Интервју со писателот Ванчо Полазаревски: Пишувањето за деца претставува огромна привилегија
Добитникот на наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година, писателот Ванчо Полазаревски со искрена и длабока благодарност го прими ова вредно признание.
Препорачано
Наградата „Оливера Николова“ ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова. Писателот за деца Ванчо Полазаревски е втор добитник на признанието.
Претходно, Полазаревски има работено како новинар и уредник во „Битолски весник“, Радио Битола, „Млад борец“, „Остен“, „Детска радост“ (каде ги уредуваше списанијата „Другарче“, „Наш свет“, „Развигор“ и „Макстрип“), како и во „Теа Модерна“, каде што го основа и го уредуваше списанието „Тин-шема“. Автор е на повеќе книги и сликовници за деца, а ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е негов прв роман за деца.
Неизбежно е прашањето што оваа награда ти значи, особено што станува за награда добиена за роман за деца?
– Доста време пред да заврши рокот за конкурсот „Оливера Николова“ на „Арс Ламина“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, разговарав со мојата докторка. Ѝ велам има еден награден конкурс, ќе пишувам романче. Зошто да не, вели таа, седни пишувај, тоа не е лошо, ама награди? Чуму ти се, тие се за млади, за тебе се награди за некои јубилеи, за животно дело, Октомвриска награда, Златна плакета… Не ја послушав мојата докторка, можеби затоа што таа е и моја сопруга, по име Мирјана и згора на тоа е психијатар… за деца. А јас пишувам за деца. И така седнав да го пишувам романчето, сериозно, темелно ко да е да се биде или не. Така ми дојде. Го напишав, го испратив, сѐ како што треба и… ко за беља… ја добив наградата. Е сега, што е за право, тоа не беше беља, туку многу радост, среќа, гордост… накусо, ѝ се израдував како дете. Па и не е мала работа да добиеш награда што го носи името на нашата голема уметница писателката Оливера Николова. Покрај нејзиното име за 2026 година да стои и твоето име. И затоа сакам да му заблагодарам на жирито што во мојата книга најде материјал за награда, награда која ми е многу драга. А јас сум сигурен дека идната година на овој конкурс ќе се јават уште повеќе пишувачи на нови романи за деца и млади, со уште повисок квалитет, затоа што идејата на „Арс Ламина“ да му даде силен поттик на пишувањето романи за деца и млади е навистина инвентивен потег за поздравување.
А во однос на наградата би додал уште нешто. Mислам дека секоја награда, секое признание што ќе го добиеме веднаш нѐ „унапредува“ во нивен ритер (да не речам Дон Кихот), нивен бранител. Пишувањето потоа нема да претрпи не знам каква измена, сепак ќе ја има на ум почитта и довербата укажана со доделувањето на признанието.

Сте имале ли можност некогаш да соработувате со Оливера Николова, додека таа активно твореше?
– За моја голема жал, додека работев како новинар во разни списанија, немав можност да направам интервју со Оливера Николова. Се сеќавам само на неколку куси средби и разговори со неа, кои ми оставија неверојатно длабок впечаток, најмногу поради нејзината одмереност, одмереност на еден мудрец и филигрански изречен секој збор. А најмногу ќе се сеќавам на нејзиниот блескав, антологиски говор по преобјавувањето на нејзината целокупна проза од страна на „Арс Ламина“.
Колку нејзиното име те повлече да учествуваш на конкурсот?
– Нејзиното име му дава исклучителна сериозност на овој многу корисен конкурс, овој натпревар да се напише добар роман за деца првенствено затоа што треба да се одбрани неговото достоинство. Се има впечаток дека многу книги кои се очигледно за возрасни лесно се „шверцуваат“ во романи, проза за деца. И секако самото тоа што влегов во натпревар да го „освојам“ тоа име ми даде силен поттик многу сериозно да работам на текстот, кој, пак, за иронија, има за цел да врие од несериозност, односно неговиот главен адут, кој слободно може и да се нарече главен „јунак“, е токму хуморот.

Жирито што одлучуваше за наградата ги истакна оригиналноста, хуморот и современиот пристап во романот, со акцент на екологијата. Што е движечката сила на романот?
