Симонида Селимовиќ, Дина Дума, Лабина Митевска и Вања Сремац / Фото: Dominik Bindl / Getty images / Profimedia

Голем успех за Дина Дума — „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја освои наградата „Нора Ефрон“ на Трајбека

Македонската режисерка Дина Дума постигна голем меѓународен успех откако нејзиниот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја освои престижната награда „Нора Ефрон“ на филмскиот фестивал Трајбека во Њујорк.

Наградата се доделува на исклучителни режисерки чие творештво го отсликува духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон.

Филмот ја имаше својата светска премиера на 5 јуни во рамките на програмата „Меѓународна натпреварувачка селекција“ на фестивалот Трајбека, со што стана првиот македонски филм прикажан на овој престижен фестивал основан од Роберт де Ниро.

Според продукцискиот тим, проекцијата се одржала пред преполна сала на Менхетен, по што следувала долга сесија на прашања и одговори. Публиката и филмските професионалци упатиле бројни пофалби за режијата на Дума, особено за автентичноста на приказната и работата со актерите.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја следи приказната на 11-годишната Адела и нејзината постара сестра Зара, кои растат во Скопје, постојано движејќи се меѓу два света. На училиште тие се обични тинејџерки кои возат скејтборд, користат социјални мрежи и мечтаат за подобра иднина, додека дома се соочуваат со сиромаштија и строгите правила на традиционалната средина во која живеат.

Кога нивниот татко ќе го напушти семејството, мајката останува сама да се грижи за децата. Соочена со финансиски тешкотии, семејството се наоѓа пред можноста Зара да биде омажена преку традиционален пазар за невести. Одбивајќи да се помири со таквата судбина, Адела тргнува во борба да ја заштити својата сестра.

Постерот за „Скејтбордингот не е за девојчиња“ / Фото: Промо

Успехот на Трајбека доаѓа само еден ден откако беа објавени првите меѓународни критики за филмот. Угледниот филмски портал „Синеуропа“ оцени дека Дума покажува „сигурен режисерски глас и јасна контрола врз материјалот“, истакнувајќи дека нејзината работа нуди важна и современа перспектива за положбата на жените во општеството.

Позитивни критики пристигнаа и од „Филмхаундс“, „Некст Бест Пикчер“, „Анпејд Филм Критик“ и „Попкорн ривјус“, кои ја пофалија реалистичноста на приказната, емотивната длабочина и суптилниот режисерски пристап.

Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со Лабина Митевска како продуцентка, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е македонско-белгиско-словенечко-хрватска копродукција и втор долгометражен филм на Дина Дума по наградуваното „Сестри“, потврдувајќи ја нејзината позиција како една од најзначајните авторки од новата генерација македонски филмски режисери.

Филм на Дина Дума направи пробив на американската независна филмска сцена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот