувањето на земјата во ЕУ.
Молдавија ќе напредува само ако реформите во судството и антикорупцијата продолжат, ако енергетски се одвои од руската зависност и ако ЕУ не ја остави сама пред хибридниот притисок од Москва.
Оптимистичкото сценарио е влез до крајот на деценијата, можеби со специјална формула за Приднестровје. Песимистичкото е враќање на проруските сили во Кишињев и замрзнување на процесот. Најверојатно Кишинев долго и полека ќе се приближува кон ЕУ, со повеќе пари, повеќе европски правила, постепена интеграција, но без брза членска карта.
Црна Гора е најнапред
Во Луксембург ќе се одржи и меѓувладина конференција со Црна Гора, на која земјата треба привремено да затвори уште две преговарачки поглавја – слободно движење на работници и заштита на потрошувачите и здравјето.
Црна Гора и натаму важи за најнапредна земја кандидатка за членство во Европската Унија. Досега има привремено затворено 14 поглавја, а властите во Подгорица најавуваат дека до крајот на годината сакаат да го завршат преговарачкиот процес и со преостанатите поглавја.
Маѓар: Будимпешта и Киев постигнаа договор за Унгарците во регинот Закарпатија