– Ме радува тоа што жирито смета дека романот ја има оригиналноста, хуморот и модерниот пристап. Тоа очигледно ја почувствувало мојата желба приказната од „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ да кореспондира со денешново дигитално и прединамично време. Да има необично, колку што е можно, оригинални и духовити перипетии на хибридниот монструм Грумбо, малечкиот жител на гратчето Оли, интергалактичката дружината на радоста и добрината Супа Пап Пап и други личности во класичната борба на доброто и злото. Овојпат, во оваа епизода на таа бесконечна борба, победува доброто, но доволно е уште денес да можете да прошетате по Капи и Штици и тогаш ќе се уверите дека тој судир сѐ уште трае. Така, на пример, секое цутење на украсните дрва по парковите веднаш, за жал, предизвикува никнување и „цутење“ нова депонија со смет.
Внатрешната структура на романот ја градев да биде што е можно подинамична и во неа да царува, пред сѐ, хуморот, за потоа кога тој ќе го навлече читателот на читање, да следи (неминовно) гротескна сериозност поради фактот што сме на прагот (а можеби него и сме го преминале) од еколошка катастрофа со џиновски размери. Лично сметам дека во книгата е интересно тоа што за да не биде затрупано во сопствениот смет, едно мало гратче мора да побара интергалактичка помош од моќни суштества чија суштина на постоењето се состои токму во тоа помагање на беспомошните; тие се силите на добрината и на радосната страна на животот и погледот кон ѕвездите од калта во која се наоѓаме сите, како што рекол славниот Оскар Вајлд.
Што како мотив те повлече да го напишеш романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“?
– Екологијата, односно нашиот епски неуспех да си ја сочуваме прекрасната природа и очигледното напредување на она што го отфрламе од нас да нѐ претвори во една џиновска депонија, ми беше мотив, па дури и обврска како граѓанин, кој сето тоа тешко го доживува, да пружам еден вид отпор. Во мојот случај, бидејќи се занимавам со пишување, перото и мислата ми беа оружје да смислам што е можно поинтересна приказна чија поента е не да биде „солење памет на децата“, туку еден апел до младите да бидат генерација која нема да продолжи да си ја сече гранката на којашто седи и ужива во палавото нишање.
Многу ми помогна тоа што сметам дека пишувањето за деца претставува огромна привилегија. Кога седнувате пред компјутерот на располагање ви е бесконечното царство на фантазијата онака како што генијално ја замислил Михаел Енде. Ваше е од самовили, вештерки, лилави, да речеме, крокодили или обичното секојдневие од вашата зграда да смислите нова, атрактивна, забавна приказна која успешно ќе се бори да го освои читателот.
Книгата има автентичен и, речиси, стриповски дизајн. Дали можеби тоа е рецептот да се привлечат помладите генерации да читаат?
– Во последно време имаме продукција на сѐ поквалитетни книги за деца, како во областа на текстот така и на визуелен план. Можеме сосема успешно да се споредуваме и со најквалитетната европска проза и поезија за деца и млади. Сега за оваа книга. Да, мислам дека уште со прекрасната илустрација на корицата на нашиот познат стрип-уметник Здравко Гиров и севкупниот ликовно-графички екипаж на книгата многу внимателно се следи духот на приказната. Особено е земен во обѕир, така да кажам, читачкиот стил на денешниот, дигитален читател, неговиот висок читачки стандард, вкус за она што денес неминовно треба да го има една модерна книга за деца. Оттаму стриповскиот манир и „дијалог“ со читателот низ целата книга се со цел нејзиното читање да биде, дај Боже, вистински занимливо, атрактивно и забавно.
Книгата внесува и главни јунаци „под б“ кои голем број од настаните и ситуациите ги ставаат под знак на прашање, што впрочем треба да се прави во целиот роман. Впрочем, со промоцијата на книгата ние ѝ посакавме срдечна и успешна средба со Неговото Височество Читачот.

Припаѓаш на генерација што нема дилема дека читањето книги е секојдневна потреба. Како тоа да им се објасни на генерациите што се навлечени на мобилните телефони и на социјалните медиуми?
