Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ ќе се одржи во Дојран, Струмица и Гевгелија
Програмата, гостите и новитетите на петтото издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ беа соопштени на прес-конференција во Скопје.
Препорачано
Петтото издание на фестивалот „Преку езерото“ ќе се одржи од 8 до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија. Програмата ја претставија Јани Бојаџи, директор на фестивалот, Златко Гелески, селектор, и Дејан Милошевски, извршен директор.
– Фестивалот „Преку езерото“ останува доследен на тоа да е фестивал на филмови од регионот на Балканот и Медитеранот и да не се шириме надвор од тој архипелаг, кој има мошне значајно место во светот на кинематографијата. Поместувањето на терминот на фестивалот се должи на тоа што сакаме да им овозможиме на студентите и учениците кои сѐ уште не се заминати на одмор да можат да дојдат во Дојран, Гевгелија и Струмица и да уживаат во филмската магија. Проекциите на филмовите од главната селекција ќе се одржат во Дојран, во Амфитеатарот кој гледа точно преку езерото, а останатите програми, како краткометражната, студентската и кинематографијата во фокус ќе се одржат во Струмица. Годинава за првпат имаме кинематографија во фокус и тоа ќе биде современата иранската кинематографија – еден ирански филм ќе биде во селекција и ќе имаме негова светска премиера на „Преку езерото“ – рече Јани Бојаџи.
Тој информираше и за работилницата на која се развиваат и финансираат дипломски студентски краткометражни филмови. „Оваа работилница ја реализираме по третпат, веќе се снимени пет краткометражни играни филмови на студенти од македонските универзитети. Од минатогодишната работилница имаме два филма и тие ќе имаат светска премиера на фестивалот во Дојран“, соопшти Бојаџи и им се заблагодари на сите актери кои им излегле во пресрет на студентите и снимале без надомест.
Новитет годинава е соработката со „Креативна Европа“ и организирање на работилница на актуелна тема „Вештачката интелигенција и современата кинематографија“.
– Сите сме свесни дека голем дел од кинематографијата ќе биде создавана со алатките на вештачката интелигенција. Јас, како универзитетски професор го поттикнувам тоа и сметам дека не можеме да пливаме наспроти брановите и мора да се движиме заедно со развојот на технологијата, затоа што филмот е применета уметност – не можете да направите филм ако не примените технологија. Таа се развива и сите умни колеги порано или подоцна ќе сфатат дека борбата против технологијата е бесмислена. Таа работилница ќе ја водат два медија деска од соседството – веќе е потврден медија дескот од Бугарија, од каде ќе имаме предавач, а во преговори сме и со медија дескот од Србија, од каде чекаме потврда за нивниот предавач – информираше Бојаџи.
Селекторот на филмската програма, Златко Гелески, рече дека се посветил на сите лица, односно сите култури и филмови кои ги опфаќаат Балканот и Медитеранот.
– Главната селекција ќе брои шест филмови, поголем дел се од Балканот, но за останатите сакав да допрам до најдалечните точки на Медитеранот, за да се понуди диверзитет. Можам со сигурност да потврдам дека ниту еден филм не наликува на било кој од селекцијата. И токму тоа беше убавината на селекцијата. Предвидуваме гости од сите филмови на фестивалот, бидејќи токму гостите се тие што го прават фестивалот, а културната разновидност е токму она што го прави посебен „Преку езерото“ – рече Гелески.

Во селекцијата на краткометражни филмови ќе има 15 наслови од кои половина се од странство, а другата половина се македонски филмови. Во студентската програма се поместени 12 филмови од студентите на Универзитетот во Тетово, ЕСРА и ФДУ, а фестивалот и годинава ја има и програмата за деца.
– На 10, 11 и 12 јули ќе се одржи работилницата за развој на сценарија под менторство на Александар Русјаков и секој што сака да биде дел од неа може да аплицира на веб-страницата на фестивалот – информираше Дејан Милошевски, кој истакна дека годинава очекуваат над 100 гости.