– Денес, кога електронските чуда се секојдневна тема на полемиките околу читањето, се добива впечаток дека, на пример, мобилниот телефон е своевидна Аладинова ламба во рацете на денешниот читател подготвена во секое време на неговиот сопственик да му ја исполни и најчудесната желба. Затоа нема дилеми дека денес книгата пред себе има толку моќен ривал за освојување на времето и вниманието на читателот што мора да биде исклучително добра ако мисли дека може колку-толку да му парира на моќното дигитално царство и на забавата и на едукацијата и интерактивноста и (сега со вештачката интелигенција) што ти уште не.
За среќа, книгата сѐ уште е моќна тоа да го прави и го прави. Видете само како книгите за Хари Потер го освојуваат младиот читател на целава планета, со какво нетрпение се очекува секоја нова книга со него.
Во описот на твојата работа стои – хуморист, сатиричар и писател за деца. Имајќи предвид што се пласира како информација во медиумите и на социјалните мрежи – остана ли простор за хумор во денешното општество?
– Живееме во свет преплавен со бесконечно многу информации. Мрежи, сајтови, секакви електронски моќници беспоштедно и секојдневно се борат за Вашето внимание, инвазивни до бескрај ви се наметнуваат и се борат за сѐ поголем број консументи. Во таа битка и хуморот се нуди на секој чекор и во огромни количини и затоа тој вид на хумор е некако пластичен, личи на блескаво црвените без вкус генетско модифицирани јаготки од моќните супермаркети.
Не велам дека немаме одлични хумористи кои и тоа како знаат да Ве насмеат, но и хуморот, како и сѐ друго во овој консумерски свет, се нуди на пазарот како нешто што некој друг во твое име смета дека токму тој и таков ти е неопходно потребен. Ти не треба да се „замараш“, да бидеш духовит и да смислуваш шеги. Има готов хумор, спакуван, зачинет… треба само да се подгрее или побара помош од ВИ.
Голем дел од списанијата и весниците во кои си работел веќе не постојат. Како се снаоѓаш во „новото“ време?
– И после толку изминато време откако згаснаа многу угледни и квалитетни весници и списанија не можам да се изначудам со каква леснотија сите ние го прифативме тој „геноцид“. Со каква негрижа се уништија пишани документи и фотографии од едно време кое на тој начин е осудено на едноставно непостоење. Како да се потврдува сѐ помоќно тезата дека сѐ почнало од вчера. Корените на нашето културно богатство се откорнати и се сушат некаде високо во загадениот ни воздух. Многу ретко се пишува хумор по пишаните медиуми, можеби, затоа што сѐ она што секојдневно ни се случува е една огромна хумореска во која, за жал, преовладуваат црни нијанси под влијание на секојдневните вести, кои се обична црна хроника.
Јас лично, својата желба да создадам нешто ново, интересно и возбудливо ја исполнувам со пишување поезија и проза за деца. Тоа беше поинтензивно кога излегуваа детските списанија, како, на пример, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, но, за жал, и нив ги снајде истата судбина како на другите весници и списанија.

Што најмногу те мотивира да останеш и опстоиш во писателската дејност?
– И самиот често си го поставувам тоа прашање. Зарем уште имам страст за пишување? И одговорот е – да. И покрај доста објавени книги, туку ќе се појави, од нигде никаде, некоја нова идеја што ќе ти понуди забава во тоа да ја спакуваш во песна, расказ, па еве и во подолга проза, како што е романот (инаку прв мој роман за деца и млади) „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“, модерна еко-бајка за нашиот, за жал, полн со ѓубре Капиштец, кој за потребите на книгата го доби тоа уметничко име Капи и Штици. Оваа населба во која живеам е вистински бетонски цвет на нашето секојдневие задушено во сопственото ѓубре, искршени бекатон плочки, кучешки измет, море автомобили во секое време и секогаш погрешно паркирани.
Овде не е проблем само неконтролираниот смет, тие диви депонии, разлетани како птици кеси со ѓубре… туку и безброј коцкарници, кои личат на блескавата куќа од чоколадо од бајката за Јованче и Марика, кафеани со прегласна музика, искршени клупи, уништени детски игралишта… ментална нехигиена од досега невидени размери. Сето тоа бара многу повисока еколошка свест од секој поединец и сметам дека кај децата читањето книги со еко-содржини барем малку ќе придонесе да ја рециклираме нашата околина во поздраво место за живеење.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 335, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.6.2026)


